Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Фаца на месецот

slobodanka-cicevskaВо магијата на театарот се вљубила уште како средношколка, а денес ѝ е најдраго кога работи со учениците од гимназијата во Велес. Актерката Слободанка Чичевска од велешкиот „Театар Џинот“ се спремала во животот да биде инженер, но театарот станал нејзината животна кариера со илјадници луѓе публика и многу наградувани претстави.

Медиум: Кои се корените на Вашата кариера?

Слободанка: Уште како ученик во гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес, во далечната 1979 година, освен што бев член на драмската и рецитаторската секција во училиштето, играв претстави во тогаш Аматерскиот драмски театар „Ј.Х.К. Џинот“. Имав среќа да работам со професионални актери, големи ентузијасти кои беа вработени во театарот од кои многу научив и што е најважно се заљубив во магијата што ја создаваше театарот. Претставите во кои тогаш играв едно по друго беа прогласувани за најдобри претстави на драмските смотри во Кочани, а како носител на главните женски ролји бев добитник на наградата за најдобра женска улога во „Младоста пред суд“ и следната година како Соња во „Злосторство и казна“.

Медиум: За која друга дејност имате размислувано во текот на школувањето?

Слободанка: Бев најдобар рецитатор во Македонија, па така имав чест да ја претставувам Македонија во Загреб, Добој, Призрен, Требиње ... но, не мислев дека театарот ќе ми биде животна определба. Како одличен математичар се запишав на ЕТФ во Скопје и се спремав да бидам инжинер.

slobodanka-cicevska1Медиум: Како се одвиваше текот на Вашата кариера?

Слободанка: Во 1984 година со „Сомнително лице“ во режија на легендата Петре Прличко и со него во главна улога (јас му бев партнерка и ја играв Анѓа) театарот доби ново име „Драмски театар“, без атрибутот аматерски, и тоа беше предвесник за враќање на професиналниот статус. Веќе во 1986 година со „Крал Иби“ добив понуда да се вработам во тогаш веќе професионалниот театар. Ја оставив електротехниката настрана, а школувањето го заокружив подоцна во Софија и го започнав мојот пат на даските што живот значат со Агафја во „Женидба“, Дона Елвира во „Дон Жуан“, Соња во „Вујко Вања“, Попова во „Мечка“ – впрочем сите главни женски ролји во тој период. Од 1992 година почна сонот Стоби – антички театар. Со Електра во „Електра“ од Еврипид. Сон во кој освен Електра пред повеќе од 3.000 гледачи ја живеев и Антигона во „Антигона“ од Софокле, Клитајмнестра во „Ифигенеја во Авлида“, Елена Тројанска во „Орест“ и многу други.
 
Медиум: Дали имате глумено во претстави за деца?

Слободанка: Да, некако многу природно си дојдоа и претставите за деца, за кои пишував и текстови како „Смрзнатиот пингвин“, „Маја и крадците“, правев адаптации и ги режирав, како „Царче жарче“, „Натпревар за мразонаследник“, а посебно ми е драга „Златната рипка“ работена по Пушкин, која е добитник на Гранд При за најдобра претстава за деца на ФААД.

Медиум: Каква е Вашата соработка со младите таленти од Вашиот град?

Слободанка: Работата со млади таленти започна со „Емигранти“ од Мрожек и „Божилакот и смртта“ со младинската сцена во театарот, за после да се оформи во Младинско драмско студио „Прличко“ каде членуваа деца од 6 до 18 години. Посебно ми е драга работата со учениците од гимназијата „Кочо Рацин“ со која ме врзува долгогодишна соработка. Ми се враќаат спомените од моите почетоци и мило ми е што некои од тие некогашни ученици денес се мои колеги, кои заедно со мене чекорат на сцената во новоизградениот објект на „Театар Џинот“.

Репортери: Илина Димовска и Сара Тодоровска, II-2, ОСУ „Кочо Рацин“ - Велес

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk