Фаца на месецот

Биди новинар и интервјуирај познати личности чиј успех или искуство вреди да се сподели со младата публика.

Малку се храбри јавачи спроти брановите

Ана Јовковска, новинарка

ana-jovkovskaПодготовката на мултимедијалниот проект со најдобрите интервјуа во изминатите 10 години е моменталната преокупација на новинарката Ана Јовковска. Во интервјуто за „Медиум“ вели дека никогаш не градела однос на стравопочит кон определени авторитети и идоли и дека отсекогаш се трудела да биде одговорна кон себе си исто онолку колку пред другите. Приватно, во последно време практикува гледање филмови со пријателите и долги дискусии по нив.

Медиум: Моментално, што е актуелно кај вас? Кој е вашиот најнов проект?

Ана: Периодов сум преокупирана со новиот мултимедијален проект, книга на интервјуа или монографска збирка со најдобрите интервјуа кои сум ги направила изминативе десет години новинарска работа. Бидејќи се скоро 500 интервјуа на број, се разбира авторското дело ќе биде остра селекција од сето тоа. Станува збор за книжевно дело кое ќе ја документира современата историја на Македонија, во филозовско-есеистички манир и со широк тематски спектар. Во овој момент не би откривала повеќе бидејќи проектот е планиран да види светло следната година. Еве сега прв пат јавно објавувам за ова (се смее)

Медиум: Покрај вашиот професионален ангажман, поврзани сте со разни иницијативи на граѓански активизам. Вие сте голем поддржувач на активизмост и волонтерството и го почнавте Автономниот културен социјален центар во Скопје - АКСЦ. Како можат младите луѓе повеќе да се вклучат во тоа поле?

Ана: Не сакам да звучам како учителка која нешто препорачува, но можам да ги охрабрам младите своето слободно време да го користат умно, креативно, ангажирано и хумано. Има време и за кафулиња, но има време и за изложи и за дебати. АКСЦ е еден таков простор, формиран волонтерски, од ентузијасти и од луѓе кои се борат за секој вид на слобода, од уметничката до општествената. Младите луѓе кои немаат страв имаат крилја да летаат и да менуваат, на подобро се разбира.

Медиум: Автор сте на многубројни телевизиски емисии, но „Пулс“ е вашиот заштитен знак. Што ве водеше додека ја обмислувавте емисијата?

Ана: Поривот за квалитетна дебата, потребата за неконтаминиран медиумски простор, жедта за континуирана едукација и најважно од се - игривоста на слободната мисла.

Медиум: Колку време се подготвувате за една емисија?

Ана: Цел живот. (се смее) Подготовките за емисија не се само новинарските концепти и сценариото, следењето на актуалните теми во општеството и читањето книги, ниту пак организациските работи и часовите поминати во студио или на монтажа, туку апсолвираното знаење и животното искуство. Затоа е важно да се движиш мегу луѓето со широко отворени очи, оти секој ден учиш нешто ново, за себе, за другиот, за се.

ana-jovkovska1Медиум: Уште од мали нозе сте присутни во медиумите и јавноста. Можете ли да ни го опишете тоа 12-годишно искуство, а особено на кои сè начини тоа Ве дефинирало како личност и како професионалец?

Ана: Сега, кога ме потсетувате на бројката од 20 години медиумско мантрање или 20 години под ТВ рефлектори, се чувствувам како борците пред пензија. (се смее) Таквата континуирана телевизиска кариера, прави да живеете во зениците на другите, а тоа подразбира живот под притисок. Се обидов притисокот да го пренасочам во мотивација - секој ден одново да се трудиш да станеш подобар човек. Тоа е најважно на крајот на денот, а не привилегиите на популарноста. Јавните професии ги разобличуваат луѓето во еготрипови, тука насочив голем дел од борбата – во обидот за скромност. А професионалец си кога си одговорен пред себе си, исто онолку колку што си одговорен и пред другите.

Медиум: Вашата професија бара прецизност и досетливост, имало ли моменти кога нештата не оделе како треба? Кој ви е омилениот начин да се „извлечете“ од такви ситуации?

Ана: Кога работите во телевизија, а за телевизијата се вели дека е медиум на гаволот, нештата постојано не одат како што треба. Тешко е да се борите со медиокритетското опкружување во професијата, со естетиката на Гранд ѕвезде, со реториката на турските серии, со сензационализмот и насилството во вестите, со ефтините политики, со притисоците за рејтинзи и алчноста за профит. Тешко е да пливата спроти брановите, но се друго е давење во плиткото.

Медиум: Вие сте инспирација на многумина млади во Македонија. Од кои личности сте црпеле и црпите инспирација за она што го правите и за она што суштински Ве дефинира?

Ана: Ви благодарам за оваа констатација, драго ми е ако она што го работам некому е добар пример. Никогаш не сум градела однос на идолатрија. Така сум воспитана, без авторитети и идоли. Родителите ме учеа да почитувам, но да немам стравопочит кон кого било, да сакам, но да не обожувам. Мала е разликата, ама голема. (се смее)

Медиум: Освен со тоа што се бавите професионално, кои се активностите со кои се занимавате во слободното време?

Ана: Пишувањето ми е број еден! Поезија, проза, а многу сакам и театар и кино. Во последно време се повеќе ги сакам и вечерите со пријатели и домашно кино, значи домашниот амбиент и групното гледање на ангажирани и кретивни документарци и долгите дискусии по нив. Возењето точак ми е на менито за сите сезони, а сега доаѓа зима, па се подготвувам за планина и скијање.

Медиум: Како Вие денеска би ја оцениле медиумско-новинарската писменост на сегашната млада генерација и како младите можат да дадат позначаен допринос на тоа поле?

Ана: Некои млади колеги личат на предвреме пензионирани старци, без желба за истражување, за спротиставување, за докажување. Без интегритет и личен печат и што е најстаршно од се – без порив да се изборат за својата слобода. Малку се храбри јавачи спроти брановите.

Медиум: И последно, кога сега би биле средношколец, што би си препорачале себе си?

Ана: Смелост и креативност!

Автор: Габриела Милкова, средношколка во гимназијата „НОВА“

Read 120 times Last modified on Четврток, 09 Март 2017 13:46

Leave a comment

Make sure you enter all the required information, indicated by an asterisk (*). HTML code is not allowed.

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

 
Адреса
ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004