Фаца на месецот

Биди новинар и интервјуирај познати личности чиј успех или искуство вреди да се сподели со младата публика.

Рокер наместо професор по географија

Бени „Нонстоп“

beni3Еден од најпопуларните рок-пејачи на македонската естрада бил средношколец со сите петки. Бени Шеќири од „Нон стоп“ во интервју за „Медиум“ зборува за идолите на неговата генерација, се сеќава на почетоците од својата кариера и најавува интересни проекти во блиска иднина. Нѐ покани на свирка со неговиот бенд во еден од скопските клубови и воопшто не му пречеше тоа што додека копаше низ сеќавањата, неколку пати го прекинуваа гостите, кои срдечно ги отпоздравуваше.

Медиум: Со новата песна ,,Си беше еднаш” во соработка со Златко Ориѓански и Дарко Лешоски, публиката имаше можност да го види Бени во едно сосема поинакво светло. Од каде беше идејата да соработувате во проект различен од рокенролот?

Бени: Идејата беше на Митко Димовски. Тој ми се јави и ми предложи да ја реализирам оваа песна. Ми напомена дека не е рок, но не ми пречеше. Влеговме во студио, снимивме и видовме дека излезе многу добро. Кога се работи со луѓе со компатибилни карактери, тогаш се шири позитивна енергија и успешно се работи. Ме радува што гледам дека песната е добро прифатена од публиката.

beni1Медиум: Како Бени, рокерот во душа, успеа да се пронајде во овој тип музика?

Бени: Мене ми беше супер. Тоа е исто како Мајкл Џордан кога се откажа од кошарка и одите да игра бејзбол. Иако во тоа е најлош, него му е супер. И мене ми е така. Без разлика што не е рокенрол, тоа е музика. Глупаво е да се ограничуваш себеси како музичар и да си ставаш некакви стеги. Мене, главно, при срце ми е рокенролот. Јас сум рокер во душа, ама сите излети паралелно со тоа се добредојдени. Планирам да снимам уште четири нови композиции. Една песна со Златко Ориѓански, една балада на српски јазик и две балади на македонски јазик.

Медиум: Редовно настапувате на „живи свирки“. Дали се сеќавате на вашиот прв настап пред публика и каква музика слушаше тогаш твојата генерација?

Бени: Точно се сеќавам дека прв пат настапив пред публика во 1982 година, во одморалиштето ,,25 ноември" во Струга. Растевме во време на експанзија на диско музиката, во втората половина на 70-тите години, кога цел свет беше луд по панкот и диско музиката. Од една страна беа ,,Секс пистолс", ,,Рамонес" и други, а од диско музиката беа ,,Темптејшн" и Дона Самер. Jaс се најдов на средина и слушав хард-рок. Ги сакав ,,Бед компани'' и ,,Гранд фанк реилроуд". ,,Вајт снеикс" ми беа најголеми идоли. Стиви Вондер многу го сакав, иако припаѓаше на некаков неконвенционален, тогашен диско ритам. Го сакав поради гласот и мислам дека е најдобриот роден пејач на планетава.

Медиум: Покрај свирките по клубови и кафулиња, Бени и ,,Нон-стоп’’ се многу барани да свират на различни настани.

Бени: До сега имаме свирено преку педесет матури во рокенрол стил. Наскоро имаме и три свадби на кои ќе свириме рокенрол. Најчудна понуда добив пред некое време, кога ме замолија да ја свириме на погреб ,,Nocking on Heavens Door”, но мислев дека е апсурд и одбив.

Медиум: Што мислиш за вкусот за музика на младите денес? Постои ли жар за рокенролот во младата генерација како во минатите години?

Бени: Би звучел банално кога би ги генерализирал работите и би ги ставил сите во ист кош, ама генерално мислам дека е катастрофа. Може да се забележи дека добра песна после 90-тите години е многу тешко да се сретне. Ако имаш добра музика после 90-тите години, тоа е во суштина повторање на тоа што претходно се правело. Зборувам за оригиналноста и верноста на нешто што е првпат слушнато во тој обем, во таа форма. Зборувам за рокенролот. Ние ќе направиме една песна во две-три години, ама генерално свириме обработки на стари евергрини.

beniМедиум: Каков беше Бени како средношколец?

Бени: Бев одличен ученик со 5.00 просек во текот на четирите години. Покрај тоа бев претседател на младински актив во училиштето и најголем бегач од часови. Исто така, многу го сакав спортот. Играв кошарка и бев многу близок со професорите по физичко. Ниту останатите професори не ми замеруваа многу за редовноста на часовите, затоа што знаеја дека во секое време бев спремен да одговарам. Јас малку учев дома. Се што учев беше на часовите. Можеби така купував знаење. Никогаш не бев од оние типови кои се задеваат, фрлаат со креди или ливчиња, затоа што кога веќе си на час подобро слушај отколку да го губиш времето залудно.

Медиум: Кога ќе се свртите назад во твоите денови како средношколец, што ти останува најмногу во сеќавање?

Бени: Паметам дека мојот класен професор не ме оставаше да пуштам коса. Никогаш нема да заборавам дека на трети јуни ме прати на стрижење. Се истрижав како зелка.

Медиум: Кога би можел да се вратиш во средношколските денови, посто ли нешто што би го направил поинаку?

Бени: Не би променил ништо, затоа што во тоа време во образованието беше поинаку и немаше простор за избор. Тоа беше систем што функционираше и мораше да се учи. Не беше како денес да се добиваат оценки со помош на родители и ургенции. Немаше ученик што добил петка без да ја заслужува. Кога професорот ме прати на стрижење го молев татко ми да оди и да го замоли да ме остави. Но, тој ми рече дека ако кажал така професорот, тогаш ќе одам да се стрижам. Денеска во образованието е поинаку.

Медиум: Што би бил Бени ако не беше пејач?

Бени: Не сум размислувал, затоа што уживам во мојата професија. Кога завршив факултет требаше да бидам професор по географија. На првото интервју за работа влегов во канцеларијата на директорот со долга коса и обетки, а тој се чудеше на мојот изглед. Тоа беше прв пат во животот да ми се нуди работа, а да се молам да не ја добијам.

Медиум: Што би им препорачал на младите генерации?

Бени: Да не се дрогираат. Дрогата е глупост и самоуништувачка. Сметам дека тоа го имаат измислено за да се заведуваат лабилни личности. Никогаш во животот не сум пробал иако сум во рокенролот, а ние важиме за носители на таа наркоманска линија. Јас сум спортист и трчам на кеј, се качувам на Водно и возам велосипед.


репортери: Тања Кангалова и Ирена Каревска,
студентки на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста

Read 156 times

Leave a comment

Make sure you enter all the required information, indicated by an asterisk (*). HTML code is not allowed.

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

 
Адреса
ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004