Фаца на месецот

Биди новинар и интервјуирај познати личности чиј успех или искуство вреди да се сподели со младата публика.

Веднаш се менувам за една недела во средно

Драган Спасов – Дац

dragan-dac1Актер, советник, а од неодамна и поет. Но, она што најмногу го љуби е глумата, за која смета дека се пронашле еден со друг уште од мали нозе. Неговото последно филмско осварување е улогата во „До Балчак“ којшто тој едноставно го нарекува голем филм. Во разговор со редакцијата на „Медиум“, Драган Спасов - Дац зборува за неговите професионални ангажмани, за почетоците во актерските води, но и за секавањата кои го врзуваат со средношколските клупи.

Медиум: Кои се реакциите на најблиските и на публиката за „До балчак“ и за вашата улога го него? Дали сте задоволни од фидбекот што го дава публиката?

Дац: Им се допаѓа филмот и им се допаѓа мојата улога. Атрактивна е и верувам дека добро ја направив. Се јавуваат и ми кажуваат дека го гледале филмот и им се допаднал. Иако улогата е сепак една епизода.

Медиум: Каде, според Вас, повеќе лежи возбудата? Во тоа да се глумат емоции на сцена, директно пред очите на публиката, или во филм, каде што сѐ е сервирано однапред како еден вид уметнички пакет?

Дац: Јас кога почнав со оваа работа мислев дека само во филмови ќе глумам. Такво чувство имав, но ме излажа зашто тука слабо се снимаат филмови. Од друга страна, не бев дел од тие филмови коишто се снимаа тогаш. Но, правиот контакт со публиката е театарот – тука нема збор. Во театарот ја чувствуваш публиката, па дури и имаш трема при првата изведба, односно на премиерата. На филмот пак, јас отидов да ја гледам премиерата. Малку различно е. Како е снимено во филмот не зависи од тебе, како е монтирано, исто така не зависи од тебе. Може и воопшто да те нема во филмот, ако не му требаш на режисерот. Така што, филмот е комплетна друга работа од театорот.

Медиум: Во септември ја промовиравте вашата прва збирка поезија „До 101 и назад“, а стиховите во неа се посветени на Вашата сопруга Весна. Од каде всушност дојде идејата да напишете збирка поеми?

Дац: Не станува збор за некоја идеа, туку за некоја муза, инспирација што ме поттикнала да напишам нешто. Веројатно во мои години се случуваат такви работи. Отсекогаш имам пишувано, но сакам тоа што јас го чувствувам во тој момент да го ставам на хартија. Ама сите песни ми беа запишани во телефон, така што книгата од телефон си ја пренесов на хартија.

dragan-dacМедиум: Што е следно на Вашиот репертоар?

Дац: Следна е една приватна претстава, којашто ќе ја работиме со прекрасна екипа. Ќе играме четворица, двајца машки и две жени. Треба да излезе кон крајот на февруари. Друго ништо не кажувам!

Медиум: Да се биде актер е повеќе труд или талент?

Дац: Талент пред сѐ. Треба да се работи, без разлика на тоа колку многу е талентиран човекот, но за оваа работа талентот е многу важна работа. Тој што нема талент не може да глуми во театар. Но, во филм може. Зависи од режисерот, во филм може да игра речиси секој. Во театар, тоа публиката може да го забележи. Кога слушаш некој како пее, не може да те излаже. Ако имаш слух, точно знаеш кој пее добро, а кој пее лошо. Така и во театар се забележува.

Медиум: Кога би можеле да изберете личност од драмскиот свет, со кој би соработувале? Имате ли некоја неостварена професионална желба?

Дац: Сѐ ми е остварено! Сакам да работам во убав престој и со убави луѓе, а тука ги има тие. Кога има убава атмосфера додека се работи за претставата, тоа е многу добро, зашто така и се чувствуваш. Обично, во претставите во коишто јас глумам, самите глумци си ја правиме атмосферата. Досега немало лоша атмосфера, во којашто не може да се работи. Така што, тоа е најважно за една претстава. Во такви претстави сакам да работам. Секој сака да работи со добри режисери, на добар текст и со добри колеги. Сѐ имаме тука.

Медиум: Минатата година ја добивте актерската награда за животно дело „Петре Прличко“. Но, таа е само една од многуте награди и признанија кои ги имате добиено во текот на Вашата кариера. Сепак, има ли некоја која Вам посебно ви значи? Дали сметате дека тие се поттик за актерите?

Дац: Не, нема некоја која посебно ми значи. Ги сакам сите подеднакво. Сепак, наградата е едно признание коешто си го направил. Сметам дека се поттик, иако кај нас наградите се само за душманите. Сега гледам на фестивал којшто се одржа неодамна, прва награда е 20.000 евра за песна испеана од пет минути. Кај нас, најголемата награда е петстотини евра. На сцена си два часа најмалку, а пред тоа си ја работел таа претстава два месеци најмалку, и добиваш петстотини евра награда, а некој што е пет минути на сцена и одвоил два дена за да ја сними некаде добива 20.000 евра. Малку чудно, нели?

dragan-dac2Медиум: Вие сте син на познатиот актер Стево Спасовски. Гледајќи го Вашиот татко низ годините како глуми, дали на тој начин се роди Вашата желба и Вие да станете актер, или пак желбата за глума произлезе од нешто друго?

Дац: Уште кога бев дете реков дека ќе бидам актер, или глумец, како што ние меѓу нас сакаме да си кажеме. Тоа беше моето решение уште од мали нозе, но низ годините што поминуваа таа желба се поттисна, па чекаше и тлееше да дојде време. Не зборував многу за глумата. Доаѓав и гледав претстави, но воопшто не зборував дека ќе одам на Академија, сѐ додека не дојде редот, завршив четврта година средно и реков: „Јас одам на Академија.“ Не беа збунети блиските бидејќи знаеја дека тоа ќе се случи. Потоа ја завршив Академијата и се вработив во театарот каде што сакав да се вработам.

Медиум: Ајде да се навратиме во Вашите средншколски денови. Каков средношколец бевте?

Дац: Јас бев ученик којшто бегаше од часови. Бев проблематичен, дури и полагав еднаш, но никогаш немав проблем со професорите или со учениците. Бев дружељубив и ме сакаа и едните и другите. Сакав што побрзо да помине средношколскиот живот за да се запишам на Академија. Средното училиште ми беше една пречка којашто морав да ја поминам за да стигнам до Академијата. Кога би ме прашале мене, после осмо одделение би се запишал таму директно. Убави моменти имало во текот на школувањето, но не со училиштето, туку беа поврзани со моите пријатели, па и девојки. Најважна работа од овој период е дека го сретнав и пронајдов мојот најдраг пријател и кум Горан Ацевски.

Медиум: Кога би требало да се одлучите помеѓу добивање главна улога во претстава и враќање на една недела во средношколскиот живот и дружење со средношколските другарите, што би одбрале?

Дац: Се менувам веднаш! Ќе ја оставам претставата затоа што сакам уште една недела да бидам средношколец. Затоа уживајте додека сте средношколци.

Медиум: Сметате ли дека постои театарска култура кај младите?

Дац: Па, она што забележувам во последно време е дека одат многу поретко во театар. Јас кога бев млад колку вас, јас одев, но и воопшто се одеше многу во театар. Таа генерација одеше и беше преполно. Сега оваа генерација што треба да оди е повеќе на интернет и излегува подоцна, а во мое време по претставата немаше ни каде да се оди, зашто по десет часот ништо не работеше. Сега па е обратно – сѐ почнува да работи по десет часот. Немам претстава зошто не доаѓаат во театар. Дури и некои луѓе кои порано оделе во театар, сега ми кажуваат дека не се ни сеќаваат кога за последен пат биле.

Медиум: Која е Вашата порака до младите генерации?

Дац: Мислам дека премногу се седи на Фејсбук, Инстаграм и сѐ останато. Порано имаше многу повеќе движење. Јас не бев прибран дома, бев цело време по улица. Не дека „лутав“ и правев глупости, туку играв кошарка, школица, сервис, не е важно – сѐ игравме. Постојано возевме со нашите велосипеди. Дома се прибиравме само кога ни се јадеше и нормално, кога моравме да учиме. Арно ама, голем дел од младите само со телефоните седат. Прво нема муабет, цело време се со телефончето и само зјапаат во него. Второ, цело време се седи дома и со часови се губи време.

Репортер: Љубица Николовска, студентка на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста

Фотографија: Габриела Милкова, средношколка во средното училиште „НОВА“

Read 86 times

Leave a comment

Make sure you enter all the required information, indicated by an asterisk (*). HTML code is not allowed.

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

 
Адреса
ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004