Фаца на месецот

Биди новинар и интервјуирај познати личности чиј успех или искуство вреди да се сподели со младата публика.

Не размислувајте многу, туку работете со љубов

 Марија Јаневска, писателка

marija-janevska-pisОд анонимна блогерка која се појави во 2012 година, прерасна во хит на социјалните мрежи. Нејзината фан страница на Фејсбук насловена „Белешките на Лајла Грејс“ за две години собра повеќе од 70.000 лајкови. Љубовните приказни и цитати коишто секојдневно ги објавува се илјадници пати споделени од нејзините фанови. Потенцијалот што го носи нејзината мисла беше награден со тоа што издавачка куќа застана зад неа и сега ја најавува нејзината втора книга.

Медиум: Твојот блог ја означи твојата писателска кариера. Набрзо стана хит на Фејсбук со илјадници лајкови на твојата фан страница. Од каде ја доби желбата за пишување и дали очекуваше толку голем успех?

Марија: Желба за пишување сум имала од секогаш и таа моја желба беше повеќе инстинкт, природен нагон, отколку желба. Уште како мала имав стара машина за куцање во соба и глумев дека сум писател, баш како што многу деца си играат дека се доктори, пилоти или учителки. Со текот на годините во општество како нашево се убедив дека тоа е само детски сон. Се запишав на Фармација и заборавив на пишувањето. Кога пишував, пишував за себе. Никогаш немаше ни да помислам дека ќе бидам македонски бестселер. Откако случајно си го остварив сонот, сфатив дека во Македонија младите забораваат да сонуваат, си ги забораваат желбите и се срамат од своите таленти. Задоволни се од малку и живеат просто и плитко секојдневие.

Медиум: Неодамна на фан страницата објави слика која навестува втор дел на твојата книга. Колку време го пишуваш вториот дел и кога може да го очекуваме неговото објавување?

Марија: Да, вториот дел од Белешките – „Карма“ е готов. Грубо кажано – манускриптот е готов, не целата книга како продукт. Сега се работат финесите. Има уште многу работа, од корица до графички дизајн, од маркетинг до продажба. Книгата ја пишувам нешто помалку од првата, помалку од една година и се надевам дека ќе го фатиме последниот воз во декември и читателите ќе можат да ја имаат книгата во своите домови пред Нова година.

marija-janevska-pis1Медиум: Што да очекуваат читателите од продолжението?

Марија: Не би сакала да откријам многу. Ја сакам спонтаноста и сметам дека кога се чека е послатко. Моите читатели многу добро го знаат мојот стил и мислам дека ќе дозволат и овој пат позитивно да ги изненадам. „Карма“ е нов бран од емоции кои нема да дозволат да се затворат страниците. Мислам дека ќе уживаат во уште една серија од совршено сложени зборови.

Медиум: Има ли во Македонија услови за напредок на младите писатели? Ја добиваат ли потребната поддршка?

Марија: Реално, услови и поддршка нема. Ниту финансиска, ниту морална. И тоа е до држава во која живееме. Меѓутоа, ако нешто навистина сакаш, секако ќе се оствари. Едноставно потребно е малку повеќе работа, барање спонзорства и пред се`, поддршка и љубов од твоите фанови. Тие се пиедесталот.

Медиум: Како се чувствуваш кога гледаш дека стотици луѓе ги споделуваат твоите цитати, а не ретко се случува и да ти ги ископираат приказните и да го избришат твоето име како писателка?

Марија: Порано ми пречеше кога ќе видев дека некој ископирал нешто мое, но повеќе не. Грејс стана бренд од емоции и моите читатели ги знаат моите зборови напамет. Доволно ми е што знам дека сум допрела до толку многу луѓе насекаде. Навистина копирањето не ми значи ништо. Го надраснав сето тоа.

Медиум: Во кое средно училиште учеше и дали би сменила нешто од твојот средношколски живот кога би се вратила неколку години наназад?

Марија: Сите четири години си ги поминав во моето драго „Јосип Броз – Тито“. Ме изделка на сите можни начини и ме направи многу поиздржлива отколку што тоа би го направило друго средно училиште. И цврсто стојам зад тоа дека „Јосип Броз“ не е само обична скопска гимназија. „Јосип Броз – Тито“ е еден поинаков свет. Дали би сменила нешто? Можеби. Не многу, но некои мали кривини би ги фатила подобро. Сепак, мислам дека изборите од тинејџерските години ме направија тоа што сум денес и навистина не би се менувала.

Медиум: Што најмногу читаше кога беше средношколка?

Марија: Во средно покрај стандардните лектири и дела, читав и книги кои повеќе ме копкале. Со текот на годините Хесе ми ја отвори имагинацијата и се` повеќе уживав во неговите книги. Сестрите Бронте ми беа полесни за читање и ги читав секогаш кога се чувствував преморена бидејќи пишуваат исто како да гледаш филм. Лесно и течно. Како и многу од тинејџерките тоа време, бев фан на Самрак сагата, ама го читав и Коељо и Петре М. Андреевски. Понекогаш имаше периоди кога читав само поезија и знаев да се заборавам читајќи го Пабло Неруда со денови.

Медиум:  Што би ги посоветувала средношколците кои се занимаваат со пишување или со некоја друга уметност?

Марија: Пред се` да не размислуваат многу, туку да работат од љубов. Младите премногу размислуваат на тоа како да се издигнат над толпата уметници отколку што уживаат во своите дела. Така само размислуваат стратешки и не дозволуваат талентот да си го создаде својот пат природно. Уметноста не се планира. Јас никогаш не знам кој ден колку и дали воопшто ќе напишам нешто. Се` оди спонтано. Сите оние кои го сакаат она што го прават треба да знаат едно нешто – уметноста не познава граници. Се издвојува случајноста. Искреноста е таа што се препознава од километар. Вистинската љубов кон уметноста оди до крај. Таквите луѓе не се откажуваат. И верувајте кога тогаш успеваат.

 

Репортер: Мартин Манасков, студент на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста

Read 124 times

Leave a comment

Make sure you enter all the required information, indicated by an asterisk (*). HTML code is not allowed.

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

 
Адреса
ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004