Фаца на месецот

Биди новинар и интервјуирај познати личности чиј успех или искуство вреди да се сподели со младата публика.

Научив дека сите луѓе се добри и сите луѓе се лоши

Мартин Ѓоргоски, главен лик во филмот „Џган“

martin dzgan1Мартин Ѓоргоски, кој ја толкува главната улога во најновиот долгометражен македонски филм „Џган“, е средношколец во скопската гимназија СУГС „Никола Карев“.

Поради актуелноста на филмот, но и несекојдневното искуство, одвои време да одговори на неколку интересни прашања за „Медиум“, конкретно за него и неговото прво искуство со глума во долгометражен филм.

Интервјуто го реализираше матурантката Јоана Тренеска од гимназијата „Орце Николов“, а фотографираше нејзината соученичка Сара Коцевска.

МЕДИУМ: Што според тебе беше пресудно за да ја добиеш главната улога во „Џган“? Физичкиот изглед, карактерот, глумата или возраста?

МАРТИН:  Мислам дека пресуден беше физикусот, едноставно ги исполнував параметрите за физичкиот изглед-низок, сини очи, син тен, како и сите останати нешта кои се бараа како фактор и доволен материјал за да ја добијам улогата. Бев на кастинг, одлглумив кратко пред камера и тоа беше тоа. Сѐ останато беше одлука на кастинг сервисот. 

МЕДИУМ:  Дали ова е твојот прв долгометражен филм или прво глумење воопшто?

МАРТИН: Ова ми е прво искуство воопшто на филм. Претходно се занимавав многу малку со театар во училиште и во „Медиа Арт“ во рамките на една претстава. Но, толку и беше потребно за да се развие љубовта за глума кај мене. 

МЕДИУМ: Дали планираш професионално да продолжиш со глума или можеби ќе избереш сосема нешто друго да студираш после средното образование ?

МАРТИН: Моментално, мојот план е да студирам токму глума, актерска игра. Но доколку нешто се смени во животот, најверојатно би се занимавал со уметност, литература. Затоа и се насочив на јазично-уметничкиот смер во училиште. 

МЕДИУМ: Како се снајде со училишните обврски додека беше ангажиран за снимање на филмот? Професорите ти попуштаа или сепак ги расипа оценките?

МАРТИН: Иако снимањето траеше 25 дена, што е доста кратко за долгометражен филм, последицата беше отсуство од училиште цел месец, што е навистина многу. Меѓутоа професорите како и секогаш, ме поддржаа и беа среќни што учествувам во еден таков проект. Ми излегоа во пресрет со отсуството и ми помогнаа да ја добијам оценката што ја заслужувам. 

martin dzganМЕДИУМ:  Би можел ли да одвоиш најомилен и најнеомилен училишен предмет?

МАРТИН: Најмногу сакам македонски јазик и литература, а најмалку хемија.

МЕДУМ: Имаш омилен филм или серија?

МАРТИН: Омилена серија ми е „Сопранови“, затоа што отвора многу прашања- за животот, љубовта, омразата, државата, криминалот и односите помеѓу луѓето. Има многу добри филмови, не можам  да одвојам најдобар, а ни жанр. Квалитетен филм, без разлика на жанрот, треба да го задржи вниманието на гледачот до крај. 

МЕДИУМ:  Со кој актер од актерската екипа најмногу се дружеше и со кој ти беше особена чест да соработуваш?

МАРТИН:  Се огледувам на Никола Ристановски. Не толку многу на професионален план, тој е сам докажан веќе, повеќе на приватен план, бидејќи ги дистанцира животот и работата на некој начин. Најмногу се дружев со Дениз Абдула, во филмот тој е мој најдобар пријател. И на некој начин требаше да изградиме некоја хемија, инаку уште сме во контакт и се дружиме. Генерално земено се дружев со целата екипа,, со децата, повозрасните и со оние со кои работев многу кратка минутажа. 

МЕДИУМ: Каков впечаток ти остави режисерот?

МАРТИН:  Вардан Тозија е многу професионален режисер, но и “лабав”човек.  Дава добри индикации, односно нема шанси да не го разбереш, што е и еден од условите за квалитетен режисер. 

МЕДИУМ:  Која ти беше најтешката сцена за изведување, вусшност која сцена најмногу ја повторивте?

МАРТИН: Физички најтешка, најлуда сцена за снимање беше крвничката борба на Филип и другото дете во руинираната зграда, ја повторувавме речиси 30-на пати, за што е потребен многу физички напор. Додека пак од полесните сцени, најмногу ја повторивме таа во која Филип му кажува на Петар дека има тумор во глава, дека му расте и го боли. Сцената се одолговлечи, бидејќи стапнав на една шајка и се повредив. Воедно, имаше еден агрегат отспротива, од медицинскиот центар, кој се пушташе на секои 15 минути и ни пречеше. 

МЕДИУМ:  Какво беше темпото на работа? 

МАРТИН:  Сѐ се одвиваше доста брзо, поради околностите, повеќето сцени се снимаа ноќе, немаше доволно пари, затоа и се заврши филмот за 25 дена. Во други случаи е порелаксирано, се снима по 2/3 месеци, една сцена во денот. И ние правевме дуплирање, но помалку во однос на други просечни филмови. Го немавме тој луксуз и време, ниту пак снимавме хронолошки за да оставиме една локација, па да се вратиме повторно доколку не ни успее снимањето во моментот. 

martin dzgan3МЕДИУМ:  Дали беше побарано од тебе да смениш нешто во изгледот, за да ја доловиш улогата на Филип?

МАРТИН: Беше побарано да ослабнам минимум пет килограм. Го направив тоа со исхрана и вежбање, а покрај тоа и ме потшишаа, избричија, нашминкаа, едноставно направија потоа сѐ што беше потребно.

МЕДИУМ:  Дали твоите очекувања, за снимањето на филмот, се поклопија со реалната слика?

МАРТИН: Имав некоја претстава од гледање холивудски филмови како се снима филм, но сепак македонскиот начин е похардкор и со тоа поблизок на душа. Сепак, не очекував толку брзо да тече снимањето, особено затоа што ова е мое прво искуство. Но, не ја осетив тешкотијата, чувството беше како да си излегол со другари да завршите некоја работа.

МЕДИУМ:  Дали твоето расположение може да влијае на тебе додека глумиш?

МАРТИН: Кај квалитетен актер не треба да влијае моменталното расположение. Актерската работа, особено на филм, е да се доведеш себеси до таа точка да можеш да ги манипулираш сопствените емоции во бараниот момент. Сум бил среќен, тажен или изнервиран за време на снимање, но се трудев тоа да не се види.

МЕДИУМ:  Дали во иднина би сакал да глумиш во друг вид на филмски жанр?

МАРТИН:  Доколку се одлучам за професионална кариера, не би дозволил да станам исклиширан актер, такви актери впрочем најмногу  и мене ме иритираат-играат цело време една иста улога, од еден ист жанр. 

МЕДИУМ:  Каков е според тебе карактерот на Филип и дали гледаш некакви сличности помеѓу тебе и него?

МАРТИН:  Карактерот на Филип за мене е позитивен, човек во таква ситуација краде за да јаде и не може да се каже дека е лош, бидејќи мора да преживее. Во однос на сличностите, можам да кажам дека емотивноста ни е заедничка карактеристика- не можам да трпам неправда, идентично како него. 

МЕДИУМ:  Како реагираше на насилните сцени, а и сексот во филмот ? Како актерски предизвик или скептично?

martin dzgan2МАРТИН : Како актерски предизвик, иако сум немал искуство со вакви сцени, бев свесен дека се работи за филм, сѐ работеше професионално, имавме и проби, трениравме за сите тие нешта, затоа и немаше никаков проблем.  

МЕДИУМ:  Дали состојбата со бездомните деца во Македонија е навистина е така алармантна, како што е претставена во филмот?

МАРТИН:  Има некои домови за деца без родители кои се на соодветно ниво, но во казнено-поправни домови за малолетни лица, состојбата е иста, дури и полоша. Има и вести за неодамна силувани, убиени, изгубени малолетници.

МЕДИУМ: Дали имаш девојка?

МАРТИН:  Немам потреба од врзување моментално, во врска сум со сам себе. 

МЕДИУМ:  Дали стекна популарност, нови познанства и нови можности после овој филм? Каков е односот на околината кон тебе?

МАРТИН:  Со најблиските ништо не е сменето. Ништо се нема сменето во моите погледи, а нови луѓе и познанства секако има, бидејќи ме гледаат како интересен нов лик.

МЕДИУМ: Што би им порачал на идните млади актери?

МАРТИН:  Кога работат да бидат сериозни, со почит кон работата. 

МЕДИУМ:  Што научи од целово искуство со „Џган“?

МАРТИН:  Научив дека сите луѓе се лоши и сите луѓе се добри. Јас верувам дека секој човек кога прави и злобни нешта, ги прави од некоја негова слабост и нежност. Секој човек длабоко во себе е добар. Но кога се работи за односите меѓу луѓето и функционирањето на општеството, можам со сигурност да кажам дека луѓето се ѓубриња. 

РЕКОА ЗА МАРТИН: Огнен Антов, продуцент-„Никој не е роден насилен“

- „Џган“ во себе ја носи пораката дека никој не е роден насилен. Низ самата порака се надевам дека успеавме да проникнеме кај кино-публиката и истата да ја пренесеме во целост. Особено ми е драго што истава порака им ја пренесовме на децата актери кои прв пат застанаа пред камерата и успеаја да увидат дека можеби постои и некаква идеја за нивната иднина.
Мартин Ѓоргоски, како лидер во филмот и како обично дете од училишната клупа на „Никола Карев“, веројатно најмногу ја разбра пораката. Лично се надевам дека еден ден тој ке биде уште посериозен актер со светска кариера, зад кој сите ќе застанеме и ќе се пофалиме дека ова е она малото дете од филмот „Џган“.

РЕКОА ЗА МАРТИН: Драгица Панова, класен раководител „На младите им треба малку ветер во грбот, а Мартин веќе полета“

-Темелен е, критички настроен, реален, но и фантазер во душа. Потенцијалот на Мартин за глума се гледаше уште во прва година, секогаш земаше учество во проекти поврзани со филм и театар, а часовите на кои тој правеше драматизација, беа вистински деликатес за мене и за учениците. По премиерата на филмот, Мартин, стана ѕвезда, постојано е на снимања и интервјуа, ама ние како наставници сме должни да го препознаеме талентот кај учениците и да го поттикнуваме, а не да го кочиме. На младите понекогаш им треба само малку ветер во грбот за да ги рашират крилјата. А Мартин веќе полета. Наше е само да се надеваме дека патот ќе му е отворен и полн со успеси, не само на полето на глумата, туку и воопшто. Тој, не само како ученик, туку и како оформен млад човек, го заслужува тоа. 

Read 87 times

Leave a comment

Make sure you enter all the required information, indicated by an asterisk (*). HTML code is not allowed.

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

 
Адреса
ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004