Фаца на месецот

Биди новинар и интервјуирај познати личности чиј успех или искуство вреди да се сподели со младата публика.

Поентата на дебатата е аргументирано размислување

Матеј Поп Дучев

matej4На традиционалното Национално дебатно првенство, кое се одржа месецов, на крајот од учебната година во приватното училиште ФОН, Матеј Поп-Дучев, Матеа Коцевска и Ангелина Цветковска од тимот „Скопје“ беа прогласени за национални шампиони во компетитивна дводневна дебата, во конкуренција од 35 тима од целата држава.

Од овој тим, „Скопје“, на индивидуално ниво, Поп-Дучев, освои и најмногу говорнички поени и беше избран за најдобар говорник на турнирот. Тој е матурант во средното училиште „Нова“ и својата иднина, иако е успешен, не ја гледа во ораторството, напротив во медицината.

МЕДИУМ: Кои беа темите на кои твојот тим дебатираше на Националното дебатно првенство и ги освои признанијата ?

ПОП ДУЧЕВ: Согласно моменталните случувања во Македонија на турнирот беа дадени две теми, на кои се дебатираше „за“ и „против“, поточно афирмација и негација, критичко размислување и аргументирана анализа. И тоа на темата „Дали меѓународната заедница треба поагресивно да се вклучи во решавање на политичката криза“ и „Дали војниците треба да се третираат како хеори“. За овие теми имавме две недели подготовка, но на турнирот имаше и други теми, зададени на самиот натпревар, за кои имавме само 15 минути за подготовка.

matejМЕДИУМ: Станува збор за тешки теми од политичката сфера, за кои треба универзитетско знаење, но и секојдневно следење на домашната сцена. Кој ве подготвуваше за нив ?

ПОП ДУЧЕВ: Не подготвуваа предавачи од Младинскиот образовен форум (МОФ). Конкретно за овој натпревар. Но, всушност јас веќе две години ги посетувам предавањата по теории за дебата во МОФ. Станува збор за тематски предавања, но сепак истражувањата ги правиме самите ние. Ако ни е потребен совет, бараме помош од предавачите, но она што е важно е дека секогаш се подготвуваме сами од две перспективи-негација и афирмација.

За натпреварот во ФОН читавме сами извештаи на интернет, весници, анализи од странски списанија, се со цел подобро да се запознаеме со темите. Исто така, се подготвивме и изградивме слика и за политичкиот систем на нашата земја, за кој секако имавме и претходни познавања.

МЕДИУМ: Што точно дебатиравте на првата тема, кои беа вашите перспективи како тим?

ПОП ДУЧЕВ: На првата тема дебатиравме за развивањето на културата за протест, за фактот дека граѓаните не треба да се потпираат единствено на странската помош, во негациски контекст. Поточно, дека самоиницијативно треба да се вложиме во решавање на домашните внатрешни проблеми, граѓанскиот сектор да влијае во таа насока, а властите да се плашат од граѓаните. Граѓанскиот сектор да биде еден вид коректор во решавање на кризата. Во афирмативен контекст, пак, тезата се однесуваше на тоа дека граѓаните немаат капацитет за решавање на внатрешните проблеми и затоа е потребен повисок авторитет кој ќе изврши притисок врз политичката елита. Но, и дека не се залудни протестите, напротив дека целта им е да го привлечат вниманието на странскиот фактор.

МЕДИУМ: Како беше составен победничкиот тим? Се познававте од претходно - од средно училиште, од излегувања, од слободни активности?

ПОП ДУЧЕВ: Да, се познававме од претходно, од МОФ и решивме да се здружиме и да се пријавиме. И така некако дојдовме до пехарот и признанијата за најдобри говорници, кои за нас се од исклучителна важност.

matej2МЕДИУМ: Како еден средношколец од „Орце Николов“, а сега во „Нова“ заврши во дебатен клуб и стана најдобар говорник на национално ниво по само две години? Случајно?

ПОП ДУЧЕВ: Да, случајно. Слушнав од пријатели за дебатниот клуб во МОФ и не бев воопшто ентузијаст. Не знаев ништо од оваа област претходно, се чудев и си поставував прашања „што е тоа?“. По само еден месец, сфатив дека ми се допаѓа, не поради дружењето, туку поради новите перспекитиви и вложувањето на енергија.

МЕДИУМ: По освојување на Националниот дебатен турнир, ќе продолжиш ли и надвор од границите?

ПОП ДУЧЕВ: Да, веќе се подготвувам за натпревар во Софија, Бугарија, на која се пријавив сам. Станува збор за меѓународен турнир по студентска дебата, која ќе се одржи во јули годинава, а на која учествуваат и студенти од Оксфорд и Кембриџ.

МЕДИУМ: Ти си матурант, веќе мора да мислиш за друго ниво на образовното скалило. Кои се твоите планови за во иднина, општествени науки, право или сосема нешто друго, нешто кое не е поврзано со дебати и говорништво?

ПОП ДУЧЕВ: Веќе сум одлучен, ќе студирам медицина во Холандија. Медицината е моја прва љубов, дебатата ми е втора. Во дебатите нема само политички тези, застапени се и многу други теми, меѓудругото и медицината. Поентата на дебатата е да размислуваме аргументирано и јас со оваа љубов нема да застанам, планирам да продолжам да учествувам на студентски дебати и во Холандија. Доколку нема дебатен клуб онаму каде ќе одам, јас ќе отворам.

Волонтер и во Црвениот крст

matej3Освен дебатата како втора љубов, медицината како прва љубов и всушност негова идна професија, Матеј Поп Дучев е и волонтер во Црвениот крст на Македонија веќе три години. Раскажа дека учествува во акции за прва помош, хуманитарни, собирни акции, крводарителски и многу други.

Го прашавме како наоѓа време за сите тие активности, а и уште одозгора да биде најдобар.

-Нема филозофија. Едноставно имам добра организација. Еднаш неделно одам на дебати, еднаш неделно во Црвениот крст, се друго е учење и излегување-рече Поп Дучев.

 

 

Турнирот е шанса говорниците да ги применат во пракса своите вештини

На Националното дебатно првенство, кое се одржа во „Универзитетот ФОН“ за шампионската титула се бореа повеќе од 130 средношколци и студенти. Организатор на настанот е Младинскиот образовен форум, а на првенството учествуваа 32 тима од шест градови во Македонија.

Пред финалето, во кое се натпреваруваа два тима, се одржаа четири прелиминарни рунди, полуфинале и финале во „World Schools Stylе“ формат.

Целта на овој настан е да им даде простор на средношколците – членови на дебатните клубови на МОФ, да ги применат во пракса своите вештини со кои се стекнале во текот на целата година, со посета на дебатните предавања во нивните клубови.

На годишно ниво, клубот го посетуваат повеќе од 200 средношколци во државата. Слушаат предавања за дебатни вештини и стекнуваат образование во области од економијата, меѓународните односи, социјалните промени, меѓународните тела и институциите.

 

Прочитано 86 пати

Остави коментар

Полињата означени со: (*) се задолжителни.

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

 
Адреса
ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004