Фаца на месецот

Биди новинар и интервјуирај познати личности чиј успех или искуство вреди да се сподели со младата публика.

Младите можат да ги променат општествените случувања

Огнен Јанески, ТВ водител

ognen-Додека пребарувате по телевизиските канали ќе налетате на еден глас, тежок „бас”. Ќе го забележите момчето со лептир-вратоврска и својата контактна емисија. Разговаравме со водителот Огнен Јанески. Тој ни открива како изгледа новинарската работа, какво е чувството кога ќе проговориш сите да се вртат кон тебе, но и за користењето на социјалните медиуми за пишување поезија и за активирање во хуманитарни и други акции.

Медиум: Како се проби Огнен Јанески во светот на медиумите, за денес да биде едно од најпрепознатливите телевизиски лица?

Огнен: Пред сè, да ви се заблагодарам за можноста да бидам дел од вашиот „Медиум“. Искрено. Што се однесува до пробивањето, не се замислував никогаш себеси како дел од телевизиите, но животот ми доби сосема поразличен правец, после личен здравствен проблем, кој го пребродував неколку месеци, кога имав 11 години. Оттогаш, добив желба да пејам, а претставувајќи си ја првата песна во локалната прилепска телевизија, ЦПРТВ-Прилеп (сега веќе ликвидирана), режисерката на емисијата за деца „Додека ние растеме“, Наташа Мирческа, ме покани да бидам дел од водителите. Од тој момент, па натаму, бев дел од разни емисии во Прилеп – на телевизија и на радио.

Кога се преселив во Скопје, се запишав на Правниот факултет „Јустинијан Први“, на катедрата за Политички науки. На државната МРТВ, доколку ги изоставиме гостувањата, бев презентер на гласови од Прилеп и регионот, за изборот за песна на Евровизија во 2007-та година. После тоа, по неколкукратно убедување од страна на проф. д-р Димитар Бајалџиев, оти гласот мој морал да биде дел од македонските медиуми, се охрабрив да отидам во МТВ, и барајќи си го задоцнетиот хонорар за презентирањето, остварив средба со тогашната главна и одговорна уредничка на МТВ1, Татјана Стојчевска, која ме предложи за спикер на вестите. И прифатив. Потоа следуваа многу проекти и искуства. Бев дел од екипата на МТВ1, радиото „Студент ФМ 92,9“, Сител ТВ, ТВ-проект на ЕУ „Мит нЕУтрализатор“, „Утрински Весник“, порталот www.kolumni.sakam.info и сега сум во „24 Вести“, каде што, за неколку дена ќе одбележам 3 години работење.

Медиум: Твојата контактна емисија на телевизија буди интерес кај многу гледачи. Што е потребно за да останеш концентриран кога ќе чуеш нешто неочекувано од гледачите - биле тоа лоши зборови или искрен плач?

Огнен: Потребно е трпение. За секого и за се’. А трпение се добива само доколку имате основа и разбирање. Само доколку не патите од лични фрустрации или лични побуди на своите убедувања. Новинарите не смеат да си дозволат нивните лични убедувања и нивните лични проблеми да ги оптоваруваат гледачите, читателите или следбениците. Плачот ме погодува директно в срце, а лошите зборови не ја постигнуваат целта за која се наменети. Новинарството е јавна работа. Не смеете да дозволите да бидете себични и да мислите оти сте „бог“ меѓу граѓаните. Сепак сте само еден обичен граѓанин кој добил можност да биде гласник и коректив на општествените случувања. Ваквите мисли се тие кои ме водат и задржуваат мирен. И секако, потребата за демократичност и слобода на мислата и говорот за секого.

ognen-janevski1Медиум: Со оглед на тоа што си критичен и новинар кој се држи до професионалните стандарди, дали има притисоци кон тебе и твојата работа?

Огнен: Во нашата средина постојат притисоци постојано, особено во сферата на новинарството. Ние имаме сериозен проблем, на којшто мора да се посветиме за да го поправиме. Слободната и неоптоварена мисла мораме да ја заштитиме од партизација, за да опстане и за да завладее. Јас секогаш се обидувам да го правам тоа – да бидам објективен во своите јавни ставови на телевизија, или во колумните, без разлика на моите лични, политички и општествени убедувања. Иако, морам да признаам дека врз мене многу ретко се вршеле притисоци, но затоа, пак, таквите притисоци биле вршени врз членови на моето семејство, по системот „Ти кажувам свекрво – сеќавај се снао!“. Но, мојата фамилија (дури и поширока) е воспитана и образована во духот на слободарството. Таква ни е и фамилијарната историја. Не дозволуваме да не’ спречат какви било притисоци.

Медиум: Особено си карактеристичен поради длабокиот глас. Како реагираат луѓето на улица или во локал, кога ќе те слушнат дека зборуваш и каков е животот како јавна личност?

Огнен: Веројатно најмногу сум навикнат на прашања кои се поврзани со мојот глас. Морам да споделам со вас, оти гласот ми е наследена комбинација на мојот татко Диме Јанески, кој ја има истата длабочина, но ја нема радио-фоничноста, која, пак, ми е наследена од мојот вујко – актерот и општествен деец, Марин Бабиќ.

Што се однесува до реакциите, морам да признаам дека на почетокот ми беше многу чудно како реагираа луѓето. Честопати се случува на улица или во кафулиња воопшто да не ме препознаат според појавата, туку штом „отворам уста“ веднаш да ми речат: „Аууу, ти си оној со гласот!“. Многу пати ме прашуваат дали гласот сум го правел да ми биде таков или ми е природен. Кога ќе им позборувам малку, остануваат со збунета фаца, зашто не се веројатно навикнати да слушаат „бас“ глас во живо.

Што се однесува до животот како „јавна личност“ во Македонија, тука е едноставно. Има доста придобивки, како нечекањето ред некаде или побрзо завршувањето работа, но, сепак е ист како и на останатите граѓани. Разлика би имало, конкретно во мојот случај, тоа што постојано сум некаде – на некаков настан, случување, концерти, манифестации (службено или приватно). Но, не се жалам. Убаво ми е. Не сакам да сум восочна фигура, ни на ТВ ни во јавност. И таков сум си – си одам по пижами во маалската продавничка, како и многумина други. 

Медиум: На твојот профил на Фејсбук често може да се најде твојата поезија. Дарбата за пишан збор може да се забележи и во твоите колумни. Како стекна љубов за пишување и дали можеби се подготвуваш да издадеш збирка поезија?

Огнен: Многу сум изненаден дека сте ја забележале мојата љубов кон поезијата изразена преку социјалните мрежи. И некако сум збунет, зашто и покрај тоа што ја објавувам да биде „јавна“, сепак не сум мислел оти некој ја чита. Таа ми е од душата, нешто кое си го чувам внатре, во себе, кое сакам да го споделам со светот. Така сум растен во животот и ретко имам работи што си ги чувам љубоморно за себе. Љубовта за поезијата ми потекува од вујко ми Марин, кој преку своите настапи, под називот „Бебули“ ме оставаше без здив како мал. Едноставно, човекот е незаменлив за рецитација. Почнав да рецитирам и јас и имам доста награди на локално и државно ниво, па се охрабрив еден период да пишувам и поезија. Имало доста разговори за издавање збирка и мислам дека после вашево прашање ќе се охрабрам да го направам и тоа.

ognen-janevskiМедиум: Често си дел од многу хуманитарни кампањи и си борец за човековите права. Колку е битно младите да се насочуваат кон активизам за подобро општество?

Огнен: Не да е битно, туку е најважно! Младите се тие кои можат да го променат правецот на општествените случувања. Младите се тие кои можат да го држат кормилото против сите ветришта и вијулици. Впрочем, се воочи тоа и од студентскиот марш, одржан неодамна. Но, доколку се осакатат младите во менталниот склоп, општеството ќе се загуби за време на одредени генерации, а тие, пак, ќе имаат свои осакатени потомци. Пресметајте колку години се тоа додека да настане закрепнувањето. Затоа сум постојано дел од активните борби против прекршувањето на човековите права. А што се однесува до хуманитарните кампањи – тие се само дел од крвотокот на едно, умствено здраво општество. Таму каде што ќе се затнат одредени капилари, мора да се вклучиме сите, за да се одзатнат. Хуманоста е основната човекова карактеристика, поради која се’ уште сме цивилизирани и опстанати.

Медиум: Ти беше еден од предводниците во кампањата за Вања Лазарова да добие национална пензија. Ги користеше социјалните мрежи за да ја рашириш идејата. Што би ги посоветувал средношколците во однос на моќта на социјалните мрежи?

Огнен: Средношколците морам да ги посоветувам многу посериозно да ја сфатат улогата на социјалните мрежи во денешното дигитално општество. Зашто преку нив можеме да направиме многу повеќе отколку да „споделиме“ одредена цел / фотографија или многу повеќе отколку да направиме едно „допаѓање“. Денес, овие медиуми ни пружаат можности преку кои можеме да создадеме многу подобро општество. Примерот со Вања Лазарова – успешноста и позитивниот исход на оваа граѓанска иницијатива е секако водилка за ваквите нешта. И не само тој. Тука може да се напомене и примерот на „#ФондотЗаТамара“, кој успеа да собере средства, но и да ја притисне јавноста да помогне на малата Тамара Димовска да добие пари за операција. Има и многу други примери, но овие ми се најсвежи, доколку ги изоставиме успешните координации преку Твитер и Фејсбук за собирање на едно место луѓе кои се залагаат за промени, како што беше #СтудентскиМарш.

Медиум: Имаш ли некој посебен момент поврзан со твоето средно училиште и дали би променил нешто кога повторно би бил средношколец?

Огнен: Средношколските денови ги поминав во Гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп. Имам многу моменти од тој период, но особено сум горд што како човек сум успеал да задржам толку цврсти другарства, што едноставно не би ги менувал за ништо на светот. Иако не би менувал скоро ништо до средно, сепак, ако морам да издвојам, тогаш веројатно ќе речам дека ќе бев поактивен во средношколскиот весник „ГИМ“, за да имам многу повеќе искуство денес. И сигурно ќе бев повеќе посветен на приватниот живот, зашто пропуштив многу искуства поради посветеност на кариерата, особено театарската во тој период, додека паралелно бев работно активен во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ повеќе од пет години.

Репортери: Мартин Манасков и Љубица Николовска, студенти на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста

Read 101 times

Leave a comment

Make sure you enter all the required information, indicated by an asterisk (*). HTML code is not allowed.

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

 
Адреса
ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004