Фаца на месецот

Биди новинар и интервјуирај познати личности чиј успех или искуство вреди да се сподели со младата публика.

По пластичните операции одам во Америка

Софија Теодор

teodorКако мала сакала да стане космонаут, потоа приватен детектив, сѐ до оној момент кога мистеријата што се крие позади овие професии не ја пронашла и во филмскиот свет. Софија Теодор, која е позната македонска режисерка, актерка, сценаристка и продуцентка, зборува за нејзините идни планови, инспирации како и средношколски денови.

Медиум: Што Ве поттикна да се занимавате со филмската сцена?

Софија: Уште како мала сакав да бидам космонаут. Тоа е малку смешно, бидејќи доколку живеете во Македонија не можете со тоа да се занимавате. Треба да живеете некаде во Америка и да бидете дел од некој НАСА тим за да ви се исполни таа желба. Меѓутоа,најверојатно таа поврзаност со некоја мистерија го има токму во филмскиот свет. Како што растев сакав да бидам приватен детектив за убиства. Повторно сфатив дека во сето се крие некаква мистерија. Кога ќе ја поврзете работата на еден режисер и на еден детектив тоа е апсолутно исто, а истото е и со космонаутот, бидејќи и тој трага по нешто за кое се надева дека ќе го најде.

Медиум: Како доаѓате до идеја и што Ве поттикнува да почнете да работите на некој филм?

Софија: Ние режисерите кога ќе почнеме да работиме некој филм прво имаме одредена муза. Муза може да биде мајка ви, жена ви, другарка, девојка, дечко, може да биде сѐ, па дури и некоја несекојдневна случка. Обично водилката ми е тоа – некое случување, доживување, некоја емоција којашто застанува во мојот мозок како фајл. Потоа таа одбира период, треба да има мотивација којашто ќе ја активира и ќе ја преточи во сценарио. Долг е процесот за правење филм. Тука станува збор за синопсис, сценарио, книга на снимање, па потоа бараме екипа, кастинг. Обично, уште додека пишувам во мозокот имам одредено актерка или актер, односно муза којашто би можела да се идентификува со ликот, а со тоа создавам сценарио кое го градам на некој лик. Кога имам одредена муза, правам приказна околу нејзе, а потоа се обидувам на актерката да ѝ го доближам ликот, или пак ако се работи за блиска личност, ѝ укажувам на заедничките карактеристики што ги имаат. Значи, ја копирам таа личност и ја ставам во мојот филмски свет којшто живее и луѓето подоцна го сфаќаат како филм. Филмот го сфаќам како сѐ она што го гледаме околу нас. Ние филмаџиите правиме свој универзум кој е доста јак и доста голем и владее со светот, бидејќи знаеме дека во Холивуд сѐ што се случува понатаму во животот најпрво го тестираат на луѓето преку филмовите. Еден вид Пентагон работи со Холивуд, а холивудската машинерија е многу мрачна, но и многу добра. Мислам дека таа мистерија, таа игра со емоција и преточување на некој лик во моја реалност ми помага да станам тоа што сум.

Медиум: Со кој режисер или актер би сакале да соработувате?

Софија: Уште од мала тоа го знаев – Шерон Стоун дефинитивно. Токму тоа и го работиме во моментот, јас имам одредени продуценти во Лос Анџелес со коишто сум во контакт постојано. Тие се доста блиски со таа филмска сцена и имаат допирни точки со луѓе кои мене ме фасцинираат и ме фрапираат. Ние веќе направивме две сценарија коишто се издадени на англиски и коишто се веќе во Америка. Јас треба да ги направам книгите за снимање на тие сценарија, а планирам да заминам следната година за Америка откако ќе ги завршам пластичните хирургии коишто ги започнав во Македонија. Сакам овој филм што го работиме, барем ова прво сценарио, да биде спој на Шерон Стоун и Џоди Фостер. Нив две морам да ги седнам на маса на прес-конференција и да излезе филм во кој тие заедно ќе глумат, а исто се надевам дека ќе се најде некој квалитетен продуцент кој ќе може сето тоа добро да го изведе. Јас би го потпишала сценариото и режијата. Првичната желба ми е таа и ќе ја оставарам еден ден. Јас не се откажувам никогаш од тоа што го сакам. Мислам дека тоа е една моја добра карактерна особина којашто се граничи со тврдоглавост, со инает, но не со други, туку со самата себе. Тоа ме бутка напред и мислам дека сум на добар пат да ги седнам Џоди Фостер и Шерон Стоун на клупа и да играат во мој филм.

Медиум: Кога би можеле да се навратите во Вашите средношколски денови, што би промениле?

Софија: Ништо не би променила! Јас имав прекрасни средношколски денови. Тоа беше во средното економско-правно училиште „Васил Антевски – Дрен“, каде што бев на правната насока. Имав прекрасни соученици, меѓу кои министерот за здравство Никола Тодоров и градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски. Поминувавме многу убави денови, се дружевме, а дружбата продолжува и ден денес. Имав супер професори од кои многу научив. Имам прекрасни сеќавања со моите школски другари. Во тоа време сите многу се дружевме. Не постоеја мобилни телефони, не постоеја социјални мрежи, немаше „ај ќе се видиме“, па „ај ќе си пишеме“ и да не се видиме два месеци. Ние секојдневно се гледавме, се слушавме и одевме по родендени, некој слави дома, некој во кафуле. Бевме една генерација којашто мислам дека ќе биде иднината на оваа земја. Мислам дека моите соученици и другари добро котираат во Македонија, а добро котирам и јас. Се надевам на соработка еден ден во поглед на политиката. Но, сето тоа малку понатаму, бидејќи мислам дека сѐ уште не е време да влезам во политиката. Сметам дека се влегува таму малку постар, но верувам дека моите пријатели Тодоров и Коневски го покажаа спротивното – секоја чест, но јас сметам дека мојот максимум треба да го посветам на филмската индустрија и да ги остварам моите цели. Тоа дефинитивно се да добијам Оскар, и може звучи нескромно, но сакам да имам ѕвездичка на Булеварот на славните. Ќе видиме, јас апсолутно работам на тоа и времето ќе покаже.

Медиум: Што ќе им препорачате на средношколците?

Софија: Им препорачувам да го следат сопствениот сон и доколку имаат некаква препрека на патот да не се откажуваат. Едноставно, никогаш да не гледаат скромно на работите, затоа што и во моментите кога имате некои негативности, кога се соочувате со одредени проблеми, треба да знаете дека Господ е голем и дека Господ го прави токму тоа за наредниот пат да ве однесе на некој подобар пат. Ова го зборувам од искуство, не е никаква фраза од Библијата. Можеби некој ќе каже „оваа филозофира“, но не филозофирам. Од моето досегашно искуство, работите за коишто сум мислела дека треба да жалам во животот и сум патела некој период, сега кога ги гледам од тој аспект сликичките од мојот живот, сфаќам дека точно се наместиле и точно сум требала да патам тој период за да се случи пресврт. Односно, се појави личност којашто би ми помогнала приватно и професионално да се издигнам сама над себе. Мислам дека средношколците доколку имаат некаков бес или лутина во себе, не треба тоа да го сметаат за очај, жалење, туку тоа што го имаат во себе во тој момент, да го преточат во нешто креативно. Сето тоа би било убаво, таа емоција да се преточи во убаво дело за кое подоцна ќе ни биде мило што се случило.

 

Љубица Николовска, студентка на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста

 

Прочитано 90 пати

Остави коментар

Полињата означени со: (*) се задолжителни.

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

 
Адреса
ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004