Фаца на месецот

Биди новинар и интервјуирај познати личности чиј успех или искуство вреди да се сподели со младата публика.

Актерот мора да умее да се пронајде во улогата

Васил Зафирчев

vasil facam

Готвачот Марио од Хрватска, кој дошол да работи во Македонија, е улогата од телевизиската серија „Преспав“ во која од неодамна пошироката публика може да го види Васил Зафирчев, покрај во оние од претставите на редовниот репертоар на велешкиот театар. Освен како актер, во јавноста знае да се појави и како водител и како музичар. За актуелните и за идните ангажмани, но и за неговите почетоци, за театарот и лекциите кои може да се научат од разните актерски улоги се само дел од темите со кои разговаравме со Зафирчев.


Се сеќавате ли на првата улога што сте ја добиле и како се справивте со тремата?


Пред студиите по актерска игра на Факултетот за драмски уметности учествував во неколку аматерски претстави како член на Младинската сцена на Велешкиот театар. Но првото професионално искуство ми беше во втората година од студиите, токму на сцената на Велешкиот театар, со улогата на Лелио во претставата „Комедија А“ на режисерот Александар Илиев од Бугарија. Немав ниту трема ниту страв, туку пред сѐ чувство на задоволство, возбуда и голема одговорност да ги исполнам очекувањата на режисерот и театарот, особено затоа што стануваше збор за специфична претстава од жанрот на „комедија дел арте“ како посебен и навистина тежок театарски жанр.


Што Ве мотивираше да го изберете актерството за Ваша професија?

Главен мотив ми беше токму љубовта кон театарот, исполнувањето на детскиот сон да се занимавам со професија која е врзана за сцената и настапот пред публика. Иако како дете првична провокација ми беше танцот, особено класичниот балет, кој, за жал, немав можност да го изучувам во родниот град. Желбата за театарот се појави многу подоцна, некаде кон крајот на основното образование, по многуте одгледани театарски претстави и желбата да бидам дел од магијата на сцената.

Имате ли омилена улога?

Немам омилени улоги, сите кои досега сум ги толкувал ги сакам на различен и посебен начин. Но има улоги кои се суштински значајни и важни за моето растење и созревање како човек и како уметник. Тоа се оние улоги кои можат да превртат цел еден живот. Малку се, можат да се избројат на прстите од една рака, но сосема доволни за секогаш да ме потсетуваат на тоа кој сум, од каде сум, каде сум стигнал и каде сакам да одам.

vasil facam3Важно ли е каква улога ќе добие еден актер и колку е битно тој да се пронајде во неа?

Како актер подеднакво значајни и важни ми се сите улоги. Но како уметник не ми се толку важни природата и карактерот на улогите кои ги толкувам, туку пред сè авторските прочити и концепти, мојот индивидуален став и порака кои преку една улога ги испраќам до публиката. Секој професионален актер кој се занимава со репертоарен театар мора да умее и да знае да се пронајде во секоја улога, или барем да препознае дел од себеси во неа, без оглед дали таа лично му се допаѓа или не. Тоа е составен дел од природата на актерската професија, која во суштина се занимава со проучување на животот во нас и околу нас.

Која е најекстремната промена што сте ја направиле за да се приспособите на некоја улога?

За потребите на разни улоги и претстави повеќе пати сум правел промени, од должината и бојата на косата, телесната тежина и слично. Но веројатно најекстремна беше промената за улогата во филмот „Соба со пијан“ на режисерот Игор Иванов, кога морав да ослабам неколку килограми, да го избричам предниот дел од косата и да направам комплетна депилација на телото.

Важите за еден од ретките актери кој на сцена плаче со вистински солзи. Како успевате?

Се соживувам со секоја улога која ја играм. И настојувам да сум секогаш природен, спонтан и докрај уверлив во она што го правам на сцената. Зашто театарот е уметност на мигот, а ако актерот е докрај присутен во секој миг на сцената, тогаш театарот е верен и жив, се случува сега и овде пред очите на гледачите. Впрочем и само таков театар допира до срцата на публиката во салонот. И само тогаш публиката се засмејува до солзи или, пак, плаче до болка заедно со актерите на сцената.

Се дружите ли приватно со колегите од Велешкиот театар?

Сите во театарот сме една голема фамилија. И така функционираме. Се сакаме и се грижиме едни за други. Блиски сме и добро се познаваме. Но со некои од нив, покрај работата во театарот, ме врзува и долгогодишно лично пријателство.

vasil facam2Во кои претстави може да Ве види публиката и кои Ви се следните ангажмани?

Покрај во серијата „Преспав“, ангажиран сум и во претставите „Старицата од Калкута“ и „Добрата надеж“ како дел од редовниот репертоар на Велешкиот театар, а веќе работам и на најновата улога во претставата „Ана Комнена“ од Сашо Димоски, во режија на Ненад Витанов, чија премиера ќе биде на сцената на театарот „Џинот“ - Велес до крајот на годината.

РАМКА: Книга, јога и медитација во слободно време

Слободното време е реткост во секојдневието на Зафирчев, а за тоа се „виновни“ многубројните ангажмани, но кога го има, вели, го користи за дружење со семејството, пријателите и колегите, како и за прошетки со неговиот миленик Беба. Исто така, тој период го пополнува и со добар филм или книга, но и со јога и медитација.

- И секако, со задолжителна работа на себе, дури и во слободното време - додава актерот.


На прашањето какви луѓе сака да се околу него, вели, дека тој и неговите колеги секогаш и секаде се опкружени со најразлични луѓе поради природата на театарот и јавниот карактер на професијата.

- Затоа најчесто луѓето нѐ избираат нас. Но оние кои јас ги избирам и со кои најчесто се дружам, најважно е само да се вистински. Сѐ друго е залудно потрошено време - истакнува Зафирчев.

 Автор: Сара Тодоровска, четврта година во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, Велес

 

Прочитано 96 пати

Остави коментар

Полињата означени со: (*) се задолжителни.

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

 
Адреса
ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004