Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Низ ходниците

gjorgi2Со историја подолга од половина век, богато искуство од многубројни натпревари, културни настани и проекти, соработка со организации и институции, но пред сѐ визија за развивање на свеста и врежување на трајни и применливи знаења и вештини кај учениците е она со што може да се пофали средното училиште „Георги Димитров“ од Скопје.

Во него, овој први септември ѕвончето заѕвони за точно 1.260 средношколци кои учат во вкупно 42 паралелки. Новата учебна година започна и со нов изглед на училиштето, бидејќи се реконструираше фасадата, со што се вброи меѓу училиштата со енергетска ефикасност.

Секој од 1.260-те ученици, велат вработените, е почитуван како личност без оглед на своите способности, талент, пол, раса, култура, традиции, националност, верска припадност и социјална положба. Исто така, наставниот кадар го воспитува ученикот да ја почитува и личноста на своите соученици, наставници, родители. Покрај почитта, додаваат, таму се негуваат и другарството, искреноста, солидарноста и емпатијата.

Ако ги прашаат наставниците и учениците во „Георги Димитров“ со што може да се пофалат само од минатата учебна година, ќе се добијат разни одговори. Тоа е така, сведочат, затоа што реализирале многубројни активности од воспитно-образовен, културен и забавен карактер.

Учеството и наградите на градски и на републички натпревари се еден од тие одговори, а спомените од редовните излети и екскурзии од стручен и рекреативен карактер се, пак, она што го раскажуваат други.
Манифестациите како што се спортските или онаа за одбележување на месецот на книгата, како и изложбите на производи кои биле изработени во училишните работилници се уште некои од искуствата за кои може да се слушне низ ходниците на „Георги Димитров“.

gjorgi1Во училишниот двор, пак, и оваа година има екопано на кое учениците, наставниците и родителите редовно ќе се информираат за реализацијата на програмата за Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем. Од оваа област, „Георги Димитров“ веќе трет пат е добитник на Зелено знаме.
Во ова училиште може да се сретнат и средношколци кои ќе раскажат и за тоа како се снима видеоспот за песна, бидејќи учениците кои се активни членови на драмскиот креативен центар „С’КЛЕТ“ учествувале во спотот на групата „Суперхикс“ за песната „Скок“.

Свежи се сеќавањата и за перформансот со кој пред околу три години во Драмскиот театар се одбележаа 50 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје.

Кога станува збор за земјотресите, наставниот кадар и средношколците се горди и на тоа што минатата година кај нив била изведена показна вежба за евакуација, која била прва од ваков вид и обем во главниот град. Имено, учениците и вработените добиле детални инструкции за тоа како соодветно да реагираат во реална ситуација на земјотрес. Во таа тактичко-показна вежба учествувале припадници на противпожарните служби, Брзата помош, полицијата и Црвениот крст.

Покрај со овие институции, како што сведочат од училиштето, соработуваат и со многубројни невладини организации, како и со спортските друштва, што придонело во агендата за оваа учебна година да го вметнат и планот за оформување сопствен ученички спортски клуб „Георги Димитров“, кој во координација со Град Скопје би реализирал низа спортски активности.
И оваа година, како и во минатите, се очекува за средношколците да се организираат низа едукативни предавања од областа хумани односи меѓу половите и од областа превенција од користење наркотични средства, а се во интерес на здравјето на учениците.

За сите овие проекти, соработки, активности и успеси допрва ќе се раскажува, за голем дел од нив ќе се раскажува и по 20-30 години, како што сега се раскажува за она што било „Георги Димитров“ во 80-тите и во 90-тите години од минатиот век.

gjorgi2Имено, меморијата за петдецениското постоење говори дека ова училиште е изградено во далечната 1964 година, една година по катастрофалниот земјотрес во Скопје, како помош од бугарската влада. Во него се образувани ученици од гимназиска струка сѐ до 1984 година, кога започнуваат реформите во образованието.
Во 1989 година училиштето функционира во составот на ДСУ „Здравко Цветковски“ како еден училиштен центар, а во него се сместени ученици од дрвопреработувачката струка. Таа година дрвопреработувачката струка се одвојува како одделно училиште под името „Георги Димитров“. Девет години подоцна се воведува гимназиското образование, а во 2000 година и шумарската струка.

Денес средното образование за гимназијалците трае четири години, а една помалку за оние кои се запишуваат на шумарско-дрвопреработувачката струка. Училиштето е партнер со Германија, па гимназијалците во рамките на една специјализирана паралелка во сите четири години го изучуваат германскиот јазик со зголемен фонд на часови.
Како и досега, велат, и во иднина ќе бидат посветени на својата мисија да ја применуваат современата образовна технологија, да ги следат трендовите и модернизацијата, да го усовршуваат наставниот кадар и да ја развиваат свеста кај учениците за екологијата, меѓуетничката толеранција и соживот.

Автор: Марина Иванова, професорка по македонски јазик и литература во СУГС „Георги Димитров“

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk