Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Низ ходниците

mediumski pismenГолем број медиуми, заситеност од разни портали, море од контролирани и неконтролирани информации, опасност да се биде манипулиран или да се злоупотребат нечии лични податоци, но и можност самиот да создадеш и да понудиш медиумски производ на јавноста и да го кажеш својот став за одредено прашање.



mediumski pismenОва е опкружувањето, опасностите и можностите што ги нуди современото општество, но за да можат тие правилно да се искористат од граѓаните, неопходно е тие да бидат медиумски писмени. Медиумската и информативната писменост е концепт кој уште од 80-тите години на минатиот век добива простор во наставните програми во училиштата низ светот, а денес средношколците во многу европски земји го изучуваат преку разни методи и како дел од редовната настава.

Да се биде медиумски писмен средношколец значи ученикот да може да анализира информации, да препознае што е вистина, а што е лага, да знае како работат медиумите, но и самиот да може да ја користи модерната технологија и медиумските техники, да создаде медиумска содржина, односно да има автентичен и критички однос кон општеството.

Анализата на состојбите во Македонија покажува дека образовниот систем во земјава ги затвора вратите за медиумската писменост, а наставниците и учениците имаат само општи познавања за неа.

- Никаде, во ниту еден документ - закон, стратегија, програма за развој на образованието, медиумската писменост не е инкорпорирана наспроти многубројните реформи на наставните програми и предмети, како во основното така и во средното образование - се констатира во извештајот „Медиумската писменост во Македонија: алатка што недостасува за активно граѓанство“, истражување кое го спроведе Високата школа за новинарство и за односи со јавноста.

Еден од предусловите за медиумската писменост да стане дел од образовниот процес е во текот на наставата активно да се користат информативно-комуникациските технологии, како компјутерите и Интернетот. Разговорите со десетици средношколци и наставници кои биле вклучени во истражувањето покажале оти во средните училишта не постојат доволно услови.

Според средношколците, некои од училиштата имаат едвај еден кабинет со интернет-поддршка и тој најчесто се користи со претходно закажување соодветен термин, а на слични проблеми се пожалиле и нивните наставници.

- Кај нас има само една просторија во која има Интернет и треба да закажеш однапред барем две-три недели. Нема услови - истакнува еден професор.

Уште еден проблем за изучување на медиумската писменост во средните училишта, според истражувањето, е тоа што нема обуки за користење на новите медиуми во наставата. Потребни се, како што се констатира, обуки за новите медиуми, но и ресурси, бидејќи досегашните обуки што биле организирани од Бирото за развој на образованието и од Министерството за образование и наука се однесувале на техниките за интерактивна настава.
Учениците многу брзо се запознаваат со можностите на медиумите и како да ги користат, но немаат доверба во нивните содржини.

- Учениците реагираат лошо. Велат дека не сакаат да слушаат за медиумите, затоа што сето тоа е лага. Така велат деведесет проценти од нив. Имаа отпор кога им предавам за радио, за телевизија и за весници - посочил еден од наставниците.

Тоа што учениците се чекор пред искуствата и знаењата на нивните наставници и тоа што на часовите отсуствуваат дискусиите за медиумската писменост, според резултатите во извештајот, се одразува лошо врз знаењето на средношколците за влијанието на медиумските пораки, вештините на интерпретација, улогата и функциите на медиумите и особено врз создавањето критички однос кон нивните содржини.

Сепак, разговорите со учениците покажале оти тие имаат развиена свест дека медиумите имаат влијание врз нив, односно сметаат дека тие се обидуваат да ги привлечат со специфичен јазик, драматичност, емотивност. Важно е да се истакне дека учениците кои биле дел од истражувањето сметаат дека во Македонија постои медиум што презентира неутрална слика во вестите.

- Проблемот со медиумите во Македонија е што ние, младите, мислиме дека тие се пристрасни и дека информациите што ни се пласираат се неточни и нема да влијаат добро на нашиот интерес - истакнал еден средношколец.
Кога станува збор за содржините кои ги нудат телевизиите, заклучокот даден во истражувањето е оти тие немаат интересни понуди за средношколската публика. Забележале оти националните канали се окупирани со турски телевизиски серии и со турбофолк манифестации на помалку познати музички ѕвезди.

- Сметаат дека нивни консументи се повозрасните гледачи, пензионерите, додека родителите најчесто се преокупирани со вестите на интернет-сајтовите или на телевизија. За нив, како млади, понудените турски серии и турбофолк шоуата се „под нивното културно ниво“ - се наведува во извештајот на Високата школа.

Сепак, некои од учениците вклучени во истражувањето одговориле и оти ги следат дебатните емисии кои третираат теми од актуелниот општествен и политички живот. Најкористен медиум од средношколците, според извештајот, е Интернетот. Од социјалните мрежи доминира Фејсбук, потоа Инстаграм и Снапчет, а многу поретко Твитер. Дури потоа следуваат другите медиуми, телевизијата, радиото и, на крај, печатот.

РАМКА: Застарени програми кои не помагаат во личниот развој на ученикот
Дел од образованието за медиумска писменост опфаќа и подготвување на учениците да бидат граѓански активни и да креираат критички однос кон општеството. Меѓутоа, според некои средношколци, наставните програми во средните училишта кај нас се застарени, нивните содржини не поттикнуваат размена на мислења и ставови. Други, пак, посведочиле дека постојат некои наставници кои умеат одредени лекции да ги постават во форма на дебата, а се издвојуваат и мал број поединци кои ја почитуваат слободата на мислењето.

Додека за наставните програми учениците сметаат дека се застарени, за воннаставните активности, пак, истакнале дека ги откриваат нивните интереси и потенцијали. Меѓутоа, како што покажува извештајот на Високата школа, средношколците немаат мотивација за нивно следење, бидејќи тие треба да се спроведуваат вон редовната настава и за време на викендите, а редовната настава им е обемна. Најинтересни за нив, како што се забележува во истражувањето, се активностите посветени на драмата, дебатата, училишниот весник и посетата на државните институции. Слични искуства споделиле и наставниците.

- И со е-дневник има проблем и со сѐ. Значи, тоа е така организирано. А за децата веќе да не зборуваме колку тие имаат други обврски и проектни активности. Мислам, тоа е експлозија - посочил еден од нив.

Што да се направи?
Во истражувачкиот извештај од Високата школа даваат и препораки за тоа што треба да се направи за медиумската писменост да стане дел од образованиот систем во Македонија. Организирање конференции и други јавни настани, развивање соодветни програмски целини за медиумско образование во задолжителните наставни програми за основно и за средно образование се само некои од препораките.

Исто така, се наведува и потребата од усовршување на наставниот кадар за овој вид образование, како и за информативно-комуникациските технологии. Потребен е и дијалог помеѓу институциите, родителите, невладините организации и медиумската индустрија. Само на овој начин медиумската писменост може да стане дел од образовниот систем на Македонија и да има свое влијание во едуцирањето нови генерации млади и критички активни граѓани.


Александар Самарџиски, новинар на „Нова Македонија“ и дипломиран студент на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk