Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Низ ходниците

Општо познато е дека Милчо Манчевски е најуспешниот и најпознатиот македонски режисер во светот. Тој себеси се опишува како авангарден лик, човек кој не се доживува како дел од систем. За него слободата, во било која форма, е императив во животот. Милчо твори за да се искаже и ужива во тоа што го прави. За него резултатите не се толку важни, колку креативното размислување и искажување. Во неговите интервјуа се зборува за неговите филмови, награди, критички ставови и идеи. Но малку е познато за неговиот средношколски живот, за неговите желби и интереси, за деновите во кои му се оформувала кариерата. Зборуваме и за најновиот филм „Бикини Мун“, како и за проектот во фаза на создавање „Врба“, кој ќе се снима во Скопје и Мариово.

Секој човек има свој свет и тој треба да се почитува

slobodata e najvazna i so pari ne se kupuva 1МЕДИУМ: Што Ве влечело досегашните Ваши филмови да ги работите во Македонија, а што е сега поразлично со новиот филм „Бикини Мун“? По што се разликува овој филм од останатите?

МАНЧЕВСКИ: Jас живеам во Њујорк 35 години. Моето школување и професионален живот се таму. Многу е логично таму да работам, повеќе е прашањето зошто претходните сум ги работел тука (во Македонија)? Јас сакам на различни места да работам, но оваа приказна припаѓа во Њујорк и затоа таму е и создадена. Не сакам да се ограничам на едно место ниту на една култура и тоа ми дава поголема можност креативно да се изразам. Креативната слобода е поважна од успехот.

МЕДИУМ: Што е инспирацијата и пораката на овој филм?

МАНЧЕВСКИ: Инспирацијата е секако формата на овој филм, како гледач да гледаш документарец, да очекуваш да се случуваат само вистински работи и во еден момент да почнат да се случуваат фантастични нешта – еден таков креативен „безобразлук“ беше идејата и инспирацијата за овој филм. А пораката, секој треба сам да ја сфати; јас не поаѓам од порака. Една од работите што произлегуваат од „Бикини Мун“ е дека секој човек има свој свет и дека тој свет треба да се почитува, дека не треба да му се наметнува како да се чувствува, не треба да постои униформност. 

МЕДИУМ: Како ја претставувате, односно што симболизира богомолката, еден клучен симбол за „Бикини Мун“?

МАНЧЕВСКИ: Не мора да биде богомолката, може да биде и друго суштество; она што е битно е да биде фантастично суштество, нешто што не би можело да постои во вистинскиот свет. Во мојата уметност не поаѓам од пораки, метафори или симболи, туку од чувство и од потреба за вистина. Ако некој најде пораки во моите филмови, тоа е в ред, ама тие произлегле интуитивно како дел од мојот креативен процес, а не со некаква намера.

slobodata e najvazna i so pari ne se kupuva 2МЕДИУМ: Во Вашите филмови, па и во „Бикини Мун“, нема Оскаровски ѕвезди, а сепак освојувате престижни награди и номинација за Оскар. Во што е тајната?

МАНЧЕВСКИ: Јас не се занимавам со резултатите, успехот или наградите, туку се занимавам само со уметноста. Само тоа е важно и тука нема компромис. Таа уметност некои луѓе ја разбираат, некои не. Во моментот кога уметноста ќе се поклопи со некои општи барања и потреби на публиката или на општеството, може и да добие награда, ама наградите не значат многу. И обратно – може да биде дело кое никој нема да го забележи, а да е многу квалитетно и вредно.

Кога бев средношколец, страшно многу учев

МЕДИУМ:  Како вие гледате на нас младите низ генерациите? Мислите ли дека го губиме допирот со културата? Го прашувам ова, бидејќи Вие во исто време сте и универзитетски професор, значи доаѓате од образовен систем кој се разликува од нашиот, македонскиот, сметате ли дека во Македонија формалното образование и отстапува доволно простор на филмската уметност?

МАНЧЕВСКИ: Во целина, на глобално ниво, се губат локалните особености и локалните култури, се стопуваат во една глобална култура – разликите ги снемува. Во една рака, тоа може да биде добро затоа што луѓето се поврзани со цел свет, човекот полесно патува, полесно се комуницира, но од друга страна штета е и жал е што се губат локалните специфики. Тие се уникатни. Луѓето почнуваат на сличен начин да се однесуваат, зборуваат ист јазик, слушаат слична музика, така што има и плус и минус. Веќе нема егзотична земја, во која ќе отидеш и ќе запознаеш различна култура, сите стануваме се’ повеќе слични. Во однос на образованието очигледно е дека се отстапува премалку простор на филмската уметност. Во образованието последниве децении се правени чекори наназад и штета е што е така. Втора работа која би било убаво да се подобри е да се стимулираат учениците и студентите повеќе да размислуваат со своја глава, да се поттикнуваат да синтетизираат, а не само да паметат и да повторуваат работи.

МЕДИУМ: Може ли да ни кажете за Вас како средношколец? Може ли да ни ја кажете некоја анегдота?

МАНЧЕВСКИ: Средно завршив во гимназијата „Орце Николов“. Во тоа време се погоди и времето воопшто, а и гимназијата да бидат многу амбициозни. И јас бев прилично амбициозен. Страшно многу учев, 6 саати во гимназија и дома често пати уште 5 саати. Се’ додека не влегов во продукција на долгометражни филмови, не сум работел толку, премногу напор и притисок. Памтам дека еднаш бев на утакмица на Работнички, ја носев тетратката по биологија и за време на полувреме или тајм-аут учев (се смее). Бев првенец на генерација и бев претседател на младинска организација, и тогаш за прв пат отидов во Америка, во Темпи, на училишна размена. И тој однос спрема обрвските, да мора се’ да се заврши, да се напише домашно, ми остана како навика до денес. Пред да почнам со снимање, се’ мора да е спремено. Од сите очекувам да си завршат домашната, да имаат план А и план Б, се’ да биде темелно подготвено. Ова во огромна мерка произлегува од тие училишни денови.

Мислев дека ќе бидам новинар

slobodata e najvazna i so pari ne se kupuva 3МЕДИУМ: Објаснете ни ја ситуацијата, кога Вашата професорка Олга Пешевска Ве советувала да се занимавате со филм. Како дојде до тоа?

МАНЧЕВСКИ: Почнав да објавувам во весници уште од прва година гимназија. Прво објавував во „Студентски збор“, потоа ме побараа да прејдам во „Млад Борец“ и тоа беше мал скандал. Објавував уште како гимназијалец и во професионални весници, во „Нова Македонија“, „Екран“, „Остен“, „Вечер“, во „Политикин Забавник“ а после „Синеаст“ – стручно списание за филм од Сараево. Мислев дека ќе се занимавам со пишување и мислев дека ќе бидам новинар.  Во весниците работев на интервјуа, првото мое интервју беше на ваши години, со Благоја Георгиевски, па со Горан Бреговиќ, со Горан Паскаљевиќ, со спортисти, пејачи, глумци, а на 17 години имав своја колумна на „Екран“. Потоа водев друга рубрика за филм, „Филмско Небо“. Таа ми беше вовед во филмската работа. До мојата 19. година објавив околу 200 текстови. Професорката Пешевска ме праша, веќе во трета или четврта година, што сакам да работам и јас и одговорив – новинар. Таа ми посочи дека ако бидам новинар ќе бидам под многу контрола и притисок и од уредници и од политичари. Таа знаеше дека јас не се сложувам со такво ропство. Во тоа време поставував средношколски претстави – ги пишував и ги режирав и одлични беа, на луѓето многу им се допаѓаа, и таа предложи да се студирам режија. Јас си реков – „Ммм, добра идеја!“.  Потоа седнав, размислив, истражив и видов дека немаше филмска школа во Скопје во тоа време – постоеше ФДУ, но немаше режија. Пробав да студирам во Полска, но во тоа време мораше да имаш државна стипендија. И покрај тоа што бев првенец, не можев да ја добијам таа државна стипендија затоа што тие се чуваа за луѓе со врски. Паузирав една година, и чекав да ме примат. Ме примија во Америка, таму самиот универзитет ми даде стипендија.

МЕДИУМ: Доколку не е тајна, дали Вашите средношколски денови се времето на првата симпатија или љубов?

МАНЧЕВСКИ: Да. (се смее)

МЕДИУМ: Која е вашата девиза во животот?

МАНЧЕВСКИ: Слободата е поважна од било што друго и со пари не се купува.

slobodata e najvazna i so pari ne se kupuva 4МЕДИУМ: Што би ги советувале средношколците, особено оние кои се интересираат за уметноста?

МАНЧЕВСКИ: Многу да вежбаат, многу да работат. Праксата е поважна од теоријата. Нема потреба од муабети, не треба многу да се објаснува, туку да се снима, да се научи нешто од тоа искуство, па да се снима повторно. Треба да се работат мали проекти. Не треба да се прават компромиси, не треба да се брка успех, туку треба да се брка креативно задоволство. Уметничкиот интергритет е најважен, да можеш по 20 години да ги погледнеш своите дела и да си горд на нив.

МЕДИУМ: Кога би можеле да ја замените оваа професија, би го направиле ли тоа и со која?

МАНЧЕВСКИ: Ме интересира науката, убаво ќе беше да станев научник. Таму не зависиш од вкусот. Ме интересира и антропологија. Кога сум бил многу мал, сум сакал да бидам чувар на паркот, што не е лоша идеја (се смее).

Стефан Митиќ, СУГС „Орце Николов“, Скопје
Филип Лафазановски, СУГС „Никола Карев“, Скопје

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk