Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Низ ходниците

И годинашните прослави на матурски ќе поминат во знакот на скапо, на брендови, на купување на облека, која можеби никогаш повеќе тинеџерите нема да ја облечат и раскошни прослави за кои некои родители ќе мораат да земат и потрошувачки кредити за да ги покријат сите трошоци, затоа што севкупно ќе се движат и до 1.000 евра. Во најдобар случај. И сето тоа, затоа што е „срамота да се оди на матура по фармерки“, како што притискаат многу родители „верни“ на традицијата.

Идентично како и изминатите години, така и оваа, прославите се поделени на два дела - онаа организирана од училиштата и онаа од родителите за роднини и пријатели. И за двете, учениците и семејствата, мора да издвојат голема сума на пари.

Матурантите, со кои разговаравме, велат дека само облеката, шминката, чевлите, ќе ги чинат и до 10.000 денари, а тоа е најдобрата верзија, за разлика од нивни другари и другарки кои за еден фустан платиле и до 500 евра, од дизајнерски имиња. А уште толку за другиот дел од облеката, како и за дотерување - фризура, шминка, накит. Пакетите за дотерување за матурска вечер се различни, во зависност од „името“ на салонот и длабочината на џебот. Па така има салони каде фризура и шминка се и 3.000 денари, но и онакви каде се движат и до 8.000 денари.

Матурантката Ана Марија Б. од спортската академија вели дека ќе помине поскромно.

- Ќе шијам фустан, кој планирам да чини 6.000 денари, веќе ми е закажана шминка и фризер од 2.000 денари, а тука се и чевлите кои можеби нема да бидат штикли, но секако ќе ги платам од 2 до 3.000 денари - вели Ана Марија Б, матурантка во спортската академија.

Прослава дома, како што посочи, нема да прават, напротив само ќе го одбележат настанот со семеен ручек во кругот на најблиски роднини.

Сепак, прослава на која се поканети и до 200 луѓе, веќе организирале многумина родители, и тоа најголем дел во кафеани, раскажаа матуранти.

Петар С. од гимназијата „Јосип Броз Тито“ вели дека матура ќе прослават дома, а само таа неговите родители ќе ги чини 500 евра, за храна и пијалоци.

За сопствено облекување не платил многу, 100 евра, но без чевли, кои допрва ќе ги одбере и купи. Ќе биде облечен во панталони, кошула и сако, како и многу негови другари.

- Класичната верзија на облекување ќе доминира и годинава, речиси кај сите ученици. Сите мои другари, од различни средни училишта, ќе бидат облечени како и јас. Девојките исто - во фустани и штикли - појасни тој.

И Марија К. Од економското училиште „Васил Антевски - Дрен“ потврди дека отприлика цената која ја платила само за облека е околу 6.000 денари. Но, без фризура и шминка. Само чевлите - салонки ја чинеле дополнителни 2.000 денари. Ќе биде облечена во фустан.

Прославите, пак, организирани од училиштата и претставници на учениците се сосема друга прикаска. Според раскажувањата, матурантите прво ќе вечераат во некој хотел, а потоа ќе продолжат во диско.

Петар С. рече дека вечерата е планирана во еден елитен скопски хотел и ги чини 1.600 денари за вечера, 160 денари за професорите и 300 денари за бенд. Дополнително, диското, каде ќе продолжат по вечерата околу 600 ученици од „Јосип Броз Тито“ го плаќаат 600 денари, жива музика. Матурантите од „Корчагин“, за споредба кажа Петар, за диско и ди-џеј плаќаат 300 денари.

- Стасаа понуди до училиштата и директорката ни даде избор, дали сакаме да одбереме некои од тие понуди или да организираме сами. Целиот договор се одвиваше меѓу неа и претседателите од сите класеви. Едноставно, потоа само ни кажаа колку сето тоа ќе не чини и прифативме - посочи гимназијалецот.

Во истиот елитен хотел, ќе вечераат и учениците кои матурираат од спортската академија.

Според Марија Б. од ова средно училиште, за јадење и пиење, платиле сума во износ од 1.500 денари. Но, плаќаат и за професорите кои ќе пристигнат да се дружат со нив, тоа значи само за хотел и вечера издвоиле од ученик - 2.100 денари. Потоа, прославата ќе продолжи во дискотека.

Поефтино ќе поминат учениците од „В. А. - Дрен“, кои ќе вечераат во друг скопски хотел. Севкупно за хотел, бенд и дискотека ќе платат 1.300 денари.

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk