Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Низ ходниците

Трета државна награда по биологија во седмо одделение, трета државна награда по физика во осмо одделение, прва државна ликовна награда на манифестацијата ,,50-ти Рацинови Средби” во деветто одделение и неколку меѓународни, држани, регионални и општински награди за поезија.

Ова се само дел од наградите кои се запишани под името на Георгирана Петреска. Таа е ученичка во прва година во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин” во Скопје.

Велат дека обично кај луѓето поразвиена е една од двете хемисфери на мозокот, или онаа која ти ја дава способноста за науката или другата која ти ја дава дарбата за уметноста. Ако е така, слободно можеме да кажеме дека Георгира му пркоси на ова правило. Доказ се нејзините награди.

Poezijata ne e cel tuku strast 2Нејзината последна, втора награда на Меѓународниот конкурс за поезија ,,Живко Стојановски” во категорија средношколци во Нови Сад, во организација на невладиното друштво поети ,,Сцена свих креативних“, беше доволна причина оваа средношколска да се најве во овој број на „Медиум“ во рубриката Херјот од мојата улица.

Отсекогаш науката и уметноста се прикажуваат како меѓусебно спротивставени. Кое е твоето мислење за тоа? Каде ја наоѓаш нивната меѓусебна поврзаност?

Науката и уметноста се две гранки од истото дрво, два аспекти од истата целина, меѓусебно испреплетени и во постојано надополнување. Нивната спротивставеност не е ништо повеќе од обичен стереотип, а нивната поврзаност лежи токму во нивните корени, во будноста на човековиот ум и безграничноста на неговата креативност. И како што рекол неприкосновениот Леонардо да Винчи: ,,Учи ја уметноста на науката и науката на уметноста. Научи како да гледаш и ќе сфатиш дека сè е поврзано со сè останато.”

Сега раскажи ни малку повеќе за твојата љубов кон пишаниот збор. Од кога започна да пишуваш, што за тебе претставува поезијата?

Творам уште од својата најрана возраст, моите први стихови ги напишав уште кога бев второ одделение. Поезијата и уметноста вооошто се мојата љубов, ги разбирам како духовен протест и единствената вистинска магија којашто ја поседува човештвото против сето она што е бездушно, реално, грубо и вулгарно. За мене претставуваат свет дом на имагинацијата и невозможното, а со тоа сe и единствениот синоним за убавина. 

Како се раѓаат мотивите на твоите песни, од каде најчесто црпиш инспирација и која е пораката што сакаш да ја пренесеш?

Мотивите на моите песни се раѓаат поттикнати од реалноста, но единствено цутат во фантазијата. Животот на сите ни го нуди својот груб материјал, а јас од него се трудам да направам дело за восхит. Единствената цел ми е да разбудам што поголеми чувства кај читателот и го насочам да погледне надвор од понудената призма. Го преобликувам, оформувам, му додавам боја, брчки, сенки, го оживувам, се бунтувам и се борам со него, го давам најдоброто што можам сè додека не создадам една исклучително кревка и нежна апстракција со висок стил и силна порака која И пркоси на сета здодевна реалност. За мене тоа е всушност и вистинската мисија на поетот. 

Кажи ни нешто повеќе за себе. Кои се твоите идоли? Омилен поет, писател или уметник и зошто?

Омилен поет ми е единствениот Едгар Алан По заедно со Федерико Гарсија Лорка и Шарл Бодлер, а исто така го обожувам префинетиот и софистициран стил на Оскар Вајлд кому му се воодушевувам. Веднаш по него доаѓа и Фридрих Ниче и уште многу од низата на гении кои се наоѓаат во мојата домашна библиотека. Од нашите македонски великани омилен ми е Петре М. Андреевски, заедно со Кочо Рацин. Слушам несекојдневна музика, најмногу рок и џез и заглавена сум некаде во минатото. Тоа е токму таканаречената авангардна музика пропратена со текстови полни со апстракција и недоглед од емоции за чие вреднување и разбирање не е способен затворениот и простодушен свет, тука спаѓаат Иан Кертис, Џим Морисон, Џенис Џоплин, Пинк Флојд, Били Холидеј, Нина Симон, Мизар, Анастасиа, Архангел и други.

Иако сум голем фан на импресионизмот Салвадор Дали е човекот кому му се восхитувам од сликарски аспект, а втора на мојата листа на уметници е Фрида Карло заедно со Густав Климт. По убедување сум индивидуалист и не ставам никакви ограничувања кога се работи за мојата имагинација, сметам дека тоа е најсилното оружје. Општеството го сметам за измислен концепт и целосната моќ ја препуштам во рацете на индивидуата. Најмногу од сè ја љубам слободата! Секогаш ме привлекуваат необични и егоцентрични личности, предмети, места или времиња, а оние кои најсоодветно одговараат на овој опис се трудам да ги произведам сама во својот ум кој секогаш е предводен од чувствата. Се идентификувам како личност која преувеличува и романтизира, засекогаш сонувач! 

Кој најмногу те поддржува и што најмногу досега ти пружило волја да продолжиш со пишувањето?

Секогаш најголемата поддршка ја добивам од моите најблиски, особено од семејството. А нешто што посебно ме израдува минатата година беше мислењето што го добив од господинот Горан Трајкоски, угледен поет, уметник и музичар, член на познатата македонска група  ,,Анастасиа” од 80-тите години на минатиот век, кој несебично одвои од своето време и внимание за да ги прочита моите песни и ми даде прекрасни совети за тоа како понатаму. За тоа сум бескрајно благодарна!

Како си задоволна од досегашните успеси во оваа учебна година и кои се твоите планови за иднината?

Оваа учебна година започна доста успешно. Веќе имам освоено две меѓународни награди. Втора награда на Меѓународниот конкурс за поезија ,,Живко Стојановски” во категорија средношколци во Нови Сад, во организација на невладиното друштво поети ,,Сцена свих креативних”. Прва награда во категорија на млади поети, како и признание за ,,Песна над песните” на меѓународната поетска манифестација со хуманитарен карактер ,,Со Босоногата по патот на светлината” посветена на корисниците-штитениците на Јавната установа, Завод за заштита и рехабилитација ,,Бања Банско”- Струмица. Како што веќе кажав, за мене поезијата не претставува цел, туку страст, така што јас сигурно ќе продолжам да пишувам и творам и понатаму без разлика на успехот и тоа како општеството ги оценува моите дела. Сепак, веќе од поодамна имам силна желба за издавање на своја книга - ,,Зрак од полна Луна” и веќе имам подготвено материјал. Но, сè уште го чекам вистинскиот момент и предуслови за тоа остварување. Се надевам дека сето ова ќе следи во блиска иднина.

Автор: Ана Тодорова, Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Скопје

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk