Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Низ ходниците

„Траш таг“ (#TrashTag) слободно можеме да го прогласиме за предизвик на месецот. Веројатно ретко кој изминатите неколку недели на социјалните медиуми не слушнал за овој вирален хит и не видел барем една фотографија. Не ја одмина и Македонија, а едни од оние кој најмногу се истакнаа беа средношколците во пресрет на Денот на екологијата и на пролетта – 21 март.

Станува збор за предизвик кој се рашири преку социјалните мрежи со хаштагот #TrashTag, кој стана вирален и луѓе низ целиот свет го прифаќаат. Тој се состои во тоа да се најде место затрупано со отпадоци, дива депонија, да се исчисти и да објави фотографија од пред и потоа.

Ваквиот предизвик за планетата Земја е добредојден и ако се земе предвид предвидувањето на Светка Банка дека сметот ширум светот може да се зголеми за застрашувачки 70 отсто до 2050 година.

Предизвикот го смисли младо момче од Аризона, Бајрон Роман, кој исчисти депонија и сподели фотографии, па порача: „Еве ви нов предизвик на вас тинејџерите кои се досадувате. Направете фотографија од загадено место кое треба да се исчисти, а потоа направене уште една фотографија откако ќе го исчистите местото и објавете ги“.

Сепак, иако Бајрон го сметаат за прв кој го започнал предизвикот, идејата со хаштагот #TrashTag, не е негова бидејќи истиот за првпат го користеше една комапнија од САД во 2015 година во кампања за подигање на свеста за светската криза со загадувањето.

Во Македонија, пак, слична акција започна минатата година, кога иницијативата „Не биди ѓубре“ почна да чисти различни локации и да ја крева јавната свест. Една од предводничките во оваа иницијатива беше актерката Ирена Ристиќ која постојано е активна во оваа насока. Па така, додека во светот се користи хаштагот #TrashTag, кај нас пораспространет е #НеБидиЃубре.

Ваквите еколошки акции во текот на изминатите неколку дена земаа замав, па социјалните мрежи беа преплавени со информации и фотографии за тоа каде и што е исчистено. Во оваа рубрика за овој број од „Медиум“, издвојуваме неколку фотографиии од средношколци од сите краеви на земјава кои во текот на месец март исчистија нечие ѓубре.

Така, меѓу нив се учениците од Државното музичко училиште – Битола, кои на класните часови на Денот на екологијата, го исчистија училишниот двор од сметот и отпадоците, како и внатрешниот дел од училиштето.

„Не биди ѓубре“, порачаа и прилепските ученици од „СОУ Орде Чопела“.

Еколошка акција спроведоа и децата од средното стручно училиште за ученици со интелектуална попреченост „Св. Наум Охридски“, каде неколкупати годишно се прават вакви иницијативи.

Еко предизвикот „Траштаг“ го прифати и младинската организација „Единство“ од средното училиште „Љупчо Сантов“ во Кочани. Вкупно 35 членови на средношколската организација чистеа на три локации: училишниот двор на гимназијата, споменикот Лукубија и кај железничката станица. На нив им се приклучија и осум интернационални волонтери од асоцијацијата ,,Павел Шатев”.

„Мети си со класнето“

Професорката по англиски јазик во Средното медицинско училиште во Битола - „Д-р Јован Калаузи“, Марија-Магдалена Петковска Микаровска, е предводник на екоакција која ја започна со нејзините ученици под мотото „Мети си со класнето“. Акцијата дури има и лого, кое е преземено од актерката Ирена Ристиќ од иницијативата „Не биди ѓубре“, но е прилагодено за класната професорка.

Таа и нејзините ученици првата акција ја спроведоа во околината на Домот за доенчиња во соработка со „Геосфера“ и Организацијата на жени, a последниот викенд го чистеа ѓубрето кај Новиот Пазар. Нејзината акција ја поддржаа и Центар за култура- Битола и 3Д Кино Битола кои ги наградуваа учениците со карти за филмот „Боемска рапсодија“. Како што сподели професорката, во акцијата од минатиот викенд се приклучиле околу 60 луѓе, меѓу кои и родители, ученици од другите класови, но и средношколци од другите училишта во Битола, од Правниот факултет итн.

 

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk