Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Низ ходниците

Изложба на скапи фустани, најубави шминки и фризури е впечатокот за денешните матурски прослави. Родители трошат околу 500 евра за да ги покријат трошоците на матурантите. Но, дали тоа е она што останува како круна на средношколските денови или пак повеќе ќе се памети дружењето поминато во училница?

Мај. Месец кој барем еднаш во животот бил највозбудлив за секого од нас. Тогаш завршува едно поглавје од животот, се забораваат безгрижните ученички денови и се врти нов лист. Се носат можеби и најважните одлучи: што понатаму? Некои можеби тогаш веќе се решени каде ќе продолжат, други се во дилема, трети немаат поим, но сите тогаш одлучуваат како ќе го прослават крајот на средношколските денови. Матурските вечери се традиција кај нас, а се практикуваат секаде во светот.

Кај нас денеска впечатокот за матурската прослава е дека таа претставува изложба на најскапото парче облека и најубавата шминка и фризура, тренд кој веројатно доаѓа од давањето преголемо значење на надворешниот изглед во модерниот свет.

„Медиум“ разговараше со неколку сегашни и матуранти од минатите години и нивниот впечатокот е дека западните модни трендови и начин на живеење, неминовно остава трага и врз начинот на кој треба да се прослави оваа важна ноќ. Најголемите грижи кај матурантите и матурантките, е како да се изгледа на матурската вечер. Кај момчињата изборот се сведува на неколку коминации: кошула со вратоврска или не, дали само маица или кошула, панталони или фармерки... Патики, патики или чевли. Поголеми „проблеми“ имаат девојчињата. Најголемиот дел од нив се решаваат за фустани за кои некои знаат да отидат и кај модни креатори, а други и да „тркнат“ до странство за да го купат. Но, грижите не застануваат тука зошто треба да се донесе одлука и за шминката, фризурата, чевлите...

Од друга страна, пак, родлителите се грижат за тоа колку длабоко ќе оди раката во нивниот џеб. Дека матурската вечер може „дебело“ да ги чини, сведочат и самите матуранти.

- Просечно, родители знаат да потрошат од една минимална плата, па сѐ до 500 евра и повеќе. Се троши за облека, накит, шминка, фризура, чевли, подароци за партнерот/ката, како и за организирање прослава со семејството, роднините и пријатели во ресторан. Некои родители дури подигаат и кредит само за да успеат да покријат сѐ, што за мене е апсурдно – вели една од нашите соговорнички.

Сепак, има и родители кои не штедат за да ги наградат нивните матуранти за успесите во средношколските денови.

- Родителите ми купија автомобил како награда за континуираниот успех низ годините и положениот возачки испит. Рекоа дека ми го купиле како едно „благодарам“ за тоа што сум бил одличен син. За мене, оваа награда и подарок беа премногу, но сепак го прифатив – вели матурант кој сакаше да остане анонимен.

Скапи подароци за матура си купуваат и средношколците меѓусебе, па така, ученици сведочат дека на партнери за матурската вечер си подарувале и брендирани часовници. Но, има и матуранти кои решиле да не се луксузираат. Еден од нив, сегашен студент кој лани бил матурант во скопска гимназија, вели дека за подарок избрал нешто поинакво и денес не се кае за тоа.

- За мене и мојата девојка, тогашна партнерка на матурската прослава, воопшто не беше важно да си подариме скапи подароци. Се договоривме да направиме постер од секој месец поминат заедно и тоа да си го подариме – вели нашиот соговорник.

Овој мај, иако најголемиот дел на средношколци во четврта година најважен настан е матурската вечер, наидовме и на такви кои оваа прослава нема да ја имаат во своите средношколски мемоари.

- Јас оваа година нема да одам на прославата организирана од моето училиште. Јас работев, заработив, па со неколку другари ќе одиме на патување низ Европа – вели една од нашите анкетирани средношколки.

Поинаку или со традиционална прослава во ресторан, луксузно или скромно, матурската прослава е момент кој треба да се живее, еден од последните чинови од драмата наречена „средно“.

Автор: Стефан Митиќ, СУГС „Орце Николов“ – Скопје

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk