Низ ходниците

„Медиум“ ги следи случувањата во средните училишта. Испратете ни ги вашите прилози кои би ги објавиле на нашата веб-страница на medium@medium.edu.mk

Марко Марковиќ, деветто место по ИТ писменост на светскиот шампионат во орландо, сад

Само храбрите и бестрашните може да успеат

marko markovicПрвото место кое го освои во Македонија му донесе пласман на финалниот шампионат што се одржа во Орландо, САД, каде на светскиот натпревар во конкуренција од 120 учесници, Марко го освои деветтото место во категоријата „Мајкрософт Пауер Поинт 2013“.

Во конкуренција на 1.430 кандидати, Марко Марковиќ, го освои првото место за основна ИТ писменост во Македонија. За да се закити со овој глобално признаен сертификат, заедно со останатите натпреварувачи, полагал точно 1.960 тестови поврзани со програмите „Ворд“, „Ексел“ и „ПауерПоинт“, во периодот од ноември 2015 до мај 2016 година.

Марко е средношколец во скопското училиште „Раде Јовчевски – Корчагин“. Успехот кој го постигна во Македонија му донесе пласман на финалниот шампионат што се одржа во Орландо, САД, каде на светскиот натпревар во конкуренција од 120 учесници, Марко го освои деветтото место во категоријата „Мајкрософт Пауер Поинт 2013“. За ова, вели, благодарен е на неговата професорка по информатика, Жаклина Периќ, која со уште двајца нејзини колеги, подготвиле вкупно 80 ученици за тестирањето на државно ниво.

МЕДИУМ: Колку време се подготвуваше за државниот натпревар и дали подготовките беа исцрпувачки за тебе? Дали очекуваше ваков успех?

МАРКО: Се работи за натпревар по компјутерска програма која ја имав користено уште поодамна. Подготовките не ми одземаа повеќе од ден-два за натпреварот на државно ниво, но за светскиот шампионат посветив повеќе време, но не беше исцрпувачки.
Навистина не очекував вака голем успех. Бев пресреќен уште кога разбрав дека ќе учествувам на државниот натпревар, така што може да ја замислите мојата реакција кога дознав дека сум го освоил првото место.
Се сеќавам на моментот, кога татко ми во автомобил ме запраша: „Ти се оди во Америка?“. Иако одговорив со одлучно „Да“, многу мисли ми се свртеа во главата-знаев дека ме очекува нешто навистина големо. Беше потребна храброст за овој натпревар.

МЕДИУМ: Какви се твоите впечатоци од светскиот „Мајкрософт Офис Шампионат“ во Орландо? Стекна ли нови пријателства?

МАРКО: Никогаш досега не сум доживеал вакво искуство. Запознав различни култури и луѓе од сите страни на светот. Не само што беше поучно од аспект на ИТ технологија, туку беше и едно навистина прекрасно животно искуство. Беше одлично организирано, сите беа коректни, забавни, пријателски расположени, особено најголем дел од натпреварувачите кои не се гледаа меѓусебе како конкуренција. Се спријателив со луѓе од Еквадор, Хондурас, Италија и Филипините.

marko markovic g

МЕДИУМ: Можеш ли да ни ја приближиш атмосферата од натпреварувачкиот ден? 

МАРКО: Бевме сместени во хотелот „Хилтон“, каде и се оддржуваше целиот натпревар. Иако организаторите на натпреварот се обидоа да нè опуштат со интересни прес-конференции пред почетокот на натпреварот, сепак тензијата не се намалуваше. Поради големиот број на натпреварувачи, беше одлучено натпреварот да се одвива во неколку круга. Имаше поставено околу дваесеттина компјутери во една од многуте сали во хотелот, која беше исклучиво наменета за тестирањето. Сите од мојата група взаемно се охрабрувавме пред почетокот на секоја сесија. Конечно, после три круга, дојде и мојот ред. Иако се надевав дека ќе биде исто или барем слично како на државниот натпревар во Македонија, се беше сосема поразлично. Бев сигурен во тоа што го знаев, но сепак стравот да не згрешам нешто, ме обзема целосно. Конечно влегов во салата каде што беше натпреварувањето. Сето тоа беше убаво организирано и течеше како што организаторите испланирале. Ни ги поделија тестовите и сите започнавме на даден знак. Тие 50 минути, кои ги имавме на натпреварот, беа најбрзите 50 минути во мојот живот. Откако завршивме, тензијата падна и сите повторно се вративме на дружбата, очекувајќи го наредниот ден со нетрпение и посетата на фамозниот забавен парк „Дизниленд“.

marko markovic g2МЕДИУМ: Значат ли постигнатите резултати нови можности за твојата иднина?

МАРКО: Првите три места од овој натпревар нудат стипендија за школување во Соединетите американски држави, но дефинитивно можам да кажам дека и со моите постигнати резултати се отвараат нови можности. Конкретно не како програмер, но дефинитивно се гледам себеси во светот на информатичката технологија.

МЕДИУМ: Какви спомени носиш од посетата на Орландо, САД ?

МАРКО: Градот навистина ми се допадна-нивните градби, чистите улици, начинот како е организиран сообраќајот. Друго нешто што навистина ми се допадна беа луѓето, сите беа расположени и гостопримливи. Го посетивме и паркот „Дизниленд“, кој беше полн со луѓе од сите генерации. Атракциите и градбите од иконичните цртани филмови на Волт Дизни беа донесени во реалниот живот. Сè беше како една бајка, таму престојувавме 12 часови, кои ни се чинеа како 20 минути. Навистина беше едно прекрасно искуство.

МЕДИУМ: Што би им препорачал на средношколците со слични стремежи и желби како твоите? Која е твојата формула за успех?

МАРКО: Би им препорачал да се храбри и да не се плашат да учествуваат на вакви и слични натпревари. Бесплатно е, а и нема што да се изгуби. Секој оној кој има желба и интерес во областа на информатиката, дефинитивно треба да учествува на ваков натпревар.
Лично немам формула за успех, но моја препорака до сите е да не престануваат да истражуваат, откриваат... „Сурфањето“ по Интернетот е еден од главните фактори кои ми помогнаа да се стекнам со знаења.

marko markovic g1РАМКА: Би сакал да заминам во странство за поквалитетно образование

Марко Марковиќ вели дека сака уште еднаш да учествува на истиот натпревар, Светскиот шампионат по ИТ писменост, но во друга област. Можеби ќе освои стипендија, која би му помогнала за професионално усовршување.
-Тоа ми е предизвик. Ако ми се пружи можност за школување во странство, би сакал да ја искористам со цел да стекнам поквалитетно образование. Но во секој случај, сакам веднаш после средното образование да започнам со студии од областа на информатичката технологија-изјави тој.

 

Прочитано 104 пати Едитирано на: Петок, 03 Март 2017 10:19

Остави коментар

Полињата означени со: (*) се задолжителни.

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

Адреса

ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004

www.medium.edu.mk; www.vs.edu.mk; 
medium@medium.edu.mk;