Низ ходниците

„Медиум“ ги следи случувањата во средните училишта. Испратете ни ги вашите прилози кои би ги објавиле на нашата веб-страница на medium@medium.edu.mk

Младите не користат често кондоми, а истополовите вљубувања се табу тема

tema za dilema irena cvetkovikИстражувањето на „Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ за безбедноста на младите и нивниот сексуален развој и искуства покажале дека младите не се безбедни при првите сексуални искуства, недоволно се информирани и поради тоа се жртви на насилство во училиштата, особено оние кои се со нагласена хомо и бисексуална ориентација

Ирена Цветковиќ, „Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“
-Силно веруваме дека се потребни сеопфатни реформи во образованието и дека внесувањето на сеопфатното сексуално образование е вистинскиот чекор кон надминување на проблемите на овие млади-

Младите од Македонија не се безбедни и доволно подготвени за првите сексуални искуства и интимни релации, а притоа не им се непознати хомосексуалните и бисексуалните вљубувања, вклучувајќи ја македонската и албанската популација, покажуваат резултатите од истражувањето на „Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ за безбедноста на младите и нивниот сексуален развој и искуства. Не се доволно информирани, често немаат каде да се обратат, учат од искуство, не користат често кондоми во сексуалните односи во однос на европскиот просек и немаат поддршка од семејството, пријателите, околината. Притоа се жртви на насилство во училишната средина, особено доколку се со различна секуална ориентација.

Ирена Цветковиќ од „Коалицијата“ објасни дека истражувањето покажало дека процентот на младите со поинаква романтично-сексуална ориентација од хетеросексуалната се движи од 2 проценти кај македонските момчиња или 1 процент кај албанските момчиња, до 4,5 проценти кај македонските девојчиња, односно 5,2 проценти кај албанските девојчиња. Со други зборови, во едно училиште со просек од 1000 ученици, 10 од нив се идентификуваат или практикувале хомосексуални или бисексуални романтично-сексуални релации. Што добиваат тие во училишната средина? Кои се нивните предизвици, радости и болки? Каков статус уживаат?

tema za dilema istrazuvanje3-Нашето професиналното искуство во „Коалицијата сексуални и здравствени права на маргинализираните заедици вели дека често се соочувавме со млади луѓе кои бараа помош, пред се‘ психо-социјална, поради проблеми со вознемирување, малтретирање и насилство во училишната средина. Работејќи низ годините со конкретни жртви сфативме дека имаме потреба од посеопфатен увид во состојбата на еднавост и недискриминација во училиштата и меѓу младите. Поради тоа инвестиравме во истражувањето на тоа колку младите се еднакви и безбедни во нивниот сексуален развој и сексуални искуства. Резултатите од истражувањето од една страна беа аларм за нас, но од друга претставуваат добра основа во дефинирање на решенија кои ќе ја подобрат оваа состојба. Нашиот извештај говори за сериозни проблеми со кои се соочуваат младите генерално, но ЛГБТ младите особено. На пример, младите со хомо и би-сексуална ориентациа се многу почесто жртви на малтретирање во училиште, но и жртви на психичко и физичко наслство во домот, во споредба со нивните хетеросексуални врсници. Коалицијата, оствари соработка со активот на стручни училишни служби на Град Скопје и веќе спроведуваме различни активности кои придонесуваат кон зголемување на знаењето и вештините на училишните психолози, педагози и специјални едукатори во работа со маргинализирани млади-изјави Цветковиќ за „Медиум“.

tema za dilema istrazuvanje1Како што рече, ова се само први чекори во ситуација каде родово базираното насилство и хомофобичното и трансобичното булирање во училишната средина се непрепознаени и често затскривани зад гестови на нормализирање.

-Силно веруваме дека се потребни сеопфатни реформи во образованието и дека внесувањето на сеопфатното сексуално образование е вистинскиот чекор кон надминување на проблемите на овие млади-децидна е таа околу решавање на проблемите со кои се соочуваат младите по овој основ.
Резултатите од истражувањето, меѓудругото покажале дека грижата на младите за себе и за сопственото (сексуално) здравје е спорадична, ненавремена и со високи меѓуродови разлики, за сметка на девојчињата. Меѓуродовата диспропорција од 12:1 во пријавените сексуални искуства на момчињата и девојчињата, односно од 9:1 во употребата на кондом при првиот сексуален однос во групата на етнички Албанци/ки, е силна евиденција за родовата нееднаквост во однесувањата поврзани со сексуалното здравје кај младите во Македонија.

-Ризичните однесувања се поизразени кај младите со рани сексуални искуства, со голема веројатност тие да имаат и намалена поддршка од семејството и од врсниците, во споредба со нивните сексуално неактивни врсници. Имено, 15-годишните момчиња и девојчиња со рани сексуални искуства, повеќе пушат, пијат и се опиваат од нивните сексуално неискусни соученици. Тие се понасилни, но често и самите изложени на насилство, особено на сексуално насилство. Момчињата дури двојно и тројно повеќе од девојчињата се жртви на малтретирање, физичко насилство и полов напад, што во услови на стриктни очекувања, да бидат силни, да возвратат, и со ограничени можности за справување (да не плачат, да не се жалат) ги прави уште поранливи и без алтернативи за успешен и безбеден одговор на проблемите со кои се соочуваат-се дел од заклучоците на истражувањето.

tema za dilema istrazuvanje2Преваленциите на користење контрацептивни средства при последниот сексуален однос кај младите во Македонија се под европските просеци добиени од 39 земји, и кај двата рода, со далеку најниска стапка на заштита со кондом кај девојчињата Албанки (20%). Истовремено, етничките Македонки користат пилули исклучително ретко (6%), што е најниска стапка на употреба на пилули, споредено со другите европски земји.

Околу користењето кондоми, како најчесто средство за заштита меѓу младите во Македонија, резултатите покажале не само значајни меѓуродови разлики, туку и разлики во заштита меѓу првиот и последниот сексуален однос. Овие разлики во преваленциите на заштита меѓу првиот и последниот сексуален однос говорат за веројатноста 15-годишните млади во Македонија да не се навремено информирани за прашањата поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје, вклучувајќи ги тука и нивните права, што ги прави недоволно подготвени за првите сексуални искуства и партнерски релации. Многу поверојатно е дека се тие препуштени самите на себе, што значи и дека учат претежно од сопствените искуства, со што се изложуваат на дополнителни ризици, меѓу кои и од сексуално насилство.

-Младите 15-годишници со рани сексуални искуства се со повисок ризик за нивното сексуално, ментално и психосоцијално здравје, од младите без сексуални искуства, при што и девојчињата и момчињата страдаат подеднакво, на родово „својствен“ начин. Додека сексуално искусните момчиња се понасилни од девојчињата, тие се и почести жртви на малтретирање и на сексуално вознемирување и напади. За разлика од нив, девојчињата своите први сексуални доживувања најчесто ги манифестираат низ чувствата на неадекватност и повлекување, со реакции многу почесто свртени кон себе (нервози, депресивни расположенија, самоповредувања, и идеи за самоубиство). Последиците од ваквата родова подвоеност само ја потврдуваат родовата нееднаквост во сексуалното здравје и добросостојба на децата, но и големината на товарот кој секој сам мора да го носи, еднакво тежок и за двата рода.

Во однос на хомо и бисексуалната ориентација (вљубеност), учениците на 15-годишна возраст во Македонија, се почесто жртви на малтретирање во училиште, но и жртви на психичко и физичко насилство во домот, во споредба со нивните хетеросексуални врсници.

-Младите од овие групи се речиси пет пати почести жртви на сексуално вознемирување и полов напад, за што е многу веројатно дека најчесто немаат кому да се обратат. Голем дел од нив се соочуваат со намалено разбирање во семејството и недоволна поддршка од родителите, но и од врсниците. Овие млади речиси не се дружат навечер и надвор од училиштето.Маргинализирани и небезбедни, младите со хомо и бисексуална ориентација во Македонија манифестираат бројни психосоматски и психосоцијални нарушувања, како: главоболки (39%), болки во грбот (29%), нерасположение (67%), раздразливост (47%), проблеми со спиењето (45%), вртоглавици, како и многукратни психосоматски симптоми (74%), секој со по два и повеќе пати зголемени вредности во споредба со нивните хетеросексуални врсници (табела 10). Чувствата на тага и безнадежност (47%), во континуитет од најмалку две недели, се карактеристика на психолошкиот профил на овие млади, кои во висока пропорција (30%) сериозно размислувале и за самоубиство. Во споредба со „чистата“ хетеросексуална мнозинска група, кај нив ризикот за прекинување со животот е трипати повисок-се констатира во Истражувањето.

tema za dilema istrazuvanje4Сите овие податоци повторно ги ставаат во преден план традиционално усвоените обрасци на сексуално изразување и однесувања. Хомо и бисексуалноста, изразени преку привлечноста на првите вљубувања, остануваат вон рамките на традиционалната моралистичка сцена во Македонија, и како такви се сосема неприфатливи, исклучени опции. Како и да не постојат. Строго осудувани и прогонувани, особено меѓу припадниците на машкиот пол, а во одбрана на позицијата на доминација и моќ, со цел да се симне срамот и предавството на целиот машки род, хомо и бисексуалните склоности ќе бидат послабо изразени меѓу 15-годишните момчињата (2%), отколку меѓу девојчињата (5%). Можно е односот кон девојчињата да е полиберален, или тие да се помалку важни, па нивното однесување и да не е толку загрозувачко за „вистинските“ вредности на традиционалната македонска заедница. Сепак, сигурно е дека тоа не ги прави и побезбедни од момчињата, ако се потсетиме на сладостраста и заводливоста на лезбејството во кое, ни малку тајно, најмногу уживаат токму моралистите

Заклучокот е дека овие теми мораат да се отвараат и разменуваат на време, наместо да се заташкуваат, препуштаат на случајности, или на традиционалните моралистички идеологии и учења, кои замаглуваат и го окупираат просторот на автентично учество на младите во сопствениот живот и развој. Оттука и важноста за отворен и еднаков пристап на младите до навремени и целосни информации, и нивно активно вклучување во нивна обработка и размена. Наодите од студијата за 15-годишните ученици со рани сексуални искуства, укажуваат на значајноста на сите овие прашања, како претпоставка за здрав развој и правата на еднакви можности за подобро здравје, на сите млади во Македонија. Имено, досегашната истражувачка евиденција и практики покажуваат дека сме далеку од претпоставките за еднаквост на сите деца во правата на информирање, заштита и учество. Традиционалната култура, со поларизираната хетеронормативна поставеност на родот, и со фаворизирање на машката наспроти женската сексуалност, подеднакво го загрозува здравјето и општата добросостојба и на двата рода. Истовремено, со својата исклучивост, таа изолира и стигматизира значајна група ЛГБТ млади кои не се пронаоѓаат во зададените рамки, со што дополнително ги маргинализира, ставајќи ги во уште понерамноправна положба.

Момчињата признаваат дека имале сексуални односи, девојчињата ретко

На прашањето, дали некогаш си имал/-а сексуален однос, поставено на 15-годишни ученици, од Македонија, потврдно одговориле 36% од момчињата, и „само“ 3 % од девојчињата, независно од нивната етничка припадност. Наспроти овие податоци, европските просеци даваат сосема поинаква слика.

Овие вредности и разлики континуирано се одржуваат во периодот од 12 години и се меѓу највпечатливите меѓуродови диспропорции во сексуалните искуства /однесувања/ меѓу младите на 15-годишна возраст, во Европа.
И во поглед на заштитата од несакана бременост, резултатите се движат во истата насока. На прашањето: „Дали ти, или твојот/а партнер/ка сте користеле некое од наведените средства за контрацепција при последниот сексуален однос, одговорите на момчињата и девојчињата се разликуваат.

tema za dilema istrazuvanje5Хомосексуалната и бисексуална љубов е понагласена кај женската популација

Во однос на хетеросексуалните или хомо и бисексуални вљубувања, на прашањето: „Дали си и во кого си вљубен/-а“, 15-годишните ученици одговараат различно, во зависност од тоа дали се работи за момчиња, девојчиња, и на која етничка заедница припаѓаат.

Според нивните изјави, почесто се вљубуваат младите од македонската етничка заедница, и повеќе момчињата од девојчињата. Најретко се вљубуваат девојчињата Албанки (55%), додека највљубени се момчињата Македонци (93%).

Вкрстени, податоците од истото прашање: „Дали некогаш сте биле вљубени во: момче, девојче, или во двете“, откриваат дека хетеросексуалната привлечност очекувано доминира во сите групи млади. Со сумирање на одговорите за хомо и бисексуални вљубувања се добива и пропорцијата на млади со поинаква романтично-сексуална ориентација од хетеросексуалната, меѓу 15-годишните млади во Македонија. Изведена од вкупниот број вљубувања, преваленцијата на хомо и бисексуално-романтична привлечност меѓу младите во Македонија дава јасна слика на нивната двојно повисока изразеност меѓу девојчињата (5%), наспроти момчињата (2%), додека, меѓуетничките разлики исчезнуваат. Од прикажаните резултати, за момчињата во Македонија, хомосексуалната ориентација е преголем предизвик. Многу е поверојатно дека тие, особено во раната адолесценција, нема да се осмелат да го признаат, а уште помалку да го изразат својот поинаков сексуален избор. За разлика од нив, хомо и бисексуалноста кај девојчињата, барем на прв поглед, изгледа побенигно.

Read 203 times Last modified on Четврток, 02 Март 2017 16:17

Leave a comment

Make sure you enter all the required information, indicated by an asterisk (*). HTML code is not allowed.

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

 
Адреса
ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004