Низ ходниците

„Медиум“ ги следи случувањата во средните училишта. Испратете ни ги вашите прилози кои би ги објавиле на нашата веб-страница на medium@medium.edu.mk

Цимери ми се четирите змии

4„Тој е нашиот Стив Ирвин“ е најчестиот одговор што ќе го слушнете ако низ ходниците ги прашате учениците во скопската гимназија „Орце Николов“ за тоа кој е Никола Радовиќ. Ваквиот одговор следува затоа што Радовиќ со неговата љубов и желба да одгледува егзотични животни ги асоцира на Австралиецот Ирвин, кој својата светска слава ја достигна со серијата документарци „Ловец на крокодили“ и беше познат по неговото дружење со тропски и егзотични животни.

Никола Радовиќ е ученик во втора година кој, како што вели, живее следејќи го сонот. Во неговиот дом чува четири змии. Најстарата има пет години и се вика Данче, а најмладата, Мила, е осум месеци. Другите две, од кои едната е машко, се на возраст од година и шест месеци, а ги крстил Менси и Сид.

IMG 2451Тие не се негови први миленици, љубовта кон животните ја негува уште од мал. Порано чувал и папагал, хрчани и риби, кои пробал и да ги размножува, а има и куче и маче. На четирите змии, вели, се навикнал и не му пречат во неговите планови, училишните и домашните обврски. Додека едната од нив е поагресивна, а другата не е многу по играњето, преостанатите две се љубопитни и сакаат повеќе да се галат и дружат со него.

Неговите домашни миленици, желбите и плановите се темата на која разговаравме со средношколецот Никола Радовиќ.

IMG 2453Медиум: Зошто се одлучи да чуваш опасно животно како змијата?
Никола: Како прво, не сите змии се опасни. На пример, змиите што јас ги чувам се пченкарни змии (Pantherophis guttatus) и кралски питони (Python regius). Пченкарните не се отровни и се безопасни кон луѓето, дури и им помагаат во уништувањето на штетните глодачи. Поради нивната мирна природа, средна големина и многубројни шари и бои се чуваат како миленици. Кралските питони, според името иако звучат како поголеми од нормалните питони, тие всушност се помали и достигнуваат до еден и пол метар во должина како возрасни. Тие исто како и пченкарните имаат разновидни шари наречени морфови. Една од главните причини поради која се решив да ги имам како миленици беше тоа што сакав да почнам да го следам мојот сон, а тоа е да одгледувам и размножувам егзотични животни.

Медиум: Беше ли тешко да ги убедиш твоите родители да ти го дозволат тоа?
Никола: Па, беше мошне тешко. Првиот одговор на мајка ми беше не, но со текот на времето воочи колку ми значи и попушти. А татко ми ме поддржуваше во секој момент, бидејќи е ветеринар и тој имал голема желба да чува змии, но не го направил тоа оти мајка му не му дозволила.

1Медиум: Си запознал ли и други луѓе кои исто така чуваат змии?
Никола: Да, познавам тројца кои го имаат истото хоби како и моето. Еден од нив ми беше идол кога бев мал, но и денеска е. Тоа е Војо. Секогаш кога одев во неговата продавница за миленици бев пресреќен. Таму и го добив моето прво искуство со змии. Сега сѐ повеќе луѓе се решаваат да чуваат ваков миленик. Во светот ова хоби е многу помасовно прифатено, но и во Македонија почнува да станува интересно хоби. Практичноста и скромните услови кои ги бараат овие миленици се уште една причина зошто сѐ поголем број луѓе се решаваат да ги чуваат. Потребно е само да се победат стравот и предрасудите дека сите змии се опасни.

Медиум: Си размислувал ли во иднина ова хоби да го претвориш и во твоја професија?
Никола: Се разбира. Сега само собирам искуство кое во иднина ќе ми биде драгоцено кога ќе го зголемам бројот на животни и ќе започнам професионално да се занимавам со нивно одгледување. Покрај тоа, сакам и планирам да отворам и хотел за животни, бидејќи сметам дека тоа е услуга што сѐ повеќе ќе се бара.

Медиум: Што научи за змиите?
Никола: Од моето искуство со змиите можам да речам дека секоја единка има свој карактер. Некои се дружељубиви, некои се плашливи. И многу е важно да се приспособиме на нивниот карактер и со нив да манипулираме исправно. Кога повеќе ќе ги запознаеме, помалку ќе се плашиме од нив. Ќе почнеме да ги почитуваме змиите од нашето поднебје, кои се заштитени со закон и апсолутно не му штетат на човекот, а човекот многу често поради страв и заблуди ги убива.

Ивана Буџаровска, Ева Милева, Анамарија Даневска,
втора година во СУГС Гимназија „Орце Николов“, Скопје

 

 

Read 531 times Last modified on Понеделник, 03 Април 2017 08:26

Leave a comment

Make sure you enter all the required information, indicated by an asterisk (*). HTML code is not allowed.

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

 
Адреса
ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004