Низ ходниците

„Медиум“ ги следи случувањата во средните училишта. Испратете ни ги вашите прилози кои би ги објавиле на нашата веб-страница на medium@medium.edu.mk

Во Берово на планина, во Дојран на изгрејсонце

KADE BEVME berovo dojranЕкскурзија. Патување кое средношколците со нетрпение го очекуваат и веднаш го поврзуваат со забава и дружење, наспроти родителите кои, се чини, веднаш помислуваат на трошоците. Цените, пред сѐ за екскурзиите низ Македонија, речиси секогаш им изгледаат превисоки и некои се обидуваат да нѐ убедат да не одиме, ветувајќи дека за помалку пари тие ќе нѐ прошетаат или оти за истата сума ќе нѐ однесат во странство. Но она што тие не можат да ни го дадат е доживувањето на тие места во друштво на другарите.

Во тоа се уверивме и ние при нашата априлска екскурзија низ Кратово, Берово, Струмица, Дојран и Демир Капија. Се чини дека авантурата почнува уште во моментот кога со најдобрата другарка ќе се сместите во автобусот и ќе ги чекате другите да ви се придружат.

Кратово, нашата прва станица. Град за кој на телевизија може да се слушнат многу реклами и пофални зборови, па поради тоа очекувањата при посетата се големи. Истите и ги оправда. Над Кратово се издигаат со векови стари кули кои како чувари мирно го набљудуваат градот кој воодушевува со својата едноставна и староградска архитектура.

Тука се и мостовите, ги има многу, се чини и повеќе отколку што има улици, а најпознат е Радиниот мост. Автентичноста и богатата историја се најголемиот „адут“ на Кратово, секој камен раскажува приказна за некои минати времиња, а секој мост и секоја кула во себе кријат свои преданија и приказни.

KADE BEVME berovo dojran 3Воодушевувањата не недостасуваа ниту во Берово. Уште еден релативно мал град во источниот дел на Македонија. Да го доживееш малешевскиот крај и да ги видиш сите негови бисери, потребно е време, па токму поради временскиот притисок што ни „висеше над глава“ успеавме да видиме само дел од убавините на овој град, а го посетивме и Беровско Езеро. Прошетката низ центарот на градот и по градскиот плоштад создаваат впечаток дека Берово е спој на староградска и модерна архитектура.

Но не се само градбите тие кои воодушевуваат. Таму те привлекува и мирот што се чувствува, целосна спротивност од гужвите и хаосот во Скопје.

По Кратово и Берово нашата маршрута водеше кон Струмица. Сосема поинаков град од Кратово. Тоа е град кој повеќе говори за иднината отколку за богатата историја. Прекрасно уредениот градски парк и центарот на градот со својот современ и едноставен изглед не може, а да не те изненадат позитивно при првата посета на Струмица.

Дојран беше следната дестинација. Град кој мислиш дека живее само во летната сезона на одмори. Но забавите со друштвото, прошетките по плажите и гледањето на изгрејсонцето ни го докажаа спротивното. Наутро се чини сонцето плови по езерото.

KADE BEVME berovo dojran 2По ова туристичко гратче, враќајќи се назад кон Скопје, винарската визба „Попова кула“ кај Демир Капија и археолошкиот локалитет Стоби беа нашите попатни станици. На првата, видовме како се произведува вино, а на втората како да бевме на час по историја. Шетајќи низ Стоби и слушајќи го туристичкиот водич се добива чувство дека чекориш назад низ времето.

Со куфер полн спомени се истоваривме на еден од скопските паркинзи и заминавме дома. Се чини нашата авантура не можеше да биде „послатка“, некои од нас за прв пат видоа дел од градовите во Македонија, за некои тоа беше можност да ги посетат родните краеви на своите дедовци, а сите уживаа во прекрасното друштво. Дишевме чист воздух во Берово, шетавме во Струмица на улица и создававме бесценети спомени од нашите средношколски денови.

Теода Аксентиевска, втора година во СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“, Скопје

Read 221 times Last modified on Вторник, 09 Мај 2017 10:53

Leave a comment

Make sure you enter all the required information, indicated by an asterisk (*). HTML code is not allowed.

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

 
Адреса
ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004