Штипските средношколци, на почетокот на месецов, имаа можност да научат нешто повеќе за новинарството и како се пишуваат новинарски вести. Во организација на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, во средното училиште „Славчо Стојменски“ во Штип се одржа новинарска лабораторија за 30-тина ученици од сите четири години.

Учениците се запознаа со содржините на средношколскиот весник „Медиум“, а потоа Александра Теменугова од Високата школа им објасни што е новинарска вест и кои се карактеристиките и структурата на веста. Новинарот и уредник во дневниот весник „Нова Македонија“, Жарко Василевски, во заедничка комуникација со средношколците, опиша како функционира една редакција на печатен медиум и како се раѓаат вестите во еден весник.

- Задоволен сум од целата работилница. Научивме повеќе за тоа како треба да пристапуваме кон различните видови вести. Како да споредуваме вести и да анализираме. Би сакале да имаме повеќе вакви едукативни работилници во училиште – рече матурантката Јована Георгиева.

Учениците вежбаа пишување вести, но се интересираа и за начинот на кој се креира уредувачката политика на медиумите, за процесот на информирање, репортерство и можностите на интернет-медиумите.

Оваа новинарска лабораторија што ја организира Високата школа за новинарство и за односи со јавноста е дел од проектот „Македонска коалиција за медиумска писменост“ што го финансира Европската Унија.

Дел од активностите на овој проект се фокусирани кон подигнување на свеста на средношколците за значењето на медиумската писменост и критичка перцепција на информациите. Секоја година Школата организира по пет вакви работилници во различни средни училишта низ Македонија, оваа во Штип е втора по ред. Следните три работилници ќе се реализираат во првото полугодие на наредната учебна година.

Види повеќе фотографии од настанот.

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

 
Адреса
ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004