Додека во западните држави посветуваат огромно внимание на медиумската писменост како на релативно нов општествен феномен и тоа уште кај децата во основните училишта, кај нас тоа е речиси непознат термин, кој и ретко кој може да го објасни и да го детектира.

Во услови на медиумска експанзија во секоја смисла на зборот и информирање што не признава речиси никакви пречки, медиумската писменост кај населението станува камен-темелник за едно здраво демократско општество, кое едноставно со тоа обезбедува напредок во целокупното живеење, а посебно од практикување и партиципирање во демократските процеси. Токму поради важноста на медиумската писменост изминатиов период неколку институции што се занимаат со оваа област направија истражување, кое се реализира во рамките на проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: основање коалиција за медиумска и информациска писменост“ што го финансира Европската Унија.

Целта на ова истражување е да се укаже на важноста на медиумската писменост, која е неопходно да ја препознаат не само граѓаните, туку и институциите за да може истата таа да биде инкорпорирана и унапредувана во сите сфери од општеството.
- Наодите од ова истражување ќе помогнат во утврдување на целите на претстојното вмрежување на граѓанските организации и медиуми, кое ќе дејствува како Коалиција за медиумска писменост и кое ќе реализира различни иницијативи базирани на основните принципи во оваа сфера: пристап, анализа, евалуација на медиумски содржини, но и креирање јасни, видливи и моќни информации од самиот граѓанин преку кои ќе умее да предизвика промена во општеството - вели Александра Теменугова, од Високата школа за новинарство и за односи со јавност.

Науката вели дека секој медиумски писмен човек е секој што може да декодира, да анализира, да оцени и да продуцира како печатени, така и електронски медиуми.

Медиумската писменост e инструмент за заштита на граѓаните, а особено на младите, инструмент за нивна едукација, но и инструмент за активно учество во медиумската сфера. Таа на младите (преку медиумското образование) им обезбедува развивање комуникациски способности, знаења и вештини за безбедно користење на медиумите, но и за критичко разбирање на медиумските содржини. Спротивно на ова, пак, во нашите училишта медиумската писменост е на маргините на наставната програма што го потврдуваат и професорите во средните училишта.
- Услови за еден вид учење или надградба на медиумската писменост кај младите има, но тие се минимални. Ова е така и покрај тоа што знаеме дека таа е толку важна, особено кога се знае дека медиумски писмени граѓани се подобри граѓани, кои критички се однесуваат во општеството. Ние сега немаме услови за каков било напредок во оваа област. Нема никаква надградба, економската состојба и на наставниците и на родителите на средношколците, а со тоа и на самите нив е лоша, па сето тоа влијае негативно на сите процеси. Генерално сме назад во целиот образовен систем кога би се споредиле со другите држави од регионот, а особено кога станува збор за медиумската писменост, која сега за сега се изучува само површно и тоа како дел од некои предавања по мајчин јазик, граѓанско општество или историја - вели професорката Лидија Тасевска, директорка на средното училиште „Перо Наков“ од Куманово.

Медиумската писменост како нужен предуслов за секој демократски процес е добро информиран и активен граѓанин, а не пасивен восприемач на медиумските пораки. За тоа е потребно оспособување на граѓаните за критичко разбирање на медиумските содржини и јакнење на интеракцијата на луѓето во јавниот живот преку медиумите. Медиумите се каналот што им овозможува на граѓаните да добијат информации врз основа на кои ќе донесат одлуки чии последици влијаат врз нив лично или, пак, врз општествените текови (информативната функција). Истовремено, тие ја имаат улогата на „куче-чувар на демократијата“, кое ѝ служи на јавноста. Во името на „доброто владеење“, тие се корективот на власта, алармирајќи кога таа ги пречекорува овластувањата и ја злоупотребува моќта.
- Тоа што досега не е воведена медиумската писменост во образовната програма е поради стравот од медиумски еманципирана медиумска публика. Секоја власт сака да ги контролира масите преку медиумите. Со медиумски писмена публика тоа е невозможно - ни изјави новинарот Зоран Бојаровски.

Едноставно медиумската писменост ѝ овозможува на публиката таа да стане активно граѓанство, дообјаснува тој.
Во анализата на медиумската писменост во Македонија низ призмата на средното образование, на граѓанскиот сектор и на медиумите се заклучува дека во Република Македонија медиумската писменост е речиси непозната категорија и досега многу малку е сторено за нејзина промоција и имплементација. Првите скромни чекори се направени во медиумската сфера со донесување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (декември 2013) кога институционално првпат се бележи терминот медиумска писменост, но без дефинирање на неговото значење.

Сепак, неколку години претходно (2009-2011 г.) со ова прашање ќе се зафати невладиниот сектор (Македонскиот институт за медиуми), со спроведување истражување, изработување посебен прирачник за наставници за изучување на медиумската писменост (за основно и за средно образование), организирање обуки за наставници и креирање посебна веб-страница посветена на размена на искуства, информации и знаења од областа на медиумската писменост. Токму благодарение на овие активности Република Македонија, гледано во регионален контекст (од земјите на бивша Југославија), ќе добие статус на земја што остварила значаен напредок во промоцијата на концептот на медиумската писменост и присуството на медиумското образование во образовниот систем.

Веста е превземена од novamakedonija.com.mk

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

 
Адреса
ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004