Конференција на тема „Медиумската писменост како предуслов за активно граѓанство“ се одржа во Скопје, во организација на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, во партнерство со Институтот за различности од Лондон и „Нова Македонија“. На конференцијата беа презентирани клучните наоди од истражувањето „Медиумската писменост во Македонија низ призмата на средното образование, на граѓанскиот сектор и медиумите“.

Целта на ова истражување е да се укаже на важноста на медиумската писменост, која е неопходно да ја препознаат не само граѓаните туку и институциите за да може таа да биде инкорпорирана и унапредувана во сите сфери од општеството. Токму поради важноста на медиумската писменост, изминатиов период неколку институции што се занимаат со оваа област го спроведоа ова истражување, кое се реализира во рамките на проектот „Медиумската писменост во ера на наплив на информации: основање коалиција за медиумска и информациска писменост“, што го финансира Европската Унија. Наодите од ова истражување ќе помогнат во утврдување на целите на претстојното вмрежување на граѓанските организации и медиуми, кое ќе дејствува како коалиција за медиумска писменост и кое ќе реализира различни иницијативи базирани на основните принципи во оваа сфера: пристап, анализа, евалуација на медиумски содржини, но и креирање јасни, видливи и моќни информации од самиот граѓанин преку кои ќе умее да предизвика промена во општеството.

На конференцијата свое излагање имаше претставник од весникот „Нова Македонија“, а говореа и некои од авторите на истражувањето, претставници на средните училишта, на Високата школа за новинарство и за односи со јавност, како и од Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги, беше воспоставен видеолинк со канцеларијата на УНЕСКО во Париз, а збор зедоа и млади активисти и претставници на други медиуми.

За примерите во практиката, за тоа како се практикува и негува медиумската писменост во еден медиум говореше Марјан Велевски, заменик на главниот и одговорен уредник во весникот „Нова Македонија“.
- Слободно можеме да кажеме дека „Нова Македонија“ е пионер и во оваа област кај нас, благодарение на своите активности што се протегаат со децении.
Впрочем во годините зад нас ние сме целосно посветени на медиумската писменост, се разбира водејќи се од своите основни начела, но сосема вклопувајќи се во определбите на глобално ниво, дека една од улогите на медиумите, меѓу другото, е да ја промовираат токму медиумската писменост.

Нашата задача беше и остана да понудиме содржини со кои ќе ги навикнеме нашите читатели да не ги отфрлаат или избегнуваат медиумите туку да сфатат дека тие треба критички да се опсервираат, да се разберат правилата според кои функционираат, но и манипулативните стратегии со кои се служат.
Пред сѐ, тука е прилогот за најмладите „Колибри“, прилог што секој ученик во основните училишта во Македонија има можност да го чита, притоа образовајќи се но и описменувајќи се медиумски во вистинската смисла на зборот. Прилогот за учениците во основните училишта излегува цели 58 години и во него првите контакти со новинарството и своите први прилози ги имале голем дел од новинари што се активни и денес - изјави Велевски.

Тој додаде дека од февруари 2011 година во рамките на „Нова Македонија“, а во соработка со Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, излегува прилогот „Медиум“ посветен на средношколците. Прилогот е замислен како своевидно логично продолжение на она што го осознале и што го работеле со „Колибри“ но овој пат некоја година позрели.
- Ваквиот начин на едукација на публиката, особено на младите, е избран бидејќи го сметаме тоа како добра инвестиција - потребна е едуцирана публика, која пак, од друга страна, ќе ни врати со тоа што ќе умее да препознае професионално од непрофесионално новинарство. Со тоа ги следиме практиките веќе познати во светот, а излегувањето на прилогот беше проследено со гостувањето по средните училишта веќе истата 2011 година - додаде Велевски.

На конференцијата беше истакнато дека медиумската писменост е нужен предуслов за секој демократски процес со добро информиран и активен граѓанин, а не пасивен восприемач на медиумските пораки. За тоа е потребно оспособување на граѓаните за критичко разбирање на медиумските содржини и јакнење на интеракцијата на луѓето во јавниот живот преку медиумите. Медиумите се каналот што им овозможува на граѓаните да добијат информации врз чија основа ќе донесат одлуки чии последици влијаат врз нив лично или, пак, врз општествените текови (информативната функција). Истовремено, тие ја имаат улогата на „куче-чувар на демократијата“, кое ѝ служи на јавноста. Во името на „доброто владеење“, тие се корективот на власта, алармирајќи кога таа ги пречекорува овластувањата и ја злоупотребува моќта.

Ж.В.

Веста е превземена од novamakedonija.com.mk

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

 
Адреса
ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004