Во Македонија медиумската писменост е непозната категорија е заклучокот од последниот истражувачки извештај „Медиумската писменост во Македонија: алатка што недостасува за активно граѓанство" како дел од проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Коалиција на медиумска писменост".

Извештајот беше денеска презентиран од претставници на Високата школа за новинарство и односи со јавност, на Институтот за различности во медиумите од Лондон, Велика Британија и на дневниот весник „Нова Македонија“. Овој извештај укажува на потребата од медиумска писменост во Македонија, за тоа колку малку е познато што е тоа медиумска писменост и колку малку е направено за нејзина промоција и имплементација.

Во 2013-та година се направени скромни чекори во медиумската сфера со донесување на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, кога „институционално“ за првпат се нотира терминот медиумска писменост, но без негово дефинирање. Сепак, неколку години претходно невладиниот сектор (Македонскиот институт за медиуми) со спроведување на ова истражување, изготвување прирачник за наставниците за изучување на оваа тема и други активности, се зафаќа со ова прашање. Денеска Македонија сѐ уште се наоѓа на почетните позиции наспроти сите препораки и резолуции кои доаѓаат пред сѐ од Европската Унија и од Советот на Европа, се вели во заклучокот на извештајот.

Во сферата на образованието, во ниту еден документ-закон, стратегија, програма за развој на образованието, не е инкорпорирана медиумската писменост наспроти бројните реформи во наставните програми и предмети и во нивната содржина, како во основно, така и во средното образование.

Што се однесува на граѓанскиот сектор, Македонија нема невладина организација чија што основна дејност би била токму промоцијата и имплементацијата на медиумската писменост.

Како најдобар пристап за да се унапреди медиумската писменост во Македонија се смета изготвување на сеопфатна стратегија за медиумска писменост, како системски пристап со континуирани и координирани активности и јасна поделба на надлежностите, се посочува во извештајот.

На конференцијата обраќања имаа Александра Теменугова, предавач на Високата школа за новинарство и односи со јавност, Јаромир Левичек, раководител на одделот Економија и финансии, јакнење на институционалните капацитети и прекуграничната соработка од делегацијата на Европската Унија, проф. Весна Шопар, ко-автор на истражувачкиот извештај, Емилија Петревска Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Марјан Велевски, уредник во дневниот весник „Нова Македонија“ како и многу други.

Високата школа за новинарство и односи со јавност во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон, Велика Британија и со дневниот весник „Нова Македонија“ објави и повик за доделување на грантови за граѓански организации за иницијативи со кои ќе се промовира медиумската и информациската писменост во земјата.

М.К.

Веста е превземена од mkd.mk

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

 
Адреса
ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004