Осум граѓански организации во партнерство со осум медиуми ќе работат на активности со кои ќе ја едуцираат јавноста критички да ги перцепираат информациите, но и да ги користат медиумите како алатка за артикулирање на своите интереси.

Коалицијата ја основа Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, во партнерство со весникот „Нова Македонија“ и Институтот за различности во медиумите од Лондон. Основањето на оваа неформална платформа е поддржана од Европската Унија.

За поуспешна реализација на предложените иницијативи, избраните претставници на медиумите и на граѓанските организации ќе поминат низа обуки за пректикување професионално и инклузивно новинарство и ефикасна комуникација со јавноста. Спроведувањето на граѓанските иницијативи ќе биде реализирана со менторска поддршка.

„Младинска медиумска писменост“

Радио МОФ е вклучен во проектот „Младинска медиумска писменост“, чиј носител е Националниот младински совет на Македонија (НМСМ). „Младинска медиумска писменост ќе ја подигне свеста кај младите учесници за критичко размислување, за информациите кои ги добиваат од медиумите, ќе ги оспособи за аналитичен пристап и способност за евалуација на содржината. Граѓанските организации, пак, ќе се оспособат свесно да ги анализираат содржините во медиумите кои се во нивно поле на интерес и правилно да комуницираат со медиумите и нивните таргет групи при десиминација на нивните општествено одговорни активности.

Проектот „Младинска медиумска писменост“ ќе овозможи три викенд обуки за 60 млади од Скопје, Велес и Тетово и една обука за граѓански организации кои ќе резултираат со продукција на едукативни содржини за слобода на изразување кај младите од маргинализираните заедници, без разлика на пол, етникум, социјален статус и сексуален и родов идентитет.

Дводневните обуки за млади ќе се фокусираат практично да ги научат учесниците за медиумска писменост, пропаганда и разликата помеѓу етичко и неетичко новинарство. Во текот на обуката, учесниците ќе се запознаат со новинарски техники и ќе добијат можност да разработат концепти за креирање на производи по обуките за млади. Дополнително ќе бидат обезбедени менторства за разработката на текстови, видео и аудио прилозите, истражувачките стории, подкастите, по избор на учесниците.

Викенд обуката наменета за граѓанските организации тематски ќе се насочи кон односи со јавност и начините на споделување на информации до своите таргет групи кои водат до општествена промена.

„Младинска медиумска писменост“ ќе го користи порталот на Радио МОФ како медиум кој ќе влијае врз одреден општествена промена, а притоа ќе им овозможи на младите да го корситат медиумот за споделување на своите ставови и идеи.

„Инклузија преку медиуми“

Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“, заедно со медиумски партнер ТРД телевизија ДОО Куманово ќе го спроведуваат проектот „Инклузија преку медиуми“. Целта е да се зголеми учеството на лицата со попреченост во локалната заедница со подобрување на нивните вештини за медиумска писменост преку обуки во инклузивни групи и директно учество во серијал на емисии.

„Во наше име“

„Во наше име“ е ТВ проект на Здружението за медиумска и комуникациска култура и граѓански права „Реформатор“ и медиумскиот партнер „24 Вести“. Проектот е составен од шест ТВ прилози, кои би се емитувале во централниот дневник на медиумскиот партнер и има за цел преку веќе објавени приказни во медиумите да ги открие и отвори прашањата од јавен интерес и да зборува за принципите кои треба да се почитуваат при информирање на јавноста за овие проблеми, а не биле испочитувани во конктетните случаи. Прилозите ќе се однесуваат на – говор на омраза, заштита на лични податоци, нарушување на приватност, јавен интерес наспроти интерес на публиката или заштита и безбедност на децата и малолетниците на интернет.

Со отворање на прашањата од јавен интерес ќе се стави во фокус и етичкиот кодекс на новинарите и нормативите под кои работат редакциите во кои се поткопува интегритетот на новинарите.

„Маргините во центар: Граѓанските организации и медиумите во промоција и унапредување на правата на маргинализираните заедници во РМ“

Проектот на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ и ТВ 21 има за цел да го промовира концептот на граѓанското новинарство како инструмент кој ќе обезбеди активно учество на граѓаните во јавната сфера и медиумската писменост како предуслов за ефикасна комуникација со јавноста, ширење на целните публики и иницирање на општествени промени.

Целите на проектот ќе се реализираат преку: јакнење на соработката помеѓу граѓанските организации и медиумите, креирање на заеднички медиумски содржини и подигање на капацитетите на граѓанските организации за ефикасна комуникација со јавноста, институциите и медиумите.

Медиумски писмен студент

Идејата на проектот е да афирмира концептот на медиумска писменост кај студентската популација како и пласирање на базични знаења на функционирањето на медиумите. Студентското разбирање на медиумите е круцијално за општествените процеси, особено за здравјето на демократијата, бидејќи статусот студент е авангарден и често носител на прогресивните општествени промени.

Ќе се потенцира важноста на критичкото читање на медиумите од студентите во контекст на медиумската култура и културата на информирање типична за Република Македонија (конвенционални и нови медиуми), а акцент ќе биде ставен на социјалните мрежи.

Носител на проектот Македонски институт за Европски студии, а медиумски партнер – Урбан ФМ радио.

„Објави ме“

Проектот „Објави ме“ има за цел да даде придонес во подобрувањето на критичкото разбирање на содржините и функционирањето на медиумите од граѓаните. Активностите во проектот се во насока да ги поттикне медиумите да ја едуцираат својата публика од една страна, а да го поттикне граѓанскиот активизам, од друга страна, прку употреба на медиумите и медиумските алатки.

Проектот на Младинскиот културен центар – Битола предвидува серијал од 20 ТВ емисии на ТВ Тера во кои гледачите ќе имаат улога на репортери и продуценти. Тие ќе имаат можност да се вклучат на интерактивен начин во креирањето на содржините во серијалот преку коментирање, гласање, споделување, создавање и дополнување на содржините. Целта е публиката да стане prosumers (consumer + producer) на содржината. Предвидена е и интензивна кампања за поголема видливост на проектот како и издавање на краток прирачник за медиумска посменост.

„Горди на себе“

„Горди на себе“ е ТВ проект, на Специјалната Олимпијада на Македонија и Македонската телевизија во која атлетите од Специјалната олимпијада ќе ја играат улогата на новинари и ќе направат интервјуа со македонските спортски ѕвезди, Перо Антиќ –кошарка, Кире Лазаров – ракомет, Евгенија Поп Ацев – пливање, Томи Стефановски – пливање и Наташа Андонова – фудбал. Во 5-те стории од 10 минути атлетите на Специјалната олимпијада, разговарајќи на теми како спорт, музика, живот, предрасуди, ќе се претстават себе си и вештините кои ги поседуваат, надминувајќи ја сликата на сожалување и барање милост во секоја комуникациска релација.

„Подигнување на јавната свест за потребата од стратешки пристап на ретките болести“

Во Македонија пациентите со ретки болести се невидливи пред законот – тие не постојат како посебна група на граѓани со специфични потреби, ниту експлицитно се регулираат аспектите кои се од примарна важна за остварување на нивното право на здравствена заштита.

Целта на проектот е промовирање на медиумите (интернет портали, социјални мрежи, печат, телевизија) како алатка за активно учество на пациентите за ретки болести во јавната сфера и подигнување на свеста кај релевантните институции и јавноста за неопходноста овие пациенти да станат видливи пред законот. Ова подразбира најпрво изработка на сеопфатна стратегија за ретките болести да станат видливи како основа за системски пристап и дефинирање на политиките и законските решенија за постојните проблеми, регулирање на нивните права и обезбедување на можности за правилно и квалитетно лекување.

Со овој проект, Вилсон Македонија, заедно со медиумскиот партнер СакамДаКажам.мк, преку објавување на новинарски текстови, блог постови и јавна дебата ќе им овозможат на лицата со ретки болсти да проговорат и да ги споделат своите животни приказни.

Веста е превзземена од radiomof.mk

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

 
Адреса
ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004