Со напливот на лажни вести и пропаганда, расте потребата од медиумски писмени ученици, кои критички ќе ги оценуваат медиумските содржини. Ќе знаат да анализираат што им сервираат медиумите, како е „спакувано“ тоа, да препознаат спинови и тенденциозност, а притоа и како да ги искористат медиумите за да учествуваат во јавната сфера. Со медиумски описменети граѓани помала е шансата за „провев“ на манипулации и неетичко новинарство, меѓутоа, искуствата покажуваат дека Македонија доста стагнира со медиумската писменост, која е недоволно вклучена во формалното образование.

 

Сите почнаа да зборуваат што е медиумска писменост“ е првата реченица од нашиот разговор со Александра Теменугова од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста.

Раководителката на проектот „Коалиција за медиумска писменост“ смета дека исклучително е значајно да се унапреди медиумската писменост кај средношколците, со цел младите да знаат како критички да им пристапуваат на информациите. На тоа работат.

Сепак, Теменугова има помешани чувства. Од една страна е позитивно што конечно медиумската писменост, по седум-осум години, повторно е во фокусот на разни конференции, јавни дебати, проекти, истражувања... Истовремено, нагласува дека Македонија има своевидна „дупка“, а времето тече... Земјава била своевиден лидер во регионот во промоцијата на медиумската писменост, кога заедно со ресорното министерство биле обучени професорите и наставниците во основното и средното образование, се направил и предлог-курикулум што може да се воведе во формалното образование.

Сето тоа беше одлично, меѓутоа тука заврши. Не добивме фидбек од институциите што е направено во врска со ова. Во меѓувреме ни се случи буквално дигитална револуција. Нови медиуми, нови движења, се наметнаа нови форми на изразување, а и нови форми на манипулација. Тоа не е само кај нас, тоа е секаде во светот - какви и да направиш реформи, ќе каскаш со технолошкиот развој и употребата на новите медиуми. Ние некаде стагнираме, до 2010 година сме застанати“, вели Теменугова.

Сега преку неформални активности за медиумската писменост се пополнува таа празнина во формалното образование. Преку организираните медиумски лаборатории во средните училишта со учениците сè почесто се дискутира како се раѓаат и се пишуваат вестите, истовремено истражувањето на Високата школа покажува дека медиумската писменост на младите важи во делот на „дигитална писменост“. Умеат да детектираат и да посочат дека медиумите креираат влијание кај нив, меѓутоа одреден процент потпаѓаат и под влијание. Најчесто не се ни свесни за комерцијализацијата, за потрошувачкото општество, дека медиумите имаат цел да продадат итн.

Избор на средношколците на содржини од масовните медиуми;
извор Истражување „Медиумска писменост во Македонија: алатката што недостига за активно граѓанство“ на Вишата школа за новинарство и односи со јавноста

Имаме поим ‘дигитална писменост’, но од оваа перспектива, таа сугерира на вештини на техничко ниво, да умееш да бараташ со компјутер, да напишеш ворд-документ, да влезеш на интернет, да пребаруваш... Не можеме да изолираме дека не е потребна, бидејќи има родители и средини без компјутери во домовите. Меѓутоа, за пример, предлог-програмата за македонски јазик, да има пет часови за медиумска писменост, професорите покажуваат дека недоволно се применуваат овие предлог-курикулуми. Тоа претежно останува на совеста и ентузијазмот да се работи на таа материја. Бидејќи, не е работата само да дискутираш, туку недостигаат вештини за да се дискутира. Значи, како да ја декодираат конкретната содржина. Второ, немаат простор за медиумска продукција. Во јавноста често се зборува за ‘Компјутер за секое дете’, но знаете ли каква е ситуацијата во училиштата? Искуствата покажуваат лаборатории што често не работат, компјутерите не се одржуваат, нема постојан интернет... Неодамна бевме во Неготино, сакавме им да пуштиме видеоклип, но нема интернет! Професорите не можат да одржат час, закажуваат со недели однапред просторија за ЛЦД-проекција“, посочува Теменугова.

Таа нагласува дека делови од различни аспекти на медиумската писменост се третираат само во десетина предмети - македонски јазик и литература, социологија, информатика, етика, граѓанска култура, ликовна уметност, педагогија...

Наставни предмети во кои се третираат медиумската писменост и медиумите според година на реформи во нивната содржина;
извор Истражување „Медиумска писменост во Македонија: алатката што недостига за активно граѓанство“ на Вишата школа за новинарство и односи со јавноста

Ова, забележува Теменугова, апсолутно не е доволно. Дополнително ниту во Националната стратегија за образование 2016-2020, ниту во Стратегискиот план за образование 2017-2019 при Министерството за образование, не се споменува поимот „медиумска писменост“.

На професорите им требаат наставни часови на кои ќе дискутираат со учениците како медиумските содржини влијаат врз нив, како да им пристапуваат, кому да веруваат, а кому не и зошто. Од она што го гледаме во училиштата е дека се созреани условите за промена на наставните програми не само во средното, туку и во основното образование. Но знаеме и дека тоа не е едноставна работа. Тоа подразбира еден сеопфатен и добро испланиран процес, кој треба да го води пред сè Бирото за развој на образованието и во консултација со другите институции, граѓански и медиумски организации“, вели таа.

Дона Костуранова, извршна директорка на Младински образовен форум (МОФ), потенцира дека македонското образование не создава активни граѓани со развиена критичка свест. Бидејќи, вели таа, во наставата недостига дебата и не се следат актуелните прашања, младите се неподготвени да се справуваат со овие предизвици и во животот надвор од училиштето.

Истражувањето на МОФ и Метаморфозис од 2013 за младите и медиумите покажа неколку значајни работи. Низ истражувањето се потврди дека младите најмногу користат интернетот како медиум и го сметаат за најефикасен. Три четвртини од младите читаат електронски вести, додека 58% гледаат телевизија на дневно ниво, а само 22% читаат печатени медиуми. Дури 14% од младите никогаш не прочитале печатен медиум. Од истражувањето се увиде дека речиси половина од младите сметаат дека медиумите пласираат лажни факти, додека една третина се тие што сметаат дека вестите се структурирани на пропагандистички начин, како и оние што сметаат дека медиумите користат јазик што стимулира поделби“, нагласува Костуранова.

Многу млади малку им веруваат на медиумите, и според неа, не може да се обвинат за тоа во ваква клима на екстремна поларизација, широкораспространета пропаганда и сензационализам во медиумскиот простор.

Кога преовладува пропагандата медиумот наместо средство за информирање станува средство за контрола. Во состојба кога медиумите, биле тие веб или ТВ, вклучувајќи го и јавниот сервис, се екстремно поларизирани и еднострани, неопходна е критичка мисла за да се разликува фактот од пропагандата. Најсоодветното место за градење на аналитичко размислување, препознавање на лажните информации и логичките грешки е во образованието. Во формалното образование треба да има простор за дискусија и анализа на информациите. Неформалното образование врши многу значајна улога за помагање на младите да бидат критични кон медиумските содржини“, вели Костуранова од МОФ.

Потенцира дека МОФ и Радио МОФ за да ги пополнат овие недостатоци во системот, организира обуки за аргументирано изразување, работилници за деконструкција на пропаганда, а во моментов во партнерство со Националниот младински совет и поддршка од Македонскиот институт за медиуми води проект за младинска медиумска писменост во склоп на „Коалицијата за медиумска писменост“.

Агенцијата за медиуми истражуваше... повозрасна популација

Она што Теменугова претходно го спомена како позитивна нота е и Истражувањето на медиумската писменост кај возрасната популација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Истражувањето беше реализирано преку интервју „лице-во-лице“ спроведено на територија на Република Македонија, на популација на возраст од 16 и повеќе години.

Доколку се забележат суштински разлики во информирањето на медиумите за исти настани, 50,95 % од испитаниците се изјасниле дека не ги отфрлаат или игнорираат сите објавени информации за тој настан. 45,90% ги отфрлаат, а 3,15 % не размислувале.

Извор: Истражување на медиумската писменост кај возрасната популација на АВМУ

Дека телевизиите мора да бидат слободоумни за да бидат објективни и креативни сметаат 49,64 %, додека 48,9 2% од испитаниците целосно се согласуваат дека телевизиските гледачи мора да бидат заштитени од гледање несоодветни или навредливи програми.

Извор: Истражување на медиумската писменост кај возрасната популација на АВМУ

Претставникот на Здружението на новинари на Македонија во АВМУ, Зоран Фидановски, потврдува дека Агенцијата работи на конкретни чекори за слично истражување и за медиумската писменост кај помладата популација. Напоменува дека веќе е поставена Мрежа за медиумската писменост во Македонија, чиј носител е Агенцијата, со 35 членки, јавни институции, образовни установи, граѓански организации и радиодифузери – медиуми.

Македонија во однос на медиумската писменост е во една фаза каде гради чекори напред. Меѓутоа, има уште доста да сработи од она што е неопходно за да се постигне на одредено ниво на медиумската писменост што ќе биде неопходна за, фигуративно речено, да се ‘инфицира’ поширокото граѓанство“, вели тој.

Тој нагласува дека со медиумската писменост е значајна за луѓето да препознаваат информации од различни извори, да ги детектираат, селектираат и од нив изведуваат заклучоци. На тој начин, вели тој, медиумската писменост значи способност да се оттргнат т.н. лажни вести (fake news), да се оттргнат спинови, тенденциозни осврти и коментари од медиуми кои тоа го прават, а да се изберат вистинските информации и да се добие вистинската слика за одредена појава, тема или актуелност во општеството.

Мое лично мислење е дека медиумската писменост треба да биде некој изборен предмет (во образованието н.з.), не мора задолжителен. Изборен предмет во кој самите деца би се одлучиле уште од мали нозе да ги запознаат елементите на медиумската писменост и на тој начин во текот на животот да се надоградуваат“, смета Фидановски.

Тој се согласува дека со активни и медиумски писмени граѓани има помала шанса за „провев“ на пропаганда. На тој начин, самата пропаганда ќе ја изгуби својата смисла на постоење. Не дека ќе нема лажни вести, секогаш ги имало и ќе ги има, но, смета тој, ќе станат безначајни, а на површина ќе треба да излезе она вистинското новинарство - истражувачко, информативно, едукативно, со сите елементи што се потребни за да го добиеме како професија во вистинска смисла на зборот.

Регионални „опипувања“ на медиумската писменост

Стремежите на Финска или Холандија за медиумската писменост во секундарното, примарното образование и предучилишната возраст се можеби далеку од „радарот“. Сепак, неодамна во земјава добивме малку свеж наплив на податоци од Турција и Црна Гора, со цел мала компарација и „опипување“ на состојбите.

На конференцијата насловена „Медиумската писменост како предуслов за активно граѓанство“, Евин Барис Алтинташ, од турската платформа за независно новинарство „P24“ нагласи дека медиумската писменост станала значајна тема во државата, особено за граѓанското општество, по протестите во Гези парк.

Сметам дека медиумската писменост во основа е поврзано со критичкото мислење, преку прашања, и сметам дека треба да биде дел од образовниот систем“, рече таа, нагласувајќи дека постојат недостатоци, односно, се случува предавачите по медиумска писменост да немаат секогаш соодветна заднина, а тоа да влијае врз нивната наставна програма. Во Турција, од 2006 година до денес, медиумска писменост изучиле речиси 4 милиони млади луѓе.

Во Црна Гора, пак, медиумската писменост веќе осум години е дел од формалното образование како изборен предмет во сите средни училишта во државата. Овој предмет ги учи средношколците за основата на медиумите - пораката што ја упатуваат до публиката, но и етичкиот кодекс на новинарите.

Божена Јелушиќ, една од професорите што ја остварија оваа идеја, во претходно интервју за Радио МОФ рече дека причината поради која се избориле медиумската писменост да биде дел од наставната програма, е за да се спречи манипулирањето на младата популација.

Во 1991 година, кога почна војната и се распадна Југославија, таа првично започна во медиумите и дури потоа се пренесе на борбено поле. Почна во јазикот, во она што се пишуваше. Сега, очигледно, сите наши држави, а тука мислам и на Македонија и на Црна Гора, Србија, БиХ, Хрватска, сцената ја прават внатрешно медиумските војни, како што е прикажано во филмот ‘Wag the Dog’, кога се произведува војна што не постои, за да се добијат претседателските избори во Америка. Луѓето ја произведуваат медиумската реалност и тешко дека вие можете да им објасните на децата, или на некој начин да им кажете кои се кредибилни медиуми. Подобро нивните очи да бидат кредибилни, нивната глава, па тие да одберат. Но факт е дека луѓето сакаат лоши медиуми, тие сакаат скандали, сакаат ѓубре. Проблемот е дали учениците ќе знаат да направат разлика каде што почнува едно кредибилно новинарство, со извори, докази. Инаку, лично, веќе не знам дали постојат кредибилни медиуми“, рече Јелушиќ во интервјуто.

За медиумската писменост најодговорни се медиумите

За долгогодишниот новинар и колумнист Ѕвездан Георгиевски, медиумите ја создаваат и ја моделираат јавноста, а не обратно. Во таа смисла, вели тој, за медиумската писменост најодговорни се токму - медиумите.

Вообичаената фраза дека секоја публика има медиуми какви што заслужува, едноставно, не важи. Попрво би рекол дека медиумите имаат публика каква што заслужуваат. Со други зборови, ако телевизиската програма ја полните со евтини ријалити шоуа, гранд продукции и разно-разни бескрајни и ступидни сапуници, тогаш креирате анестезирана јавност, која не е во состојба да создаде реакција на било каква општествена акција. Сѐ уште ми е свеж примерот со затворањето на А1 телевизија, која иако имаше сериозна гледаност, не успеа да испровоцира посериозен отпор кај нејзините гледачи при нејзиното затворање. Причината за ова, според моето длабоко убедување, беше токму пасивизирањето на публиката со синхронизираните турски и индиски серии, кои освен рудиментирана забава и пласирање готови вистини не нудат ништо друго“, вели Георгиевски.

Што се однесува до таканареченото политичко информирање, новинарот смета дека состојбата е идентична. Македонските медиуми (чест на исклучоците) не создаваат публика во смисла на мислечки интелектуалци, туку создаваат потрошувачи на одреден производ (во случајот на некоја политичка идеја, програма или манипулација). Наместо медиумите, забележува Георгиевски, како основен лост на демократијата, да ја наметнуваат општествената агенда пред јавноста, тие се тука само да ја следат агендата на политичките чинители.

Овој типичен авторитарно-неолиберално-маркетиншки медиумски трик не може да се надмине преку теоретско-образовни модели (тие се можни само во здрава медиумска средина, односно како производ на веќе воспоставената квалитетна медиумска база). Значи, прашањето е како да се создаде таа база и врз неа да се гради медиумската писменост. Одговорот не е лесен, но не е ни невозможен. Не треба човек да биде Егон Ервин Киш, па да сфати дека во позиција на целосно растурен медиумски пазар, мошне тешко е да се пробие еден пристоен или, како што јас сакам да кажам, нормален медиум. Парадоксот на македонската медиумска ситуација може да се согледа и од фактот дека голем број од оние малкуте медиуми што вака или онака успеаја да сочуваат некаков дигнитет во времето на режимот на Никола Груевски, сега се соочени со гаснење. Нивното постоење, пред сѐ, беше овозможено со меѓународни пари, но во услови кога наводно демократијата стаса и во оваа земја, големи се шансите овие пари да секнат или да се пренасочат кон други приоритети (судство, корупција, полиција, локални проблеми...). Во таа смисла, државата, односно новата Влада, е исправена пред сериозна задача да осмисли (и да спроведе) валидна, одржлива и квалитетна медиумска стратегија, која ќе овозможи новинарската професионалност да избие во прв план. Постојат низа инструменти со кои може да се овозможи добра медиумска клима, но тоа се веќе прашања од технички карактер“, потенцира Георгиевски.

Но ако сакаме да бидеме искрени, нагласува долгогодишниот новинар, медиумската писменост не е нешто со што може да се гордее и оној дел од светот што го сметаме за „цивилизиран“ и „напреден“. Пример за тоа е и аферата со „лажните вести“ во американската предизборна кампања (каде што во голем дел партиципираат и „нашите дечки“), така што интернетот како глобална информативна мрежа колку што може да помогне (и помага) во воспоставување пристојна медиумска култура, вели тој, толку може да биде и штетен.

Оптовареноста со таканаречените кликови најчесто доведува до инсистирање на квантитетот, непровереност на објавените податоци и сензационализам во опремата на текстовите. Токму на спротивното од она што го подразбира медиумската култура. Сепак, оптимист сум. Токму неодамнешното гаснење на весниците и порталите на МПМ ми дава за право уште пооптимистички да гледам на работите. Едноставно, според законите на физиката, празниот простор ќе се исполни, а според законите на еволуцијата (кои, за жал, не се секогаш егзактни и прецизни) ќе добиеме и еден нов квалитет“, заклучува Георгиевски.

Бојан Шашевски

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

 
Адреса
ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004