Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Медиумски објави

„Албанско знаме закачено на граничниот премин Богородица“. Оваа вест, беше објавена заедно со оваа слика, направена наводно, на граничниот премин Богородица, на македонско-грчката граница, на која се гледа граничната табла на која е залепено албанското знаме. Во веста пишува дека на влезот во Македонија, од грчка страна, државниот грб на Македонија, е покриен со албанско знаме. Веста ја објавија неколку интернет портали, а потоа на своите интернет-страници ја објавија и некои традиционални медиуми. Но, неколку часа подоцна, стигна демант од македонското Министерство за внатрешни работи.

„Целосно неточни и невистинити се информациите и фотомонтажите направени на неколку веб портали дека на граничниот премин Богородица е поставено знамето на Република Албанија. Таков случај не е пријавен во МВР. Веднаш по објавувањето на овие невистинити информации беше извршена проверка на посоченото место на граничниот премин Богородица и констатирано е дека таков случај не постои“, пишува во демантот на МВР.

Лажната вест за албанско знаме на македонско-грчката граница беше објавена во чувствителен момент во мултиетничка Македонија. Само неколку дена претходно, беше изгласан Законот за јазици, со кој се проширува употребата на албанскиот јазик во македонските институции на цела терирорија на земјата. Прашање кое го подгреа македонскиот национализам.

„Лажните вести почнаа да доминираат многу повеќе над професионално обработените вести. Ова се должи на повеќе аспекти: довербата во медиумите и критериумите или вредностите во општеството. И едната и другата работа многу придонесуваат кон тоа да се отвори сериозен простор за fake news“, вели Драган Антоновски, директор на МИА.

Но, ова не е единствен пример. Во Македонија, лажните вести се толку чести, што земјата го доби епитетот – земја на лажните вести.  Неодамна, на неколку портали, па дури и едно скопско радио ја емитуваше веста дека албанскиот коалициски партнер ДУИ ја напушта владата. Проблемот е што веста е од пред три години, односно од 2015-та година.

Пратеникот од албанската партија Демократска унија за интеграција (ДУИ), Артан Груби, кој тогаш ја соопшти веста за излегувањето на министрите на оваа партија од влада, за лажната вест, емитувана повторно во март годинава, реагираше на својот профил на Фејсбук. Тој напиша дека од неукост и плукни-залепи новинарство, негова изјава од 2015 година, денес станува лажна вест.

Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии вели дека брзиот развој на новите медиуми предизвика да имаме плодна почва за размножување лажни вести.

„Информациите се добиваат во нула време и недостасува можеби онаа клучна алатка од медиумите – проверка на информацијата. Да се пласира точна и верификувана информација“, вели Теменугова.

Таа прави разлика меѓу лажни вести и дезинформации, но крајната цел и на едните и на другите е да бидат презентирани во јавноста за да нанесат штета или да остварат профит. Најчесто ги пласираат политички или бизнис моќници кои имаат и најголема корист од тоа.

„Не е сменето од претходно. Дали се тоа бизнис центри на моќ или, пак, политички центри на моќ. Различна е само формата, односно пакувањето во коешто тие лажни вести допираат до нас“, објаснува Теменугова.

Антоновски е уште поостар. Вели дека политичарите и бизнисмените го киднапираа новинарството и сега го злоупотребуваат за свои потреби. Најголеми добитници, сепак, се политичарите.

„Политичките елити, главно, затоа што манипулацијата спиновите, градењето некаква политичка клима, амбиент, се тоа е во корист на оние кои се борат за власт и на никој друг. Сите останати се лузери“, вели Антоновски.

На напливот на лажни вести, барем за сега, не му се гледа крајот бидејќи се урнисани професионалните стандарди, објаснува Антоновски: „Мислам дека имаме ниски професионални стандард, има многу луѓе кои не се вложуваат во едукација, во професионализација, во млади луѓе кои ќе работат според стандарди. Во овој момент може да се направи еден професионален медиум од сите медиуми кои ги имаме.“

„Сите овие нус-појави кои ни се случуваат сега, можеби повторно треба да не вратат назад на првите часови што ги учиме нашите студенти во основите на новинарството. Кои се основни принципи врз кои делуваат новинарите: проверена информација, точна, навремена, правична“, вели Теменугова.

Освен ова, потребно е и медиумско описменување на публиката која ќе може да препознае што е лажна вест. Нешто за што недостасуваат системски решенија за масовна медиумска едукација  и во основното и во средното образование.

Изгледа дека тинејџерите не само што знаат да разликуваат лажни вести, туку целосно ја сфатија моќта на социјалните мрежи. Глобално, се чини дека најголем добитник од лажните вести од Македонија имаше сегашниот американски претседател Доналд Трамп. Се покажа дека за време на неговата претседателска кампања за изборите во 2016 година, во Велес беа направени речиси 140 интернет страници на кои се објавуваа лажни вести. Станува збор за измислени, сензационалистички вести кои беа во корист на Трамп, а ги пласираа македонски тинејџери преку социјалните мрежи, најчесто преку Фејсбук. За ова се пишуваше во странските медиуми, а македонските новинари кои ја истражуваа приказната не се многу расположени да зборуваат пред камера. Основачот на Фејсбук Марк Цукерберг во интервју за СиЕнЕн потврди дека и лани, за време на локалните избори во САД,  повторно е детектирана сомнителна активност и изворот на лажните вести и профили, повторно е лоциран во Македонија.

„Во 2017, минатата година, за време на специјалните избори за Сенатот во Алабама, поставивме нови алатки кои ги направивме за да детектираат лажни корисници кои се обидуваат да шират лажни вести. Откривме многу лажни корисници кои доаѓаат од Македонија“, рече Цукерберг.

Колку е сериозен проблемот со лажните вести покажува и извештајот што во март годинава, го објави експертската група на Европската комисија со препораки и совети за спротивставување на лажните вести и дезинформации кои се шират он лајн. Македонија веројатно ќе треба да ги примени европските совети, за да го спречи објавувањето лажни вести.

Марија Дивитарова

lazni vesti1

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk