Автобуски превоз: Сите патишта водат само кон Скопје
Ако во Римската Империја се знаело дека сите патишта водат кон главниот град Рим, се чини дека две илјади години подоцна тоа правило останало да важи во македонската република. Едноставно сите патишта водат кон метрополата Скопје, а другите, помали градови меѓусебно се или слабо или воопшто не се поврзани.
Тоа останува така и во летната сезона кога многумина го користат автобускиот превоз за да стигнат до дестинациите за одмор.
На пример во средината на јули во Крушево ќе се одржува голема смотра на извидничките одреди од целата држава која ќе биде проследена со многу обуки, планинарење и креативни работилници. Но, прашањето е како еден извидник од Делчево или од Штип би стигнал до местото.
Младиот човек од Делчево треба прво да се организира со други сограѓани или сам да најми такси до најблиската автобуска станица која е во Македонска Каменица. Делчево не е поврзано со автобуски превоз со ниту еден град веќе неколку години. Од Каменица за да го продолжи патувањето треба да оди до Скопје, па оттаму да фати друг автобус до Прилеп. Од Прилеп се фаќа автобус или друг вид на транспорт како на пример комбе за до Крушево. Делчево и Крушево се два града кои не се споени со автобуски превоз ниту со главниот град.
За еден млад тетовчанец на пример по завршувањето на училишната година да оди на летна сезонска работа во некоја оранжерија во струмичкиот или гевгелискиот регион за да го дополни личниот буџет со кој потоа би можел да посети некој од музичките фестивали покрај нашите езера треба.
Да не спомнуваме дека при секое фаќање на нов автобус треба да се обидете да ги усогласите и да го погодите времето за поаѓање што е прилично тешко ако се има предвид дека некои автобуски станици ги немаат јавно онлајн истакнато возните редови, а на телефоните на автобуските станици често никој не се јавува.
Така на пример ако млад човек тргне со автобус од Дебар кон Дојран. Со комбе од станицата во Дебар треба да оди до најблискиот поголем град. Да речеме до Гостивар. Од таму треба да фати автобус до Кичево, а од таму до Прилеп. Од Прилеп потоа со автобус кој вози преку Кавадарци и Неготино да стигне до Валандово. Од Валандово треба да се фати еден од неколкуте автобуси кои возат за Гевгелија па оттаму да се фати за Дојран.
Ако се пресмета трошокот пак за превозот во една насока се поставува прашање колкумина од младите луѓе во земјава кои учат во средно образование и немаат постојани примања се способни да го поднесат.
На пример, според јавните цени објавени во возниот ред на прилепската автобуска станица, линијата Кичево – Прилеп во еден правец чини 310 денари. За од Прилеп до Валандово има два автобуси во денот и возењето чини 660 денари. На интернет страницата на автобуската во Гевгелија нема информација колку чини автобусот до Валандово, ниту пак колку чини до Дојран.
Ако на трошоците се дополни и цената на првиот превоз од Дебар до Гостивар, вкупната сума на превозот во еден правец до Дојран лесно може да достигне меѓу 1500 и 2000 денари. Повратно тоа би чинело меѓу 3 и 4 илјади денари без да се земе предвид тоа што ако патникот не ги погоди прецизно времињата за поаѓање и пристигнување меѓу различните градови каде треба да менува автобуси може да треба да бара и место за преспивање во некој од нив.
Дека сумата за едно патување од околу 50 евра не е воопшто мала може да се види од одлуките во големите и развиени земји. На пример, Германија за да им помогне на младите во својата држава со тоа што ќе ги ублажи трошоците, но и да го олесни и поттикне движењето на странските туристи низ сите региони на земјата, како и да ги поттикне повеќе луѓето да користат јавен превоз за да се намали загадувањето на воздухот и емисиите на гасови воведе национален билет – Deutschland Ticket. Тој чини месечно 49 евра или околу 3000 денари, а со него патникот цел месец може да го користи јавниот транспорт во целата држава.
Значи за истата сума колку што на млад човек во Македонија би му требало за да стигне и да се врати еднаш од еден до друг крај на државата, во Германија младите можат да патуваат и да се движат во целата држава цел месец.
Во опсежно истражување британската невладина организација – Health Foundation се осврна на влијанието на достапниот транспорт врз животот на младите во таа земја. Фондацијата меѓу другото заклучува дека младите на возраст меѓу 12 и 24 години во тој период минуваат низ самоосознавачки искуства кои потоа имаат определувачко значење во нивните животи. Тоа е период кога тие се насочуваат кон образование, вработувања и осамостојување преку преселба од домовите на родителите и формираат животни пријателства и врски со други луѓе.
Притоа, нивните податоци покажуваат дека во Британија младите луѓе денеска патуваат помалку споредено со пред 20 години, што најмногу се должи на цената на тамошниот транспорт.
Со тоа се смета дека на младите луѓе им се ускратуваат можности, ангажмани и создавање на нови познанства и конекции, можности да развијат нови вештини и работни знаења или да посетат нови места кои може да им донесат вредни лични искуства со кои тие го создаваат и односот кон своите заедници. Затоа, како што се посочува во истражувањето, можностите кои обезбедуваат поврзување на младите, со тоа и транспортот, се од исклучителна важност за општествата.
Автори: Михаела Стојаноска, Милена Ѓуроска, Десанка Николова, Тереза Кимова и Даница Среткова