Активирај се | Создадено од вас |

Церебралната парализа не е пречка Вера да биде студент за пример

feat-img

Ако долгогодишните напори за целосна инклузија во образовниот систем во Македонија за лицата со посебни потреби претставува лавиринт, дефинитивно може да се каже дека Вера Апостоловска го има најдено вистинскиот патоказ.

Церебралната парализа не стана пречка кон нејзината зацртана цел до успех. Иако 22 години живее во оваа состојба, тоа не било пречка да биде вклучена во образовниот процес заедно со нејзините врсници. Сега, Вера Апостоловска е студент на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Трета година студира за специјална едукација и рехабилитација. Сака да им помага на идните генерации да бидат вклучени во образованието колку можат и колку им дозволува состојбата.

Ни откри дека омилен предмет на факултет ѝ е психологија. Со задоволство го учи и го положила лесно, на што била многу горда. Освен тоа што учи, таа работи и со деца. Кога оди на пракса во основно училиште во Скопје, вели дека ужива да работи со децата, кои толку ги освоила што прво ја прегрнуваат, па потоа почнуваат со работата.

Веќе 15 години пливањето ја исполнува и прави среќна, омилена техника ѝ е краул, а учествува и на натпревари. Исто така вози велосипед и умее да скија.

Зад Вера стои армија луѓе

Кога ќе ја слушнете приказната за животот на Вера, сигурно ќе ја наречете херој. Но, зад нејзиниот успех стои армија луѓе. На нивно чело е нејзината мајка, која посочува со какви предизвици се соочила во животот. Вели дека не би успеала ако е сама, но денес, кога ќе погледне зад себе, вредела секоја жртва.

„Зад Вера не стојам само јас како мајка, зад Вера стои армија луѓе. Прво семејството, нормално. Имаме голема среќа бидејќи и нејзиниот татко е извонреден маж и родител и тој најмногу ми дава поддршка прво мене, па на детето. Вера е мултидисциплинарен производ на голем број стручни лица, почнувајќи од низата странски проекти за рана интервенција, за педагогија…. Вера ги изоде сите институции, сè што постоеше таа посетуваше. Многу се работеше со неа од стручни лица. Но, за сето тоа да се изменаџира, ние родителите се имаме подредено на нејзиното функционирање. Прво ни е нејзиниот живот и функционирање, па потоа нашите потреби“, раскажува мајката на Вера, Надјенка Апостоловска.

Мајката на Вера ја работела работа која ја исполнува. Таа е германист, судски преведувач по германски јазик. Но, обврските кои ги има околу Вера станале нејзин фокус во животот, па одлучила да се збогува од кариерата.

„Порано бев редовно вработена, но благодарение на еден закон во Македонија, за нега на дете до 3 години, имаше ослободување од работа, а потоа издејствував скратено работно време исто така според закон. Но, тоа скратено работно време подразбира и пола плата. Тоа сè се одразува и на парите. Имав прекрасна кариера, често одев на пат со делегации, имав преубава професија, но морав да се откажам од неа“, вели Апостоловска.

Вера е лекција за сите. На предавања е редовна, испитите ги полага во рок. Прва стигнува на вежбите. Стручните лица кои работат со неа имаат само пофални зборови и за Вера велат дека е студент за пример.

„Вера е одличен студент, супер се снаоѓа. Редовна е на предавања, дури може да кажам дека е и најредовна, навремена е на вежби. Студиската пракса ја извршува во училиштето каде што таа има учено основно образование, „Ј.Х. Песталоци” во Скопје. И често од таму знае да ми испрати и фотографија со дечињата“, вели д–р Наташа Чичевска-Јованова, раководител на третиот циклус студии на Институтот по дефектологија.

Бројот на студенти со посебни потреби е драстично намален

Вера е единствена во академската група која има состојба на церебрална парализа. Оваа студентка е една од вкупно 25 лица со посебни потреби кои во моментов студираат на УКИМ. Девет од нив, вклучувајќи ја и Вера, се студенти на Филозофскиот факултет.

Колку и да се говори за инклузија, создавање услови и поволности за лицата со посебни потреби во образовниот процес во Македонија, има драстично намалување на запишани студенти.

Државните институции не поседуваат официјална статистика за тоа колкав е бројот на лица со посебни потреби кои поединечно по учебни години се вклучени во образовниот процес во високото образование. Иако бројките секоја учебна година варираат, може да се извади просек за лица со посебни потреби запишани во основните и средните училишта. Така, податоците до кои дојдовме, говорат дека по 900 деца годишно се вклучуваат во основното образование, а во средните училишта има по 300 нови ученици со посебни потреби секоја година.

Министерството за образование и наука не добива податоци од факултетите за бројот на запишани студенти со посебни потреби. Во таа статистика, овие студенти не се издвојуваат во посебна категорија. Штури се и информациите за тоа колку од запишаните студенти со посебни потреби дипломираат, а колкумина од нив продолжуваат на постдипломски студии.

Првото јавно објавено истражување за оваа тема, спроведено од невладини организации, е направено со податоци за 2015 година. Таа година, 49 лица со посебни потреби завршиле високо образование, 5 станале магистри, а ниту еден од нив не завршил докторски студии.

Последните податоци објавени во Публикација за подобрување на квалитетот за студирање на студентите со попреченост се однесуваат на период од пет години, од 2016 до 2021 година. Најголем број на дипломирани лица со посебни потреби (10) во овој период има на Филозофскиот факултет во Скопје. Три лица од оваа категорија дипломирале на Универзитетот во Битола, на Факултетот за туризам и угостителство. Во овие пет години, со диплома се стекнале по две лица со посебни потреби на Правен, Филолошки и Педагошки факултет. По еден дипломиран има на Факултетот за дизајн, Машински факултет и Електротехнички факултет.

Високото образование за лицата со посебни потреби е бесплатно, па причините не може да се бараат во недостаток на финансии.

Стручни лица, кои се вклучени во образовниот процес на лицата со посебни потреби, објаснуваат дека падот на бројот на студенти се должи на тоа што по завршување на студиите, сите се соочуваат со „ѕидот“ на пазарот на труд. Кога ги вложуваат сите напори да доаѓаат на предавања, да учат и да полагаат испити, тоа не го прават само за лична сатисфакција за време на студиите, туку за понатамошно искористување на знаењата и вештините. Но, бројот на работни места за лица со посебни потреби, со стручна подготовка, за жал, е ограничен велат стручњаците.

Амбициозната Вера се надева дека нема да се соочи со ваква пречка бидејќи избрала струка во која речиси и да нема невработени лица.

„Многу сум среќна“

Храброста и упорноста на Вера треба да бидат лекција на сите и пример за идните студенти кои се соочуваат со тешкотии.

Додека разговаравме со неа, таа често посочуваше дека е среќна. И кога положува испити и кога плива. Среќна е кога работи со децата, а среќа чувствува и што може некому да биде пример.

„Сакам да бидам пример, сите да бидат успешни како мене. Колку што можат, колку што им дозволува нивната состојба“, порачува Вера.

Автори: Ивана Јаневска, Ивана Ефремовски, Лука Здравковски, Нефаил Емини

Текстот е изработен како дел од Мастер часовите за медиуми и новинарство, кои ги организираа Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на УСАИД проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.