Две децении не може да се изгради спортска сала, студентите нема каде да вежбаат
Во 2002 година се најави изградба на 35 спортски сали, не само во градовите, туку и во секое село. Спортската сала кај студентскиот дом „Стив Наумов“ беше една од нив. Се сменија многу влади и многу генерации студенти во овие две децении, а салата е само карабина полна со ѓубре.
Повеќе од две децении спортската сала кај студентскиот дом „Стив Наумов“ во скопската населба Автокоманда стои руинирана. Спортска сала всушност нема, само објект со сиви цигли, кој внатре „крие“ расфрлани штици и друг градежен отпад, ѓубре од кое се шири смрдеа, дувло од кое може само да се шират заразни болести. Кеси со ѓубре има и надвор од објектот, а навечер е како куќа од хорор филм од која не знаеш кој и што ќе излезе.
Иако од општината Гази Баба, на чија територија се наоѓа салата, тврдат дека два пати ги затворале влезовите и еднаш дури ја исчистиле депонијата, некој пак ја изгнасил. Едниот влез на карабината е заѕидан, па скаличките кои се направени водат кон ѕид. Но, другиот влез кон тоалетите е отворен и од него се гледа само ѓубре и плочките на просторот кој требало да биде тоалет.
Студентите кои живеат во „Стив Наумов“ не сакаат да зборуваат јавно. Ако порано кажуваа дека се плашат од зарази, дека летно време смрдеата им се шири и во собите, сега ниту еден студент не сакаше да зборува за запустената сала. На некои од нив не им била интересна темата, а други заборавиле дека постои објектот, веќе се навикнале на руината, па им станала и нормална.
Според медиумските архиви, напуштениот објект неретко беше засолниште на наркозависниците кои тука се криеја од очите на јавноста. Пред неколку години пак карабината беше дом на Роми бездомници кои оттаму ја повикуваа државата да им најде дом.
Почнала да се гради во 2002 година
Салата беше најавена како дел од тогашниот владин проект (во времето на премиерот Љубчо Георгиевски) за изградба на 35 спортски сали низ државава. Изградбата ја започнала Агенцијата за млади и спорт во далечната 2002 година. Сместена е во студентскиот дом „Стив Наумов“ за студентите да имаат простор за спортски активности, но веќе поминува 21-та година, а сала за студентите нема. Почнало да се гради, но изградена била само карабина, а поради нерешени имотно-правни односи градежните активности се прекинати.
„Токму поради ваквата состојба, а и со цел да се најде решение за овој објект Општина Гази Баба ја има запишано во Катастар на недвижности како објект во сопственост на општината и во моментот, согласно нашите информации, бараат инвеститор за доизградба и ставање во функција на овој спортски објект“, ни одговорија од Агенцијата за млади и спорт.
Колку пари точно биле првично вложени од Агенција за млади и спорт немаат податок, но она што може да се најде од медиумски истражувања, вложени биле околу 7,6 милиони денари.
Според податоците што ги добивме од Општина Гази Баба, се градело во договор со две компании „Мак Промет ДООЕЛ“ и „Триумф ГМ“. По тужба на Агенцијата за млади и спорт, Граѓанскиот суд во јануари 2013 година донел пресуда за раскинување на договорот и салата ја вратила во сопственост само на Агенцијата за млади и спорт.
Гази Баба ќе бара инвеститор
Но, таа со години не мрда со прст, а освен што била нефункционална, од одговорот на Општина Гази Баба се открива и дека била изградена на диво. Со решение за утврдување на правен статус на бесправен објект, на 22 февруари 2009 година општината го легализира објектот.
Следната година општината објавила јавен повик за издавање под закуп на инвеститори за најмногу десет години или за договор за јавно-приватно партнерство со право на користење до 35 години.
„Постапката не е завршена, затоа што во тек е изработка на Детален урбанистички план за студентската населба „Стив Наумов“ во кој треба да се утврди градежна маркица за спортската сала со дворно место и паркиралиште, со сообраќаен приклучок од булеварот „Александар Македонски“. Општината е заинтересирана за санирање на објектот, приоритет ни е спортот на младите и спортските здруженија кои имаат потреба од спортски објекти и терени“, ни изјавија од Општината.
Оттаму тврдат дека просторот околу салата и во продолжение до ресторанот „Смок“ го култивирале со зелена површина преку Јавното комунално претпријатие „Гази Баба 2007“.
Ветуваат засилени активности штом се изработат измените на ДУП-от и тврдат дека има заинтересирани инвеститори. По сите овие перипетии и децениска запоставеност, единствен чекор напред е што општината презеде одговорност.
Нема спортски сали за студентите
Додека институциите си ја префрлаат одговорноста, студентите речиси и да немаат спортска сала.
Спортската сала на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, во кампусот на правниот, економскиот и филолошкиот факултет, со години стои демолирана и руинирана. Изградена уште во 2017 година со сите потребни реквизити и услови за спортување на студентите, салата никогаш не беше ставена во функција, а државата потроши околу 2,5 милиони евра. Салата не доби технички прием поради судскиот спор кој настана помеѓу фирмата и Агенцијата за млади и спорт.
Според податоците од Студентскиот парламент, единствено функционираат салата „Македонски херои“ на Факултетот за физичка култура и спортската студентска сала на Машинскиот факултет. Ниту една друга сала не функционира.
Авторки: Фросина Факова – Серафиновиќ, Симона Рунчева, Марија Јованова, Теодора Соколовска
Текстот е изработен како дел од Мастер часовите за медиуми и новинарство, кои ги организираа Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на УСАИД проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.