Активирај се |

Како да раскажуваш преку видео?

Сакаш да направиш забавно видео, како за социјалните мрежи или, пак, нешто посериозно, како за телевизија? И за едното и за другото постојат основни правила што се горе-долe исти.

Уште кога ќе почнеш да снимаш, треба да мислиш како ќе го поврзеш тоа што си ги снимил/а!

На почеток, за широчината на плановите. Главни се:

  • Екстремно широк и широк план, наречени и тотал, ги користиш кога треба да покажеш каде во просторот се наоѓа нешто, во поширока географска смисла – како град, село, планина, или пак кога треба да ја покажеш пошироката околина околу субјектот.
  • Средниот план го прикажува субјектот или субјектите од глава до пети, вклучувајќи ја и непосредната околина. Субјектот сè уште не доминира во кадарот, но тој е важен исто како и околината.
  • Америкен, почнува во висина на колената на субјектот и завршува над главата. Се користи за да се доближи субјектот на публиката, но и да се спречи ефектот на „лебдечко торзо“, ако се движи. Движењето, без да се гледаат барем колената, често изгледа чудно на камера.
  • Средно–крупниот план почнува од половината. Веќе јасно ги гледаме очите, изразите на лицето и дејствието што го прави субјектот. Околината, веќе, е помалку важна.
  • Крупниот план ја опфаќа главата и дел од рамената. Очите и гримасите се јасно видливи. Ова е најупотребуваниот кадар за интервјуа затоа што ем го доближува субјектот до публиката, ем има доволно место за потписи или превод, ако се потребни.
  • Многу крупните кадри, вообичаено се фокусираат на делови од лицето, како устата или очите. Секое движење сега говори многу за тоа што можеби мисли или чувствува субјектот. Ако сакаш да доловиш драматика, ова е планот кој ти треба.

Како публиката ќе го доживее субјектот кој го снимаш, зависи и од ракурсот, односно аголот на снимање.

  • Кога снимаш со т.н. долен ракурс, тогаш му даваш поголема важност на субјектот. Тој изгледа поголем отколку што е. Доминира. Особено ако ги движи и рацете, изгледа авторитативно и сигурно.
  • Ако, пак, сакаш публиката да го гледа субјектот како мал, слаб, немоќен, па дури и со потценување, тогаш снимаш со горен ракурс.
  • Кога снимаш со агол во висина на субјектот, најчесто во висина на очите, тогаш гледачот лесно се поистоветува со субјектот. Тој делува нормално. Каков што е.

Значи, ти требаат кадри со различен план и ракурс за да можеш на крај, во монтажа, да доловиш просторно и временски логичко дејство. Со други зборови тоа се нарекува секвенца. Кога во секвенците користиш многу или повеќе широки кадри, тогаш гледачот добива информација и за субјектот и за неговата околина.

Но, широките кадри носат и еден проблем – потребно е повеќе време да заврши дејството. Сè е логично и информативно, но често не изгледа многу динамично и привлечно. Ако си снимил доволно кадри, особено доволно крупни кадри, имаш излез. Kрупните кадри придонесуваат за помалку време да се раскаже горе-доле истата работа.

Но, не заборавај на уште неколку основни правила!

  • Првото е т.н. рампа. Ако снимаш разговор меѓу двајца, меѓу нив постои замислена линија. Избери од која страна ќе снимаш и не ја менувај. Позицијата на камерата може да се менува, но да не ја поминува линијата. На тој начин, гледачот добива впечаток дека едниот зборува, а другиот слуша и може да си претпостави кој каде седи.
  • Треба да ја држиш истата страна и кога сакаш да раскажеш нешто за субјектот преку кадри. Во случајот, логично е да погледнеме што има на екранот преку поблиското, лево рамо. Конфузно е ако постојано се менува страната. Страната понекогаш може да се смени, но тоа треба да се направи на логичен начин. На пример, ако гледачот јасно види дека камерата се префрла од лево на десно.
  • Кадрите не мора да бидат статични. Можеш да креираш очекување со т.н. тилт, кога камерата се движи од горе надолу или обратно, со почеток и крај кои објаснуваат некое дејство.
  • Сличен е ефектот и со т.н. швенк, само што движењето сега е од лево кон десно или обратно, 

Значи, размислувај во секвенци. Размислувај со какви кадри ќе имаш најдобри секвенци.  Едно добро видео заменува илјадници зборови.