Активирај се | Создадено од вас |

„Ме лажеа дека мајка ми нема да ме земе” – Децата со попреченост повеќекратно изложени на врсничко насилство

feat-img

„Ми викаа мајка ти нема да дојде да те земе, плачев поради тоа, па ме запишаа во друго училиште“, така ни раскажа Ива Шуминовска, лице со попреченост, која и ден денес има белег од траумите што ги доживеала за време на училишните денови.

Ива Шуминовска

Во првите години од нејзиното образование, поддршката ѝ била минимална и ја добивала само од една наставничка и од дел од соучениците.

Ива Шуминовска

Според статистиките на Светската здравствена организација, учениците со попречености се четири пати повеќе изложени на дискриминација во рамките на училиштата. Според истражување на Бирото за развој на образованието, пак, во 2018 година, бројот на ученици од шесто до деветто одделение со попреченост е 1,59 проценти.

Психолозите укажуваат дека децата со попреченост себе си не се гледаат како различни од другите и дека соодветно на тоа, треба и останатите ученици да имаат рамноправен однос кон децата кои живеат со одредена попреченост.

Клементина Добревска е психолог, која има искуство со работа со деца со попреченост. Добревска посочува дека преку интернет платформата „Ало Бушавко“ формирана во рамките на детската амбасада „Меѓаши“ децата и нивните родители имаат можност да пријават врсничко насилство.

Во категоријата за дискриминација, најголем број на повици се од лицата со попреченост. Почнувајќи од 2020 година, бројот на повици во оваа категорија се зголемува, во 2020 имало седум повици, во 2021 биле регистрирани 15, во  2022 имале 24 пријави. До првата половина од оваа година, пак, до нив стигнел 13 пријави за врсничко насилство, во кои влегува и дискриминација кон учениците со попреченост.

Познавачите на состојбите со односот кон лицата со попреченост во минатото биле многу позагрижувачки, укажуваат психолозите. Велат дека се одело и до крајности во кои децата биле криени од јавноста. „До пред неколку години, овие деца воопшто не беа во јавностa“, објаснува  Јорданка Черепналкова Трајкоска, магистер по комуникација.

Черепналкова Трајкоска додава дека свеста е делумно крената, но укажува дека тоа што денес најчесто се практикува е психичкото насилство кон децата со попречености.

Според Светската здравствена организација, 3,6 проценти од случаите на врсничко насилство се во форма на психолошко малтретирање. Но, има и појава на сексуално насилство, кое изнесува 2,9 проценти. Домашните дефектолози укажуваат дека постојат повеќе форми на дискриминација и насилство врз учениците со попреченост. Според дефектологот Весна Басаров токму децата со психички попречености се мета на насилство.

Според Басаров постојат повеќе начини за справување со овие појави во училиштата.

Дополнителни предизвици во појавата на дискриминацијата како форма на насилство врз учениците со попречености донесоа и новите законски одредби, како Законот за социјална инклузија и Законот за основно образование, а со кои децата со попречености влегуваат во регуларната настава. За наставниот кадар се организираат обуки, но наставниците велат дека тие не се доволни.

Наставничката Магдалена Сарагинова од гимназијата „Кочо Рацин” во Велес вели дека во некои од случаите се оставени сами да се снаоѓаат.

Магдалена Сарагинова

За ова сведочи и наставникот Марјан Стојановски од гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес. Тој преку директно сведоштво и искуство,  раскажува за соочувањето со неговите проблеми со неговите ученици со попреченост. Посочува дека доколку не постојат дефектолози во училиштата, самите професори не се во можност да се снајдат.

Во таа насока Министерството за образование и наука годинава донесе Програма за обуки за стручно усовршување на наставниците. Во нив постојат насоки што наставниот кадар би требало да ги следи во работењето со учениците со попреченост, како и за начините на постапување при случаи на дискриминација.

„Подобрување на наставните вештини,важни за напредување на надарените ученици,стекнување знаења за специфичните образовни потреби на надарените ученици,како и за методите и формите на воспитно-образовна работа со надарените ученици.” – Извадок од Програма за обуки за стручно усовршување на наставниците. Сепак, наставниците искажуваат дека овие обуки имаат многу пропусти и иако постојат сепак не се доволни за целосно справување со проблемот.

„Обуки имало, но сметам дека не се доволни. Обуките се чисто формални, ништо суштинско нема во нив. Кој го слуша, слуша, кој не, пријатно со здравје и добиваме сертификат дека сме обучени”, раскажува наставникот Марјан.

Наставниците, психолозите, стручните лица укажуваат дека се неопходни издржани системски решенија за надминување на дискриминацијата и насилството кон учениците со попреченост.

Додека се чека на тие решенија нашите соговорници упатуваат совети токму кон младата генерација – да преземе чекори за надминување на стигматизацијата на различностите.

Автори:

Василка Карталова, СОУ„Гимназија Кочо Рацин“-Велес

Луна Димковска, СОУ „Перо Наков“ – Куманово

Марко Ристоски, АСУЦ „Боро Петрушевски“ – Скопје

Изабела Ѓурчиновски, СОУ„Гимназија Кочо Рацин“-Велес

Огнен Јованоски, СУГС „Јосип Броз Тито“ – Скопје