Активирај се | Создадено од вас |

Од другари до претприемачи: Тројца млади скопјани решиле да почнат бизнис наместо да чекаат работа

feat-img

Отсекогаш сме сакале да работиме заедно и да имаме локал. Ни се создаде шанса и го почнавме бизнисот. Има можности за работа, но неопходна е јасна идеја и голем труд. Така накусо тројцата другари Стефан, Мартин и Виктор, ги раскажуваат почетоците на пицеријата, „15 за 12“ што веќе важи за популарен локал во скопската населба Кисела Вода.

„После завршувањето на средното училиште со моите родители заминав во Србија. Таму живеев шест години и таму сфатив дека Скопје нуди и подобри можности за мал бизнис“, објаснува Стефан.

Тројцата другари се охрабриле и решиле да се впуштат во авантурата наречена сопствен бизнис. Засега, како што објаснија, добро им оди, а нивните пици наидуваат на солидни оценки.

„Ни се создаде шанса да го отвориме ’15 за 12’ и решивме да почнеме“, вели Виктор.

Сепак, приказната на овие тројца ентузијасти, според статистиките, не е толку честа во македонското општество.

Една третина од младите во Македонија – невработени

Една третина од младите во Македонија се лица кои ниту се вработени, ниту се вклучени во образованието, стои во Националната стратегија за млади 2023-2027 на Агенцијата за млади и спорт. Според истите статистики, во 2021 година стапката на невработеност кај младите изнесувала повеќе од 27 проценти.

Тоа што најмногу загрижува е што повеќето од половината од работоспособните млади, односно 58 отсто се изјасниле дека сакаат да заминат од земјата. Нивното незадоволство, според Националната стратегија, е тесно поврзано со ограничените можности да учествуваат и да влијаат на работата на институциите. На тоа се додаваат кусокот од информации за евентуалните можности да успеат во општеството.

Но, како што објаснуваат познавачите на претприемништвото и бизнисот, пред да се донесе одлука за иселување, треба да се испитаат сите позитивни и негативни аспекти на тој потфат.

„Ниту останувањето, ниту иселувањето од државата не се лесни чекори, посебно за младите. Сметам дека секој млад човек треба да направи добра проценка на добрите и лошите страни на иселувањето или на останувањето дома“, вели професорката од Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје, Милица Петрушевска.

Професорката укажува дека иселувањето бара еднаков напор, колку и останувањето во државата.

„Енергијата што ќе се потроши е иста, дали надвор или дома, но сметам дека е  потребно ангажирање на младите во однос како да стигнат до добро работно место, или да разгледаат можности за свој бизнис“, додава Петрушевска.

Тројцата другари советуваат дека има повеќе начини за да се успее во одреден бизнис во земјава. Тоа што го нагласуваат е дека треба првенствено да се има добро обмислена идеја со која ќе се настапи на пазарот.

„Потребно е да се работи со многу труд, љубов и посветеност. Не потпаѓајте под туѓите мислења, следете го вашиот сон. Критизерите и скептиците ќе ги демантирате со вашиот успех“, укажува Стефан.

Сонот не е доволен – потребен е и квалитет

Но, не секогаш сонот е доволен. Младите претприемачи, сепак, додаваат дека на пазарот треба да се понуди продукт или услуга што ќе биде уникатна и исклучително квалитетна.

„Треба потрошувачите да се незаситни од вашиот производ. Тоа ќе ве издвои од конкуренцијата“, вели Виктор.

Укажуваат дека денешниот консумент е подготвен да плати и повисока цена, доколку добие производ или услуга на професионално ниво, со нагласен квалитет. Притоа, секогаш постои соочување со ризичните ситуации.

„Ние сме млада и амбициозна екипа. Свесни сме дека постои ризик. Секој што сака да почне бизнис, треба да биде подготвен за преземените ризици. Но, со труд успехот може да дојде“, советува Мартин.

Искуството на тројцата претприемачи посочува дека претприемништвото е еден од начините за намалување на младинската невработеност во државата.

Според истражувањата, Македонија се соочува со една од најголемите стапки на младинска невработеност во Европа. Во изминатите години се донесени повеќе мерки и механизми од страна на државата чие дејство и влијание врз подобрување на општествено-економското вклучување на младите не е забележително. Националната стратегија за млади е исто така еден од стратешките документи со цел планирање на конкретни политики насочени кон младите.

Невработеност кај младите во ЕУ е 6,4%, Балканот со највисока стапка на младинска невработеност

Во 2020 година, според ЕУРОСТАТ, невработените млади претставувале 6,4% од вкупното население во земјите од ЕУ. Притоа, 15 држави имале поголемо учество на младата невработена популација во вкупното население повисоко од овој просек.

Податоците покажуваат дека Шведска, Финска и Шпанија се трите земји во коишто има најмногу млади невработени како процент од вкупното население. Така, учеството на младите невработени лица во вкупното население изнесува во: Шведска 12.5%, Финска 11.2%, Шпанија 11.4%. Покрај нив, уште 12 други земји имаат реализација повисока од стапката на ниво на ЕУ.

Од друга страна, Чешка, Бугарија и Полска се земјите-членки на Унијата во кои учеството на невработените млади како процент од вкупното население е најниско и изнесува 2.2%, 3.1% и 3.4%, соодветно.

Имено, земји со релативно висока стапка на младинска невработеност се Македонија, Грција и Црна Гора. Во овие три земји, иако покажуваат тренд на опаѓање низ времето, сепак во 2020 година стапката на младинска невработеност изнесувала над 30 отсто.

Интересен е случајот на Србија, што е единствен каде е забележана стапка на опаѓање на младинска невработеност во периодот од 2014 до 2020 година.

Автори: Александар Митаноски, Катерина Сливоска, Софи Ѓорческа

Текстот е изработен како дел од Мастер часовите за медиуми и новинарство, кои ги организираа Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на УСАИД проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.