Активирај се | Создадено од вас |

Почнете и со 5-10 минути дневно: Спортисти и лекари препорачуваат да се трча

feat-img

Трчањето е еден од наједноставните спортови што имаат голем придонес за човековото здравје, посочуваат спортисти, како и здравствени работници. Скопје и целата држава, според маратонецот Андреј Стојковски, нудат солидни временски услови за практикување на трчањето во поголемиот дел од годината.

„Имаме среќа што живееме во земја каде имаме одлични временски услови голем дел од годината. Препорачувам секој кој има желба за трчање да не се откажува иако процесот може да биде макотрпен и досаден и да мислиме дека ни одзема многу време“, укажува 20-годишниот Стојковски.

Балансиран пристап и не се откажувајте

Маратонецот ги советува младите да не се откажуваат веднаш од овој спорт, иако на почетокот делува едноличен.

„Бенефитот што го носи трчањето е многу поголем доколку се биде истраен одреден временски период. Уживањето доаѓа после некој период“, вели Стојковски.

Сепак, познавачите укажуваат дека најмногу треба да внимаваат почетниците во трчањето и да не поставуваат пред себе недостижни цели и предолги дестинации.

„Во принцип, дури и да се почне со 5-10 минути дневно, докажано е дека има здравствени придобивки. Оптимално, се очекува дека еден човек би требало отприлика 150 минути неделно да има физичка активност. Но, тие што се занимаваат рекреативно, препораката е да не се надмине лимитот од четири часа во текот на една недела”, укажува д-р Билјана Чекорова-Митрева.

Докторката Чекорова-Митрева додава дека балансиран пристап кон спортските активности е особено препорачлив и неопходен кај лицата со одредени здравствени заболувања, како што се срцеви или белодробни проблеми. Укажува дека на тој начин полесно можат да се искусат придобивките од физичката активност.

„Трчањето, како и другите типови физичка активност се полезни за здравјето. Особено придонесува за работа на срцето и крвните садови, ја подобрува функција на белите дробови, помага на зајакнување на мускулите. Секако, не помалку важно, помага и за психичкото здравје на човекот“, вели Чекорова-Митрева.

Покрај малата минутажа во почетоците, докторката препорачува да се користат и соодветни спортски обувки кои треба редовно да се менуваат после подолг период на користење.

„Најбитно од сè е секогаш да го слушате телото. Тоа ви дава знаци. Кога е уморно, ви праќа сигнали, послушајте ги и застанете да одморите доволно“, вели докторката Чекорова-Митрева.

Економски достапен спорт, но недоволна инфраструктура

Спортистите го посочуваат трчањето и како лесно достапен спорт од економски аспект. Причината е што нема потреба од обемна и скапа опрема.

„Нема некакви посебни потребни, кога станува збор за опремата. На лето и во топли денови доволни се една маичка, шорцеви и патики. Со самото тоа се покриени сите материјални аспекти. Најбитно е да се трча и да се ужива во тоа што се прави“, вели маратонецот Стојковски.

Сепак, во Скопје, но и во другите градови низ државата, инфраструктурата за практикувањето на трчањето не е доволна. Во главниот град постои само една т.н. тартан патека, со мека подлога, што е најпогодна за трчање. Таа е во должина од 534 метри и се наоѓа во Градскиот парк.

Ва рекреативниот парк „Гази Баба“, постои т.н. трим патека, со подлога од ризла. Таа е во должина од 1.200 метри, а широка 2,6 до 3 метри. Најдолга дестинација што често се користи за повеќе спортови во Скопје е асфалтната велосипедска патека покрај Вардар. Таа е во должина од околу 15 километри и освен за велосипеди и ролери, често се користи и за трчање.

50 минути неделно трчање и комбинација со други спортови

Во студија што ја објави Универзитетот Харвард се истакнува дека лицата кои во текот на една недела трчаат 50 минути или помалку, имаат значително помали шанси да се соочат со кардиоваскуларни заболувања, во споредба со тие што воопшто не трчаат. Истражувањето опфатило повеќе од 55.000 мажи и жени на возраст од 18 до 100 години. Четвртина од нив биле активни во трчањето.

Во дел од заклучоците во студијата се истакнува дека и трчањето со минимален интензитет, има голем ефект. Сепак, се препорачува дека колку повеќе се трча, толку бенефитите кон здравјето ќе бидат поголеми.

Во истражување во Данска, пак, се наведува дека највисокото прифатливо ниво за трчање е два и пол часа неделно. Студијата отворено укажува дека трчањето не значи дека можностите за кардиоваскуларни заболувања ќе исчезнат целосно, но посочува дека ја редуцира веројатноста да се појават. Тие заболувања се во голема корелација и со други елементи, како животниот стил, начинот на исхрана, како и генетските предиспозиции.

Авторите на овие студии посочуваат дека корисноста е многу поголема доколку се прави комбинација од различни спортски активности, при што 25% од спортувањето би било во форма на возење велосипед, планинарење или пливање.

Сепак, битно е да се земе во предвид дека познавачите нагласуваат оти голема улога после секоја физичка активност е земање доволно време за одмор.

Најмасовниот македонски спортски настан поврзан со трчањето е Скопскиот маратон. Лани беа пријавени повеќе од 8.500 учесници. Годинава маратонот ќе се одржи на 1 октомври, а организаторите очекуваат да се надмине ланската бројка на пријавени учесници.

Автори: Андреј Чочоски, Јана Велковска, Лора Стојановска, Теодора Стоевска

Текстот е изработен како дел од Мастер часовите за медиуми и новинарство, кои ги организираа Институтот за комуникациски студии и ИРЕКС во рамките на УСАИД проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.