Повик за средношколски камп за медиумска писменост 2024
Сакаш да научиш како да креираш мултимедијални содржини? Да снимаш и фотографираш како професионалец со мобилен телефон? Или од обичен клип да направиш атрактивно видео?
Пријави се на Кампот за медиумска писменост за средношколци што го организира Институтот за комуникациски студии (ИКС) од 22 до 26 јуни во хотелот „Изгрев“ во Струга.
Првите 30 средношколци кои ќе се пријават ќе имаат можност да учествуваат на петдневната програма за препознавање дезинформации и креирање медиумски содржини. Преку работилници и предавања, средношколците ќе научат како да препознаваат дезинформации, ќе научат техники на пишување новинарски текстови, снимање и фотографирање со телефон, монтирање видеа, употреба на вештачка интелигенција при креирање медиумски содржини и др. Во последните два дена тие ќе можат научените знаења да ги применат во пракса и под менторство на искусни медиумски професионалци да креираат различни видови на медиумски содржини. Овие содржини ќе бидат објавени на веб-страницата www.medium.edu.mk и на социјалните мрежи на ИКС.
Сите средношколци од втора до четврта година (во учебната 2024/2025) кои сакаат да научат како одговорно да креираат медиумски содржини може да се пријават за учество најдоцна до 10 јуни (понеделник) на копчето подолу.
ИКС ќе ги избере првите 30 пријавени учесници.
Кампот е бесплатен и ИКС ги покрива сите трошоци за патување и сместување.
Напомена: Во случај на повеќе пријавени од едно училиште, ИКС ќе одбере двајца средношколци од училиштето.
Кампот се организира трета година по ред во рамки на проектот „Користи факти“, со поддршка на Британската амбасада во Скопје и е дел од активностите на УНЕСКО Катедрата за писменост за иднината и медиумска и информациска писменост при ИКС.