Седма медиумска лабораторија во Свети Николе
Четриесетина ученици од светиниколската гимназија „Кочо Рацин“ учеа како се прави весник, како се пишуваат вести и што е улогата на новинарите во едно општество.
Александра Теменугова од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и новинарот Жарко Василевски од дневниот весник „Нова Македонија“ ги запознаа учениците со тајните на новинарството, како работи една редакција и кои се професионалните стандарди во оваа професија. Средношколците учеа и за тоа како да станат медиумски писмени граѓани и колку е важно тоа за едно здраво демократско општество. Преку вежби за пишување, самите ученици ја испробаа улогата да бидат новинари.
Овој настан се организира во рамките на проектот „Коалиција за медиумска писменост“, при што Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и дневниот весник „Нова Македонија“ секој месец ги посетуваат училиштата низ Македонија. Проектот за медиумската писменост финансиски го поддржува Европската Унија.