Активирај се | Создадено од вас |

Се врати од Бруклин во Дебар и досега освои 12 медали за карате

Бенет Марку е 16-годишен средношколец во средното училиште „Здравко Чочовски“ во Дебар. Дебар е родниот град на неговите родители, а тој таму живее од 2009 година. Неговото родно место, пак, е Бруклин, Њујорк – САД. Основното образование го започнал таму, на англиски јазик во „Rogers Park Elementary School”, а го завршил во Дебар откако решиле семејно да се вратат во Македонија. Денес тој е средношколец во втора година, а меѓу неговите врсници, но и сограѓани е познат како талентиран и успешен каратист. Зад неговото име досега има запишано 12 медали. Покрај каратето за кое вели дека му е како храна, негова пасија е и виолината, а вљубен е и во поезијата.

„Медиум“: Што те поттикна да се бавиш со спортот на боречките вештини, како што е каратето?

Бенет: Заслугите му припаѓаат на татко ми, бидејќи тој ме запиша во карате клубот „Уранику” кога имав само 7 години и оттогаш мојата страст за овој спорт не престана. За мене каратето е храна, ме држи во извонредна психо-физичка форма. Го обожавам!

„Медиум“: Кажи ни нешто за твоите успеси, си добил некој медал, кога и каде?

Бенет: Досега имам освоено 12 медали од кои осум бронзени, два сребрени и два златни медали, исто така имам и многу сертификати, дипломи кои зборуваат за моите учества на натпревари во и надвор од Македонија. Најголемиот успех во мојата кариера го имам постигнато на Меѓународната турнир во Призрен, Косово, каде освоив прво место и златен медал, а исто и на „Струга Опен” освоив прво место и златен медал.

„Медиум“: Колку часа ти требаат да посветиш на вежбањето и имаш ли услови за сето тоа?

Бенет: Условите се оптимални, вежбаме по два часа, три пати неделно, додека пред натпревари и повеќе од три часа со помош на тренерите Луан Ѓерѓи и Дурим Пачуку. Нивната помош ме направи професионалец и денес јас сум еден чекор до Црниот појас и посветен сум да ја постигнам таа цел.

„Медиум“: Освен материјалните услови, што, според тебе, му треба на еден спортист за да биде успешен?

Бенет: Клучот на успехот на еден спортист е да се биде посветен, сериозен во работата, дисциплиниран, со личен режим и скромен во секојдневниот живот, да се има почит за противникот и во ниту еден случај да не се потценува истиот. Самозадоволувањето и игнорирањето на спортистот му го губат епитетот на спортистот во целосна смисла на зборот, независно од тоа што спортистот до одреден момент го постигнал и може да му ја сруши целата негова кариера.

„Медиум“: Освен карате, во Дебар си познат и по твоите други таленти. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за останатите твои ангажмани?

Бенет: Освен спортот вежбам и на два музички инструменти, меѓу кои е и виолината. Меѓутоа не сум постигнал некое високо ниво на изведување, исто така и поезијата е уште една моја страст. Од основото училиште имам објавено лични творби во списанието на училиштето како и на некои веб-страници и се уште пишувам. Мислам дека многу скоро ќе ја објавам мојата прва книга со поезија со различни мотиви.

„Медиум“: Дали учествуваш во културно – уметнички активности во твоето училиште?

Бенет: Секогаш сум учествувал во настаните што се организираат во нашето училиште, а најмногу благодарение  на мојата професорка по литература Арјета Јани која ги идентификува и поддржува новите таленти во нашето училиште. Таа постојано ме  охрабрува и ме поттикна, на пример, да бидам дел од минатогодишната програма по повод Патронатот на училиштето на која изведував поезија со патриотски карактер. И оваа година сум избран како нјадобар изведувач и пак ќе се претставам пред дебарската публика со извонреден материјал и се надевам дека публиката убаво ќе ме пречека.

„Медиум“: Кои се твоите планови за иднината?

Бенет: Сега сум фокусиран на сето тоа што го кажав досега, сакам да продолжам со училиштето, со каратето, а за плановите понатаму, можам да кажам дека размислувам да студирам медицина.

А.Ј.