Адвокатката од градот на калинките
Лејла Рајкова по професија е дипломирана правничка, но во исто време е и земјоделка, па често знае веднаш по завршувањето на канцелариските работи, да оди на пазар да продава калинки. Таа исто така ги прави и највкусните слатка од овошја и сé што може да се замисли во една зимница. Според неа, потребно ни е општество во кое секој ќе си го добие тоа што го заслужува, правичност и неселективност затоа што секој еден е важен за општеството.
Која е Лејла Рајкова? Кој беше пресвртниот момент во животот да станете адвокатка?
Правниот Факултет во Скопје беше моја единствена желба. Правото и правдата се она што отсекогаш сум го сакала. По завршувањето на Правниот факултет веднаш почнав со волонтирање во aдвокатска канцеларија во Скопје, за во 2012 година да го положам и правосудниот испит. Адвокатурата е многу убава професија, благородна професија со која им помагаме на луѓето во решавање на нивните проблеми. Не може да се опише чувството кога на вашиот клиент кој e „неука странка“ која бара помош од вас, да му помогнете и да му го решите проблемот што го има. Адвокатот учи додека е жив, никогаш не престанува постојано треба надградба и учење, затоа што промените се секојдневни.
Што е она што најмногу го цените во животот и што би сакале другите да го знаат за Вас преку Вашата работа?
Живееме во многу тешко време, човековите вредности се подзаборавени, но јас се трудам да останам пред сè човек, искрена, праведена и добронамерна во своите постапки. Многу е важно да го сочувате вашиот углед, авторитетот и интегритетот затоа што една погрешна постапка може да ве чини многу во животот. Потребно ни е општество во кое секој ќе си го добие тоа што го заслужува, правичност, неселективност, затоа што секој еден е важен за општество. Ако немаме земјоделци, ќе немаме храна, ако немаме сточари ќе немаме млечни производи, ако немаме архитекти ќе нема кој да гради, ако нема наставници ќе нема образование, ако нема работници ќе нема стопанство… Значи секој еден е важен во ова општество и на секој треба да му се даде шанса за почеток. Јас не се откажувам, одам понатаму со уште многу нови идеи и зацртани цели за уште поголем успех во иднина.
Како Ве менува интеракцијата со луѓето на пазарот во споредба со клиентите во судницата?
Судницата е место каде се борам и давам сé од себе за клиентот кој го застапувам. Клиентите се најважни за мене, секогаш сум искрена и директна во моите настапи, работите секогаш ги кажувам директно без задршка, затоа што сметам дека искреноста е многу важна, кога на својот клиент ќе му објасните какви се работите навистина. Но, јас како адвокат треба да најдам решение кое е најдобро за мојот клиент во дадената ситуација.
И интеракцијата со луѓето на пазарот е исто така директна и непосредна. Едноставно работата што ја работам и на двете полиња ме исполнува, секојдневно учам нешто ново, споделуваме искуства и се трудам на крајот од денот сè да биде позитивно.
Како изгледа еден типичен ден во Вашиот живот?
Адвокатската канцеларија работи секојдневно во нашиот град Валандово во работни денови. Еве сега е периодот на калинката, така што секојдневно после работа се подготвува сок од калинка, се прави слатко од овошјата кои ги има овој период: дуња, тиква, киви… Постојано има работа ако се има желба. Мене не ми е проблем да работам, едноставно уживам и ме исполнува. Физичката работа го исполнува човекот, го задоволува телото на човекот, а ја наградува душата со смиреност. Дали има нешто поубаво од тоа денот да ви заврши со некое приготвено домашно слатко кое ќе ве потсети на некои убави времиња?
Што би им порачале на помладите генерации?
Имам многу што да им кажам, но најважно од сè е да знаат дека животот е постојана борба, никогаш не треба да се откажуваат од ништо доколку госакаат. Можеби треба малку повеќе да се потрудат, но никогаш да не се откажуваат. Само човек кој се откажува не успева во животот. Да изградат цврст карактер кој ќе им биде многу силно оружје низ животот. Да учат, да се надоградуваат затоа што знаењето никој не може да им го земе. Да бидат мудри затоа што само мудри луѓе носат добри одлуки во животот. Да изградат свој став и да си останат доследни на самите себе. Угледот, авторитетот и интегритетот мора да го зачувате. Бидете свои, единствени, упорни и истрајни. Вашиот личен успех е ваше најголемо богатство!
Автори: Лили Митрова и Марија Атанасова, ученички во СОУ„Јосиф Јосифовски“- Гевгелија