Активирај се | Создадено од вас |

Актерството ми е повеќе од хоби

feat-img

Тоа што во актерските води запливал уште од мали нозе и во својата биографија запишал многу улоги во разни претстави прави актерството за него да е нешто повеќе од хоби.

herojot od mojata ulica 1258Го смета за своја професија. Николај Павловски е ученик во втора година во средното општинско училиште „Перо Наков“ во Куманово и без разлика на тоа што му остануваат уште цели две години од неговиот средношколски живот, веќе го избра неговото идно занимање. Сака да се занимава со актерство кое, вели, е неговата прва љубов, му дава енергија. Тој е член на драмското студио „Детски свет“ при Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје.

Во училиште, пак, е претседател на младинската заедница. Во слободно време преработува сценарија, пишува проза и подготвува своја збирка раскази, а како рецитатор учествувал на многу општински, регионални и државни манифестации.

Кога и како се впушти во актерските води?

Уште кога имав пет години по дома почнав да ги имитирам ликовите од цртаните и играните филмови, од сериите и забавните програми што се емитуваа на телевизија. Родителите ги забележаа моите афинитети и почнаа да ме водат на претстави во театрите во Скопје и Куманово. Се сеќавам кога во Куманово се одржуваа Денови на комедијата и гостуваше претставата „Г-ѓа министерка“ од Македонскиот народен театар. Кога заврши претставата со мајка ми отидовме да се сликаме со актерите, тогаш ја видовме актерката Магдалена Ризова-Черних која ни кажа дека води драмско студио во Македонскиот културен центар во Скопје. По неколку години, кога имав 13, дознавме дека тоа студио сѐ уште постои, но дека е во рамките на МНТ. Отидовме, се запознав со неговите членови и со асистентите. Веднаш почнав да учам за општите правила за театар, за движењето на сцена итн. По само неколку месеци дојде и мојата прва претстава, беше по повод Нова година и се викаше „Снежната кралица“, а ја режираше актерката Снежана Конеска-Руси. Оттогаш, па сѐ до денес јас сум во актерските води. Таму се пронаоѓам.

herojot od mojata ulica 4258Што повеќе те привлекува, театарското или филмското актерство?

За мене актерството е задоволство, тоа е мојата прва љубов, драмата ме исполнува и ми дава енергија. Театарското е многу поразлично од филмското, затоа што тоа се случува сега, во моментот пред вас, тоа е реално дејство. Ако и се допаѓате на публиката таа ве наградува со аплауз, а кога нешто не е в ред чувствувате и сами. Тоа што се случува на една претстава не може до најситен детаљ да се повтори и во наредните изведби, тука е многу важна и импровизацијата, затоа што преку неа се постигнува адреналинот. Ако се разбирате на сцената и тоа добро го изведете, делот со импровизирањето најверојатно ќе биде и најуспешниот дел од претставата. Секогаш е така. Токму затоа што има додавање или исфрлање и треба да си снаодлив, не секој може да се занимава со оваа професија. За разлика од театарското, во филмското актерство една сцена може да се врати неколку пати, може да се снима едно исто сѐ додека не се постигне резултатот што се бара. Тоа останува засекогаш и не може да се смени.

Која улога што си ја играл ти е најдрага?

За еден актер сите улоги се важни, од најмалите до најголемите, од статист до главен лик во претстава, затоа што тоа е негово сопствено дело. Но ако треба да издвојам улоги кои повеќе ме истакнале тоа се Достоевски од „Бедни луѓе“ и ликот на Подземниот од истата претстава. Исто така, во Народниот театар од Куманово најпрепознатлив сум по улогата на Ристо Тодоровиќ од претставата „Г-ѓа министерка“.

На кој македонски актер најмногу му се воодушевуваш?

Ние имаме многу квалитетни и одлични актери. За мене такви актери се Магдалена Ризова-Черних, Дарија Ризова, Александар Микиќ, Сашко Коцев, Емил Рубен, Дејан Лилиќ, Владо Јовановски, но пред сѐ Никола Ристановски, Игор Џамбазов, Томе Витанов и, се разбира, Снежана Коневска-Руси. Тоа се моите фаворити и за мене тие претставуваат вистинско уметничко богатство.

herojot od mojata ulica 5258Како ти го разбираш актерството, како хоби или како професија?

Јас го сметам како моја професија. Мислам дека по толку многу време занимавање со него веќе не претставува само хоби, туку прераснува во нешто позначајно и поголемо. По завршувањето на средното образование планирам да конкурирам на некој од драмските факултети во Скопје, Софија или во Белград.
Кои се твоите најголеми поддржувачи?

Ги има многу, почнувајќи од пријателите, професорите од основно и од средно, фамилијарните пријатели, роднините. Но најголемите мои поддржувачи, а во исто време и најголеми критичари се моите родители.

Колку младите во Куманово доаѓаат во театар?

Мислам дека до пред некое време нивниот број беше мал, но во последниот период можеме да видиме сѐ повеќе млади во публиката. Мислам дека младите во Куманово полека почнуваат да ги зголемуваат своите културни и образовни вредности, стануваат свесни за вредностите на театарот, операта, балетот, музиката, филмот итн.

Многубројни се улогите во неговата биографија

Средношколецот од Куманово може да се пофали со низа улоги од претставите во кои учествувал. Кога го прашавме да ни каже барем дел од нив, во еден здив успеа да наброи десетина. Меѓу нив се двете улоги, на Кралот и на Змијата, кои ги глумел во различни изведби на претставата „Снежната кралица“, а ист е случајот и со „Г-ѓа министерка“, каде што се појавувал во улогите на г-дин Нинковиќ и на Ристо Тодоровиќ. Во неговата листа влегуваат и улогите на адвокатот Ивковиќ од „Народен пратеник“, Волшебникот и Царот во „Волшебникот“, Столе во „Женско царство“, Достоевски и Подземниот во „Бедни луѓе“. Исто така, тука се и чорбаџи Теодос од „Чорбаџи Теодос“, газда Митке во „Коштана“, Кемал Ататурк во „Балканот не е мртов“, Ромео во „Ромео и Јулија“, аџи Трајко во „Бегалка“, Пеѓа во „Еврејска манифестација: Колку јазици зборуваш за толку луѓе вредиш“ и други.