Активирај се | Создадено од вас |

Аномалија на модерното време

feat-img

Живеејќи во ова модерно и брзо време, живеејќи во 21 век, постојано сме подложни на промени, но истовремено и пливаме во море од норми кои ни се наметнуваат и од нас се очекува шаблонски да ги исполниме.

Се прашувам зошто мора да е така? Зарем сите треба да бидеме пиони на кои ќе им се одредува местото на „шаховската табла“?
Дали треба да си дозволиме времето и општеството да ни наметнуваат на кое поле ќе застанеме и како ќе ги перципираме другите?

Шетајќи по кејот, речиси секое попладне таму среќавам еден бездомник. Тој секогаш седи сам, на истата клупа и чита книга. Чита. Не се сеќавам кога јас или некој од моето опкружување последен пат седнал покрај езеро за да прочита некоја страница.

А бездомникот, и покрај тоа, секогаш во нашите ограничени перцепции добивал етикети само поради неговиот надворешен изглед. Никогаш не сме ги забележале неговите тегоби и не сме се запрашале за неговите грижи.

Тука е и човекот што седи со гитара во рацете, свири и ги пее стиховите од безвремената „Don’t worry, be happy“ („Не грижи се, биди среќен“). И оваа слика ти поставува милион прашања, а едно од нив е како тој, и покрај сите маки, успева да ги развесели минувачите, а ние сме толку ограничени?

Една приквечерина седнав во негова близина, не зборувавме, молчевме. По неколку минути тој стана, забележа дека ја слушам неговата музика, па затоа пред да замине ми проговори:
„Дете, забележани или не во овој свет, еден ден сите заминуваме од него. На крајот сите сме исти“.

АВТОР: Климентина Ѓоршовска, Гимназија „Свети Климент Охридски“ – Охрид