Активирај се | Создадено од вас |

Бетмен Велит: Никогаш не одев со готов состав на писмена по Македонски

feat-img

Ако се спомене името на дипломираниот архитект Богдан Илиевски ретко кој ќе знае за кого станува збор. Но, ако се каже Бетмен Велит, тогаш ретко кој нема да знае дека тој е еден од најпуларните македонски „твитерџии“. Горд е на себе поради тоа што е еден од пионерите на глобалната акција за поттикнување на свеста за машкото здравје „Моември“ во Македонија, а од средношколските денови има само убави спомени. За читателите на „Медиум“ Бетмен раскажува за средношколскиот живот и им велит дека никогаш не одел со готов состав на писмена работа по Македонски јазик.

Медиум: Што е Бетмен по професија и што точно работи?

Бетмен Велит: Дипломиран инженер архитект. Тоа е онаа професија во која некогаш за да преживееш мораш да заборавиш се што си учел. За среќа, не го работам тоа, туку се обидувам да правам нешта кои малку повеќе ја галат душата. Претежно ентериери, проектирање и изведба. Ја чекам мојата златна зграда.

Медиум: Ти си еден од поддржувачите на „Моември“, што е актуелно месецов? Како Македонија е вклучена во оваа глобална акција за поттикнување на свеста за машкото здравје?

Бетмен Велит: Прво и без лажна скромност, јас сум еден од пионерите на оваа акција кај нас, за што ми е ептен ќеиф особено што од година во година гледам се повеќе мустаќлии во ноември. Второ и поважно, џабе пионерлакот ако не се зафати димензијата која оваа акција треба да ја има. Затоа, сите други се поважни од оној кој почнал меѓу првите, особено во време кога грижата за машкото здравје е баш баук и луѓе си умираат тотално непотребно од немукает или од мислење дека имаат големи тестиси, не препознавајќи дека станува збор за канцер. Македонија се информира се повеќе, донира на глобално ниво и добива назад од локалните доброчудни клиники кои делат ваучери за бесплатни прегледи на простата и тестисите. Уште да се научи Македонија да оди на лекар, и ќе има многу поголеми шанси за оздравување.

betmen-velit2Медиум: Дали според тебе, Твитер е корисна работа и позитивно влијае за развивање на критичкото мислење кај младите?

Бетмет Велит: Еве една споредба: Моември е корисен и си го има своето позитивно влијание за оние кои се активираат и ја следат каузата на месецот на машкото здравје. За оние кои се незаинтересирани може да е само еден тмурен ладен месец во кој дишеме загаден воздух и чекаме да дојде декември за да кажуваме како ни е преку глава од тоа да не прашуваат „каде за нова година?“. Загаден воздух има и на Твитер за оној кој си е мераклија на гадливост. Чист свеж воздух кој е добар за здравјето има за оние расположените за критичка мисла, а таквите луѓе имаат предиспозиција која често токму медиум како Твитер може да ја активира. Во пола реченица: и струјата е штетна ако брцнеш прсти во „штекер“.

Медиум: Каде заврши средно и каков беше како средношколец?

Бетмен Велит: Јас сум охриТски екс-патрид. Учев во гимназијата „Св. Климент Охридски“, природно-математичка насока. Како средношколец бев среќен. Одлични оцени во дневник, одлични мали и големи одмори, одлични сендвичарници во близина кога се губи час или кога часот те губи тебе. Одлични пријателства кои мислиш дека ќе траат вечно, па после мислиш дека не биле премногу специјални пријателства, а всушност имаш погрешна идеја за тоа што е вечноста. Не знам каков бев ко средношколец, прашајте ја класната и генерацијата. Делев ужинка со другарчињата, прашував кога не знам прашање на тест и никогаш не доаѓав со готов состав на писмена работа по Македонски јазик. И пеев во хор. И радио направивме, на мали и големи одмори. Супер, супер денови.

Медиум: Раскажи ни некоја интересна случка, анегдота од средношколските денови.

Бетмен Велит: Нема да ви раскажам ништо посебно. Цело средно е анегдота само по себе. Плус, оние најинтересните моменти е преубаво да ги доживееш, а тешко ќе ги оживееш со неколку редови текст. Си остануваат во главата. Затоа, очите отворени, умот спремен. И домашна редовно да пишувате.

betmen-velit1Медиум: Кога станува збор за разликата во генерација, што е сменето во денешниот средношколскиот живот во споредба со времето кога ти беше средношколец?

Бетмен Велит: Немавме Фејсбук на школо? Сериозно, не го знам денешниот средношколски живот за да го споредам со моето време во средно. Веројатно денес поубаво се облекуваат децата, зашто конечно и кај нас отворија „Зара“.

Медиум: Која би била твојата порака до средношколците?

Бетмен Велит: Некој стикер на вајбер со содржина „Него давајте името“, онака, да пробие лед. После стикерот и една текстуална, ПОПИСМЕНА порака: „Ама прво откриј како се викаш“. Сериозно, пораката е да бидете љубопитни. И да не крадете РАМ меморија од „компјутерите за секое дете“.

Репортер: Катерина Смилева, студентка на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста