Четврт естетика и табу што молчи
Јана Костовска, СУГС „Никола Карев“, Скопје
– Мајсторе, средна!
И, одвај некако возачот на автобусот, и покрај замислениот поглед кој беше врзан за некоја лична проблематика, го запре автобусот на автобуската станица. Тргнав кон училиштето, каде што ме чекаше реализацијата на седумчасовниот распоред оптоварен со две писмени и едно испрашување по биологија.
По таа помисла згазнав во една дупка на тротоарот во која нема ден да нѐ згазнам, а кога почувствував болка во зглобот на десната нога, на брзина седнав на блиската клупа, вперувајќи го погледот во дупката. Дури и мајка ми се сеќава на таа дупка и вели дека ја памети уште од времето кога се симнувала тука за да оди на блиското пазарче. Погледнав уште еднаш кон дупката и за миг забележав дека во неа има пластично парче од шише на производ што од поодамна не се произведува. Си помислив: „Зар е можно? Зар толку години местото се мете само со помош на ветрот?“ Мојата поетска имагинација за миг ми се претвори во глобална слика врамена во уметноста на „цивилизираниот“ менталитет на современиот човек: нафтена депонија на површината на морето, пластични шишиња на бреговите на мирните реки, умрени риби во мрежите на „цивилизираните“ загадувачи, исчезнување на растенијата на островите со тропска и медитеранска клима.
Ми поолесни, па си реков да си продолжам, зашто имаше уште половина час до започнувањето на училишниот ден, а и морав да си купам нешто за јадење. Уште пред да дојдам, викнав: „Бурек со месо!“ На брзина бев услужена и брзајќи се доближив на дваесетина метри до еден човек што одеше пред мене и јадеше нешто што беше завиткано во иста онаква хартија во каква што беше завиткан мојот бурек. Си помислив дека и господинот пред мене бил муштерија на истото место на кое и јас си го скратував животот со мрсниот впечаток на вкусната традиција на пропаста.
По некое време возрасниот, кој ќе да имаше седумдесетина години, ја стутка и ја фрли хартијата на тревникот, продолжувајќи понатаму кон целта на неговото патување. Наеднаш моето вистинско „јас“ се претвори во молк.
Забрзав, а кога стигнав до фрлената мрсна хартија на која имаше трошки од бурек, застанав и го задлабочив погледот во психологијата на комплексната природа на она што се нарекува остаток од хомо сапиенс од 21 век. Врз костурот на сенката од денешниот човек беше закачена цела филмска лента од документирана перцепција на стварноста: отсуство на чиста почва, вода и воздух, зголемување на физиолошките растроени особености на растенијата, пораст на хронични болести како: астма, бронхитис, респираторни инфекции, кардиоваскуларни болести, аритмија, болки во градите, недостиг од здив. Во кутрата фрлена хартија ги видов сите погани атрибути што се врзуваат за дефиницијата за човекот.
Погледнав во мобилниот телефон, па кога видов дека за кратко време ќе почне првиот училиштен час, поитав кон улицата што требаше да ја поминам. Застанав на пешачкиот премин, стаписана и вџашена: на сред пешачкиот премин лежеше телото на човекот што пред малку ја фрли хартијата во тревникот, а до него, на половина метар, нервозно молчеше автомобилот кој го удрил. Од главата на господинот се цедеше црвената историја на сегашноста: тоа беше крвта на сообраќајниот метеж на неизвесноста. Она што последно го забележав на мртвиот беше парче сирење на усните, од последниот оброк – бурек со сирење. Веднаш потоа го фрлив мојот бурек со месо, сметајќи дека тоа јадење се стреми да ја стави последната точка во автобиографијата. Од утредента во моето целодневно мени имаше само овошје и зеленчук, и тоа 90 отсто, колку што упатуваат сите познати нутриционисти. И, ете така, сѐ може да се смени во животот на човекот, ама навиката за редовно застанување на автобуската станица кај некои возачи – никогаш!
– Мајсторе, средна!