Активирај се | Создадено од вас |

Да ги помириме книгата и Интернетот

feat-img

Тијана Атанасовска, СОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Неготино

Секојдневно слушам жалби од љубителите на пишаниот збор за изгубениот интерес на младите кон книгата. Сите зборуваат дека „проблемот“ е популарноста на Интернетот и неедукацијата на младите. И како по обичај, секој зборува за проблемот. Никој не помислува на решението кое најчесто ни се наоѓа пред нос.

Јас како дел од, според мене, најранливата категорија – младите, мислам дека возрасните во нас гледаат можност да ги поправат сопствените грешки. Се обидуваат да ни го покажат правилниот пат без разлика колку е здодевен. Ние, пак, го бараме најзабавното за да се посветиме на исполнување на целите, а книгите се чини дека за мојата и за новите генерации не спаѓаат во интересниот дел. Поинтересно ни е она што можеме да го најдеме „онлајн“.

Зарем не би било добро да се направи комбинација од едукација и забава? Или можеби веќе постои?! Сметам дека мал дел слушнале за електронска библиотека. Тоа е наједноставната ризница која можеме да ја носиме в џеб. Со една таква библиотека нема ни да се најдеме во ситуација некој да позајми книга и да заборави дека воопшто ја зел, дека таа постои. Секоја чест за умните глави кои го искористуваат Интернетот и за оваа работа.

 Секако дека виртуелното катче за коешто зборувам има и свои лоши страни. Недостасува мирисот на хартијата, кој мене лично ме исполнува со секое вртење на листот. Како што секој дом има карактеристичен мирис, истото е и со книгите. Недостасува допирот со прстите до печатот и „полудувањето“ во ситуациите кога ја губиш страницата до која си застанал.

Меѓутоа, тоа е дигиталната ера. Нема враќање назад. Мора да ја следиме „модата“ ако сакаме да бидеме во тек. Барем ние младите новите работи ги прифаќаме брзо. Затоа, зошто и дигитализацијата да не ја свртиме во наша полза? Зошто својата мисла да не ја развиваме и преку сајбер-просторот?

Можеме, бидејќи помирувањето на двете „завојувани страни“ – компјутерите и книгите зависи од нас. Нивниот сојуз би ни бил од голема корист.