Активирај се | Создадено од вас |

Да се наречеш медиумски писмен

feat-img

Стефан Митиќ, СУГС „Орце Николов“, Скопје

Како средношколец, се пријавувам за обуки, работилници, проекти и кампови од причина што сакам да запознаам и да се дружам со истомисленици, сакам да се надоградам како личност, да го развијам креативниот дух и да научам нешто ново. Летниот медиумски камп организиран од Високата школа за новинарство и односи со јавноста го постигна тоа. Кампот, иако краток, успеа да ни го долови професионалниот ангажман и предизвиците со кои се соочува секој новинар.

Себеси да се наречеш медиумски писмен во ова модерно општество, каде на секој чекор се пласираат лажни информации е тешко. Благодарение на кампот, јас и уште 29 средношколци од цела Македонија можеме да се наречеме така.

Преку целодневна работа, во рок од 4 дена, заедно со одлични предавачи, ние научивме како да создадеме фотосторија и научивме како да создадеме ТВ емисија – да снимаме, монтираме и да пренесеме информација на гледачите.

Предавачите успешно ни го пренесоа своето знаење со практични и интерактивни вежби, што е всушност најважно, затоа што таков начин на едуцирање не се добива на училиште.

За тие 4 дена, се ослободивме и го прикажавме нашиот целосен потенцијал. Се истакнавме како квалитетни средношколци кои се навистина посветени и ја завршуваат својата задача. Се зближивме и станавме  пријатели, кои со помош на социјалните медиуми ќе го продолжат своето пријателство и понатаму. Оддалеченоста не нè спречува.

Сфаќаме и прифаќаме во каков свет живееме. Свет во кој доколку си внимателен, посветен и искрен ќе успееш. Доколку не си, само ќе мислиш дека си успеал.