Да си одам – да ми биде поубаво!?
Христина Христовска, 2-3, СУГС „Орце Николов“
„Сакам да заминам од тука“ и „Сакам да живеам во странство“ се едни од најупотребуваните реченици на младите во нашава земја. Зарем не е тажно тоа што денес секој гледа да замине од нашава татковина, а во минатото гледале да се изборат за неа?
Тоа што младите кои сакаат да останат и се уште можат гордо да кажат дека ја сакаат оваа земја, скоро и да го нема. Да сакаш да заминеш и да заборавиш каде си пораснал, каде си го поминал детството и каде си станал човек. Да ја бараш среќата надвор од својот дом, подалеку од околината во која си го поминал детството, младоста – за многумина најубавиот дел од животот, да заминеш од луѓето кои те правеле среќен, семејството, да побегнеш од моментите кои се убави спомени, од сопствените корени.
Тажно е тоа што оваа држава на овој или оној начин некако сама ги протерува младите и тоа што тие под „убав живот“ го подразбираат заминувањето од тука. Но, не сме ние виновни за тоа што не гледаме никаква иднина тука. Никаква среќа, ниту пак успех. Некои би се запрашале кога би заминале од тука, кога би успеале во она што го сакаме, кога би си ги исполниле соништата, збогатиле знаењата, зголемиле искуствата, зошто по некое време не би се вратиле за тоа да го споделиме со останатите тука, најмногу со помладите генерации. Можеби затоа што во денешницава мотивот за успех е да се гледаш само себеси.
Па тоа речиси сите и го практикуваат, а желбата за помош на другите, за споделување знаења и искуства за понатамошна корист за сите, љубовта кон својата земја веќе како и да не постои. Можеби затоа што ако сега не гледаме иднина во средината во која живееме, каква иднина ќе гледаме во неа по неколку години кога ќе го завршиме образованието, ќе дипломираме или магистрираме и докторираме на некој универзитет во светот. Многумина од моето опкружување размислуваат само за тоа – како и каде да се замине. Дали е тоа полесниот пат? Да се спакуваш и заминеш и да не се вратиш. Или, потешкиот – да се школуваш, бориш, сонуваш во некои други, туѓи и непознати средини.
Но, некако се чини најтешка е токму таа непознаница – дали оваа држава има шанси за подобра иднина и дали ние како млади имаме шанси во таа држава или ќе бараме иднина во непознатото, а привлечно – зошто да не – сакаме да заминеме и живееме во странство. Потреба, мода или тренд – да си одам одовде за да ми биде поубаво!?