Активирај се | Создадено од вас |

ДА за родова рамноправност

feat-img

Јана Станоеска, професорка во СУГС „Браќа Миладиновци“ – Скопје

Кога ќе седнеш да пишуваш за средношколски весник како што е „Медиум“, навистина треба да подзастанеш и размислиш околу прашањето: Што е она што би ги интересирало нашите ученици? Темите како технологија, едукација, интернет, забава, се редовни на нивното мени. Па затоа решив во мартовскиот број да „сервирам“ нешто што се заборава, а добро е постојано да го имаме на ум – родова рамноправност.

Различното однесување, желбите и потребите на жените и мажите кои се подеднакво важни се дел од дефиницијата за родова рамноправност. Имплементирањето на родовата еднаквост подразбира целосно претставување и партиципација без разлика на родот во сите сфери на животот како што се социјалната, економската, политичката и културната. Тука мора да се спомене проектот на Обединетите нации за Милениумските развојни цели како и Европскиот институт за родова еднаквост основан во 2007 година. На овој начин се утврдува и зацврстува постоењето на родовата еднаквост насекаде низ светот. Се формираат се повеќе тела, организации, комитети кои зборуваат за родовата рамноправност, за сузбивање на дискриминацијата на сите нивоа и за потребата од постојано образување.

До овој момент постојат многу научни достигнувања, телекомуникациски усовршувања и безброј изуми. Би било одлично ако светот ниту еднаш не се запраша дали тоа го сторил маж или жена. Единствено да се заблагодари за стореното затоа што само на тој начин човештвото ќе се развива во вистинскиот правец. Постојат капацитети за запазување на родовиот концепт, но мора континуирано и напорно да се работи за да се постигне она што го поседувала Шведска во 80-тите години на 20-от век.