Дали македонскиот образовен систем го пресретнува онлајн животот на учениците?
Теодора Кожуваровска, СОУ „Јосип Броз Тито“, Битола
Медиумите се развиваат многу брзо, така што ние сме под нивно влијание уште од првите години од нашиот живот. Тие се наоѓаат насекаде околу нас, дома, во автомобилот, на улица, во училиштата, а навикнувањето на нив се случува брзо и неприметно. Неспорно е влијанието на медиумите на образувањето и културното збогатување.
Влијанието на медиумите речиси можеме да го изедначиме со влијанието на воспитно-образовните институции. Тие понекогаш се позначајни образовни институции и од самото училиште, бидејќи го надминуваат во обемот на публика, времето и интересирањето кое го посветуваат на таа публика, како и во разновидноста на содржините кои ги нудат. Факт е дека денешните деца се социјализираат на сосем поинаков начин од своите родители. Електронските медиуми доминираат во нивните животи од повеќе причини. Тие придонесуваат во изедначување на социјалните карактеристики на корисниците, бидејќи кога слушате радио, гледате телевизија или сурфате на интернет, никој не може да го одреди нивото на вашето образование, материјалната состојба, семејните односи, условите на живеење и слично(на училиште тоа го знаат и професорите и учениците) и што е најважно немате страв од педагошки санкции кои се својствени за традиционалното училиште.
Но, дали сите знаеме или имаме учено како да ги конзумираме медиумите?
Во нив може да се нудат содржини со дискутабилен квалитет, оправдани само со фактот дека имаат неверојатна гледаност. Мора да се почне со перманентна едукација на децата кои сега се во основните и средните училишта. Нашето општество се соочува со последиците од директното влијание на медиумите врз јавното мислење, на формирањето на вредности, навики, авторитет и општоживотниот стил на децата.
Сега треба тука да се вклучат просветните работници. Тие треба да се посредници меѓу медиумите и учениците во периодот на нивното запознавање со медиумите, советници при изборот на видот на медиум кој што им е потребен за одредена цел, како и начинот на употреба на истиот.
Битолската гимназијата „Јосип Броз Тито“, каде што учам и јас, ја има таа среќа медиумски од ден на ден да биде сѐ пописмена. Да се пофалиме:
Оваа година нашата гимназија, на меѓуучилишниот средношколски натпревар, беше проглсена за медиумски најписмено училиште во Битола. На 18 декември 2013 година, во гимназијата излезе првиот е-весник, E-око. Досега се направени 12 е-весници, а последниот е објавен на 22 ноември оваа година.
Медиумите и образованието треба да се во симбиоза која ќе резултира со поквалитетно образовани генерации кои во иднина ќе се носители на подобро и подемократско општество.