Активирај се | Создадено од вас |

Дали младите го „апдејтираат“ македонскиот јазик?

feat-img

Ако, некогаш, за да кажеме ‘скали’, ‘улица’, ‘пекол’, ‘шлаканица’, ‘ѓавол’, сме ги користеле турцизмите ’басамаци’, ‘сокак’, ‘џенем’, ‘шамар’, ‘шејтан’, денес младите во својот секојдневен говор сè повеќе користат англиски зборови во секојдневната комуникација

Како резултат на забрзаната глобализација, во македонскиот, но и во другите јазици, сѐ поприсутни се изразите од туѓо говорно потекло, т.е. туѓите изрази и странската лексика. Со 1,5 милијарди луѓе кои зборуваат англиски јазик, разбирливо е дека англискиот е јазикот што најмногу се зборува во светот. И токму од него останатите црпат огромен број зборови, како резултат на неговото навлегување преку индиректното влијание на технологијата, интернетот, медиумите, а за младите, најмногу преку социјалните мрежи како Тик Ток и Инстаграм.

Пиксел, инбокс, сурфа, принта, арт дизајнер, таргет-група, кетеринг-услуги, ивент, но и зборови како бармен, бестселер, хепенинг, саундтрак, блокбастер, спам, фоловерс, како и нивните глаголски изведенки, конектира, таргетира, фоловира, лајкнува, скрола, шерува, се само дел од енормно големиот англиски речник со кој младите секојдневно го „апдејтираат“ нашиот јазик.

Мајчиниот во сенка на англискиот јазик

Сѐ повеќе помладите генерации внесуваат голем број англизми во нашиот јазик, кои ги употребуваат прекумерно, како во меѓусебниот говор така и во меѓусебното (до)пишување. Сѐ почесто се среќава и кратење на ваквите „внесени“ зборови и фрази при допишувањето, како: lol – laugh out loud, aka – also known as, nvm – never mind, btw – by the way, idk – I don’t know, tnx – thanks, omg – oh my god, pls – please, rn – right now, DM – direct message, jk – just kidding, idc – I don’t care, но и во целосната нивна форма како што се и: kiss, girl, bye, hi, hello, no problem, no offence, ok, okay, boys, bro. Ваквиот проблем со вклученоста на англискиот јазик се продлабочува и кога вршиме извитоперување на англиските зборови така што ги запишување со кирилично писмо, како што се: јес – yes, хај – hi, хелоу – hello, бејби– baby, тенкс – thanks, акаунт – account, со цел да му дадеме живост на говорот и личниот израз.

Така, македонскиот јазик, со секоја нова генерација, се губи во сенката на англискиот. Од друга страна, јазикот е жива материја, подложна на голем број измени, како нормален процес за еден јазик. Но дали е ваквата промена добра?

Професорката Марија Кулакова, професорка по Англиски јазик во штипската гимназија „Славчо Стојменски“, преголемото користење на англискиот јазик кај помладите генерации го гледа како меч со две острици, меѓу кои треба да постои баланс, а оние кои најмногу се служат со тој меч и го касапат мајчиниот јазик се инфлуенсерите, кои имаат големо влијание врз младите.

„Англискиот јазик, особено американскиот англиски, има големо влијание во светот, особено во медиумите, културата и бизнисот. Затоа, разбирањето англиски јазик може да им овозможи на учениците поголема комуникациска способност и поголема можност за успешна интеракција со луѓе од различни култури. Но, следењето на јазичните трендови е меч со две острици. Од една страна, може да помогне во развивање свој стил на комуникација и да ги подготви учениците за идни социјални ситуации. Од друга страна, пак, слепото следење на трендови може негативно да влијае, односно да се изгуби индивидуалноста на ученикот. Затоа е многу важно да постои некој баланс во следењето на трендовите и задржување на индивидуалноста во секој поглед. Додека пак, пример за тоа како не треба да се прави се т.н. инфлуенсери, кои буквално го касапат македонскиот јазик. Наместо да кажат ‘всушност’ или ‘впрочем’, тие користат зборови како, на пример, actually, што е навистина неприфатливо“, објаснува професорката Кулакова.

Велат „Во младите е иднината“, но нашите млади како сѐ повеќе да го избегнуваат и сѐ помалку да го користат мајчиниот јазик со неговите правила, што и не е некоја „светла“ иднина за нашиот јазик. Средношколката Ангела Стојанова од втора година вели дека едноставно растеме со англискиот јазик, па можеби и најголемиот проблем е тоа што го изучуваме паралелно со македонскиот јазик.

„За жал, англискиот јазик се користи сѐ повеќе од година во година, особено од младата популација. Англискиот јазик го изучуваме од основно образование, па натаму. Така, уште од мали сме ’задоениʻ со граматиката и правописот на англискиот јазик. Јазикот почнува да се изучува во исто време кога го учиме и кирилското писмо. Младите, на некој начин, се принудени да ја употребуваат правилно лексиката на англискиот “, вели Ангела.

Често, младите ги гледаат македонските зборови како архаизми, како застарени зборови кои полека но, за жал, сѐ поизвесно, добиваат замена, а таквата замена се наоѓа во странскиот јазик, конкретно во англискиот. Со ова се согласува и професорката по Македонски јазик и литература во СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ во Штип д-р Наташа Лазарева, која најголемиот проблем со „собирањето“ англизми од страна на младите го согледува во дигитализацијата, но и во подоброто снаоѓање на младите во англиската лексика отколку во македонската.

„Ситуацијата во поглед на користењето и нарушувањето на македонскиот јазик е повеќе од алармантна. Конкретно, станува збор за секојдневното користење на англизмите кои младите ги прифаќаат без размислување за последиците. Во тие моменти кога ги користат мислат само на брзото снаоѓање во комуникацијата, што значи дека доаѓа ера кога тие побргу се снаоѓаат во англиската лексика отколку во македонската. Тука немаме скриени причини или некои политички цели, туку причината е јасна – станува збор за ера на дигитализација каде што англискиот јазик ни е пласиран како единствен, а децата и младите се принудени да го усвојат за да можат полесно меѓусебно да се разберат и да се социјализираат во тој дигитален свет“, вели професорката Лазарева.  

Но, за професорката Кулакова, како „убиец“ на македонскиот јазик, не е само проблемот со дигитализацијата; таа ја наоѓа поголемата вина во образовниот систем.

„Социјалните мрежи, брзиот технолошки развој не се единствените виновници за тоа што младите постојано се изразуваат користејќи англиски зборови. Како еден од главните виновници е и образовниот систем и целокупното општество во кое живееме. Како учениците да сакаат да го зачуваат нашето, македонското, кога училиштата немаат учебници, а некаде училиштата се во супстандардни услови? Не може да очекуваме младите да го зачуваат и да го негуваат македонскиот јазик и сѐ што е македонско, кога тие иднината ја гледаат некаде во странство, затоа што татковината не им нуди добра иднина“, објаснува професорката Кулакова.

Невозможно е да се изолираме од глобализацијата

Влијанието на англискиот јазик, секако, е најголемо преку социјалните мрежи. Но, дали само таму е единствениот проблем? Дали користењето на англискиот јазик, веќе и во секојдневна употреба при каква било неформална комуникација, е некаков вид на „тренд“ меѓу младите?

„Проблемот не е во заемките за коишто во македонскиот сè уште немаме соодветни зборови, проблемот мислам дека започнува при користењето на зборови од англискиот јазик како замена за наши, веќе постоечки зборови. Сигурно е тренд меѓу младите, но на секој тренд секако ќе му дојде крајот. ‘Вината’ ја гледам во технологијата, бидејќи во моментов англискиот е јазикот на глобалната комуникација и од оваа глобализација, особено преку напредната технологија, невозможно е да се изолираат младите и нивниот сленг на комуникација“, вели Елена Соколоска, студентка на Катедрата за македонски јазик од Филолошкиот факултет при УГД Штип и победничка на XII Ораторски вечери на УГД.

„Треба да го искористиме овој тренд во полза на македонскиот јазик и да изнајдеме начин како да го промовираме неговото правилно користење и зачувување, смета професорката по Англиски јазик Марија Кулакова, која ни дава една сосема поинаква перспектива за зачувувањето на македонскиот јазик.

Проблемот со преземањето зборови од англискиот јазик може да биде делумно поврзан и со немањето соодветен превод за одредени зборови, особено во сленгот што тинејџерите најчесто го користат. Со ова се согласува и професорката по Англиски јазик Лазарева и дополнува дека младите едноставно не сакаат да го знаат македонскиот превод.

„Тоа, во голема мера, е резултат што младите едноставно не сакаат или не знаат да го користат македонскиот превод. Еве, на пример, за зборот ‘селфи’, кој е релативно нов збор, нашите јазичари измислија соодветен превод, ‘самослик’. За жал, овој македонски превод не се користи и секаде наместо зборчето ‘самослик’ се користи ‘селфи’“, посочува професорката Лазарева.

Како резултат на ова, во денешно време е забележителен еден негативен тренд на незнаење на македонскиот јазик, пропуст кај младите којшто најмногу се забележува во слабиот фонд зборови. Така, на часовите по Англиски јазик, наместо да го учат англискиот јазик, тие го учат македонскиот.

„На моите часови често ги охрабрувам учениците да го пронајдат значењето и преводот на некој непознат збор според контекстот. Тие немаат проблем да го разберат значењето на зборот, туку проблемот е во пронаоѓањето соодветен превод на македонски јазик, па најчесто одговорот е: ‘Знам што значи, но не знам како да го кажам на македонски’“, дообјаснува професорката Лазарева, која смета дека е важно да се прошират јазичните вештини, но исто толку е важно да се прошири и да се зачува употребата на македонскиот јазик во секојдневната комуникација.

За тоа не може целосно да ја префрлиме вината на светските трендови; во голема мера проблемот лежи и во образовниот систем и во целокупното функционирање на општеството.

Со 3.000 турцизми во македонскиот јазик, ние, во секојдневниот говор, несвесно ги користиме, без да знаеме дека се туѓи зборови. За време на петвековното владеење на Османлиите, турскиот јазик имал и извршил големо влијание врз македонскиот, па така и самите промени кои настанале во нашиот јазик се неизбежни. Што се случува со навлегувањето на англискиот јазик? Според Елена Соколоска, начинот на којшто навлегуваат зборовите е различен, но и во ситуацијата и со турскиот и со англискиот – навлегувањето е неизбежно.

„Времињата се менуваат. Додека навлегувале турските зборови во јазикот, никој не бил свесен дека по некое време ќе навлегуваат, на друг начин, други зборови од друг јазик. Сега ние не сме свесни кој јазик и на каков начин ќе повлијае врз нашиот за стотина или двесте години“, вели Соколоска.

Од ова може да заклучиме дека некој ден, нашите внуци ќе се чудат на странските изрази кои ние денес ги употребуваме, исто како што ние им се чудевме на нашите баби и дедовци кога ќе слушнеме турски збор. Едноставно, немаме друг избор освен да се навикнуваме на промените.  

Автор: Даница Левкова, ученичка во СОУ „Славчо Стојменски, Штип