Активирај се | Создадено од вас |

Даниел Шијаковски, со лопата во рака исфрлаше кал од поплавени домови

feat-img

Три дена поминати во Ченто и во Стајковци, работејќи доброволно на терен и помагајќи им на семејствата да се справат со штетите од поплавите кои го зафатија Скопско на 6 август оваа година.

Ова е еден од најсилните спомени по кои Даниел Шијаковски ќе го памети неговиот последен летен распуст како средношколец. Тој е матурант во скопската гимназија „Орце Ников“ и вели дека ова била прва волонтерска акција во која учествувал, но се надева дека не и последна. За нејзиното организирање дознал преку Фејсбук, веднаш се пријавил и наредниот ден веќе бил на терен. Го распоредиле во тим и заедно со неговата екипа помагале во две-три куќи дневно, во зависност од штетите.

– Тоа што го видов таму засекогаш ќе ми остане во сеќавање. Мислев дека такви нешта има само на филм. Имаше куќи кои речиси беа полни со кал. Работата, искрено, беше многу тешка, имаше ситуации кога не можевме калта да ја вадиме со лопати, бидејќи беше премногу леплива, па моравме со рацете да ја „одлепуваме“ од подот, но не ни очекувавме нешто поинакво, и некако сѐ беше полесно знаејќи зошто го правиме сето тоа – вели Даниел.
Во просек, вели, од еден дом исфрлале по два мали камиони кал. Кога го прашавме како му поминувал еден ден на терен, најпрво кратко ни одговори: „Немав време за ништо друго, буквално ќе си дојдев навечер дома, легнував да спијам и наутро пак на терен“.

Кон местата погодени со поплавите тргнувале во девет часот. Кога ќе пристигнеле веќе биле опремени со лопати, чизми и маски.

– Организаторите ни ги кажуваа адресите на куќите и не се враќавме додека домаќините не нѐ избркаа – низ смеа ни одговори средношколецот, додавајќи дека имало и случаи кога тие со лопати во раце не можеле да исчистат сѐ, била потребна механизација за целосно да се исчисти калта, но секогаш гледале да помогнат колку што можат.
Семејствата на кои им помагале, како што сведочи, ги пречекувале со насмевка и благодарност, правеле сѐ што можат за да им ја олеснат работата.

– Секоја куќа беше одделна приказна и нема да заборавам ниту едно од семејствата на кои им помогна мојот тим. И тие како и јас беа изненадени од тоа колку луѓе работеа доброволно за да помогнат во чистењето на куќите. Како поминуваше денот, се собираа сѐ повеќе луѓе од сите возрасти. Беше многу убаво да се види како и стари и млади, од која било етничка припадност, доаѓаа заедно да помогнат за да сите луѓе погодени од поплавите си го вратат животот во нормала – раскажува средношколецот.

Приказната за бабата што си го барала кучето е онаа што тој најмногу ќе ја памети. Два и пол часа, му раскувала, водата ѝ го носела кучето. Утрото таа тргнала да го бара, одела секаде каде што соседите ѝ кажале дека брановите го носеле нејзиното милениче.

– Ни самата не знае како издржала да продолжи да го бара, но на крај го пронашла и сега го чува во голема куќарка која ја направиле некои волонтери што биле таму пред нас – сподели Даниел.
Добро завршената работа, вели, се должи и на одличната организација, а некои од организаторите биле и Демијан Хаџи-Ангеловски и Павле Погоевски, кои им обезбедиле превоз, опрема итн.
Разговорите за тоа што треба да се направи, дека во Македонија повеќе не постои човечност и сл. му биле главна провокација да се вклучи во волонтерската акција.

– Мене лично поплавите многу ме погодија, бидејќи иако не живеам во близина на тие населби, имам многу блиски луѓе таму на кои сакав да им помогнам на кој било начин – додава тој.volonter11

Пред да се пријави за акцијата и да отиде на поплавените места, неговата соученичка Симона Туфегиќ прва го насочила кон волонтерските активности, па со две другарки помагале и во распределувањето на донациите, како храна, хигиенски средства итн.

Со гумени чизми и со лопата во рака на терен, вели, не сретнал никој од своите соученици, па им порачува кога ќе можат нека помогнат и нека покажат дека хуманоста сѐ уште „дише“ меѓу народот.
Од лекцијата на овој тридневен „час по волонтерство“, како што сведочи, видел колкав може да биде импактот од една ваква трагедија не само врз градот туку и врз целата држава.

– Имаше волонтери кои доаѓаа од сите краеви на Македонија, од различна етничка припадност. Но во тие моменти сите бевме исти. Не беше важно дали си Македонец или Албанец, дали имаш 17 или 40 години. Тука си со една цел и нема да застанеш додека не ја завршиш работата – вели Даниел.

Деновите во Стајковци и во Ченто, како што кажа, сигурно ќе му бидат едни од највпечатливите од средношколските распусти. Од училишните клупи и ходници, пак, како што вели, сигурно ќе ги памети дебатите во кои учествувал, анегдотите и лапсусите за време на часовите, како и тренирањето кошарка. Додека во оваа последна учебна година како средношколец заедно со другарите и соучениците ќе ги збогатува спомените со нови, нашиот соговорник ќе размислува и што по завршувањето на средното образование. Засега, вели, амбициите му се насочени кон студирање на Електро-техничкиот факултет.

Александар Самарџиски